Досега дарежливо финансираните проекти од страна на УСАИД истовремено се оквалификувани како расипништво од страна на новата администрација во САД, откако со следење на текот на парите беше забележано дека Америка во периодот од 2020 година до крајот на минатата година инвестирала 1,7 милијарда долари во помош за т.н. Шестка на Западен Балкан. Во четиригодишен период, наводно, повеќе од 500 милиони долари му биле дадени на Косово, околу 400 милиони долари на Босна и Херцеговина, речиси 300 милиони долари на Македонија, над 200 милиони долари на Србија, повеќе од 180 милиони долари на Албанија и над 70 милиони долари на Црна Гора
Трагата на парите на УСАИД за Југоисточна Европа (ЈИЕ) допрва се открива
Непринципиелното креирање мислења преку тенденциозни медиумски известувања со искривени наративи, спроведено со финансирање медиуми под закрила на УСАИД, беше целосно разоткриено при неодамнешниот пад на американската агенција за странска помош. Тоа се случи со извршната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп, со која беа укинати над 90 отсто од договорите за странска помош на УСАИД, а која стапи во сила на 27 јануари.
Досега дарежливо финансираните проекти од страна на УСАИД истовремено се оквалификувани како расипништво од страна на новата администрација во САД откако со следење на текот на парите беше забележано дека Америка во периодот од 2020 година до крајот на минатата година инвестирала 1,7 милијарда долари во помош за т.н. Шестка на Западен Балкан, која ја сочинуваат Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Србија и Косово, поддржувајќи граѓански организации и државни институции, но и разни проекти – од оние за човекови права и медиуми до проекти за енергетска ефикасност.
Гренел: Непромислено потрошени пари
Во четиригодишен период, наводно, повеќе од 500 милиони долари му биле дадени на Косово, околу 400 милиони долари на Босна и Херцеговина, речиси 300 милиони долари на Македонија, над 200 милиони долари на Србија, повеќе од 180 милиони долари на Албанија и над 70 милиони долари на Црна Гора. Многу од организациите во овие земји се официјално известени дека сите тековни проекти се стопирани на три месеци, додека не заврши периодот на евалуација.
Затоа и не чуди изјавата на Ричард Гренел, специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна соопшти дека „милијарди долари им се дадени на левичарски невладини организации“ за спроведување политики во странски земји.
– Вредните Американци плаќаат даноци – политичарите во Вашингтон ги трошат тие пари непромислено. Милијарди долари дадени на левичарски невладини организации за да спроведат радикални политики во други земји – напиша Гренел на социјалната мрежа Икс, споделувајќи објава во која се споменуваат наводните трошоци на УСАИД на Западен Балкан.
Кој најмногу се офајдил во Македонија?
Во македонската јавност се појави и список на проекти финансирани од УСАИД. Некои од нив се завршени, додека други се во тек, со временска рамка за затворање најдоцна до 2028 година. Еден од пообемните проекти финансирани однадвор, почнат во април минатата година, а кој треба(ло) да се спроведува до април 2028 година, е „Граѓани против корупција“, со вредност на донацијата/странската помош од 4.798.478,07 долари. Како крајни корисници на донацијата се наведени: Македонски центар за меѓународна соработка, со износ на доделени средства од проектот во висина од 1.751.209,17 американски долари; Здружение на граѓани Центар за граѓански комуникации (ЦГК) Скопје, со износ во висина од 512.102,14 американски долари; Институт за демократија Социетас цивилис – Скопје со износ на доделени средства од проектот во висина од 416.407,94 американски долари; Стопанска комора на Македонија – 499.998,48 американски долари; здружение на граѓани Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) Скопје – 655.310 американски долари; друштво за аудио и видеопродукција 360 степени ДОО Скопје – 501.167,61 американски долари; здружение на граѓани Балканска истражувачка репортерска мрежа Скопје – 417.291,72 американски долари.
Но прв на листата на УСАИД сиве овие години, од 2016 до денес, е проектот „Продукција на телевизиски програми ‘360 Степени вју’“, во вредност на донацијата од 1.444.270 американски долари, во периодот од 9 септември 2016 до 8 септември 2019 година, за кој како спроведувач (имплементатор) на проектот е наведено Друштвото за аудио и видеопродукција 360 Степени ДОО – Скопје, а одговорно лице за реализација на проектот е Васил Попетревски, како директор на друштвото.
Уште еден медиумски проект од тој период, 23 септември 2016 до 22 септември 2018 година, е „Топ тема на ваша страна“, во вредност на донацијата од 813.509 американски долари. Како спроведувачи на проектот се наведени ТВ Телма и Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Меѓу поамбициозните односно поскапите проекти поддржани од УСАИД е оној на УСАИД Македонија за граѓанско учество C-1676, со вредност на донацијата од 1.191.546,99 американски долари, спроведуван од 2016 до 2021 година, за кој како краен корисник се наведува фондацијата „Отворено општество“ – Македонија (ФООМ), а за одговорно лице за реализација на проектот била определена Фани Каранфилова Пановска, извршна директорка на фондација „Отворено општество“ – Македонија (ФООМ), актуелна заменик-претседателка на партијата СДСМ.
„Проект за меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО)“, со вредност на донацијата 5.853.000 американски долари, е исто така еден од проектите за кои УСАИД била подарежлива, а се спроведувал од април 2017 до април 2022 година.
Исто така, за издвојување е дека се замрзнуваат активностите на проектот „Младите активно создаваат можности (ЈАКО)“, со вредност на донацијата од 6.999.998,33 американски долари, кој започнал на 1 февруари 2023 година, а требало да заврши на 31 јануари 2028 година. Како спроведувач на проектот е наведен субјектот – Унапредување на економиите, за посилни заедници од САД, подружница Скопје.
Натаму, незавршен останува и проектот „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“, со вредност на странската помош од 6.428.379 американски долари, кој започнал на 25 јануари 2021 година, а предвиден бил за завршување на 24 јануари 2026 година. Спроведувачи (имплементатори) на проектот се: Кардно Емергинг Маркетс САД, Лтд, преку Кардно Емергинг Маркетс САД, Лтд – претставништво Скопје; Центар за развојни политики ИДЕАС ДеПо Скопје; друштво за услуги „Консалтинг за стратешки развој“ доо – Скопје; Центар за економски анализи Скопје „Милениум партнерс консалтинг (Millennium Partners Consulting, LLC).
Потребна темелна контрола на проектите финансирани од надвор
Згора, податоците што ги изнесе новата американска администрација, проверувајќи ја документацијата на УСАИД, јасно покажуваат дека во Македонија, од 2012 до 2014 година, истурени се огромни пари со кои требало да се креира атмосфера за потпишување на Преспанската спогодба. Во Грција се истражува поврзаноста на фондацијата „Отворено општество“ на Џорџ Сорос со УСАИД и нивното влијание преку поранешниот македонски премиер Зоран Заев за постигнување на контроверзната Преспанска спогодба меѓу Македонија и Грција. Грчкиот весник изнесува податоци, според кои, фондацијата „Отворено општество“ во Македонија во периодот од 2012 до 2016 година добила речиси пет милиони долари, кои требало да бидат искористени за „дестабилизација на тогашната македонска влада и за поставување нова влада што би била пофлексибилна за постигнување договор за промена на името на државата“.
Токму затоа Македонија треба да подготви своја бела книга за дејностите на УСАИД во земјава, односно темелно и детално да го провери финансирањето од надвор. Оттука, постои и предлог на експерти за формирање специјална група чија задача би била да ги испита сите замешателства финансирани со американски, но и со европски пари. П.Р.
Балкански невладини организации останаа во небрано без парите од УСАИД
Голем број невладини организации на Западен Балкан (вклучувајќи ги и поддржуваните од УСАИД) останаа без извор на финансирање откако американскиот претседател Доналд Трамп ненадејно ја замрзна странската помош од САД на три месеци, наведуваат американски медиуми. По наредбата на Трамп, замрзнати се сите програми и грантови што користат странска помош без одобрување од државниот секретар на САД. Само програмите за хуманитарна помош што спасуваат животи треба да продолжат со работа, се наведува во одговорот на УСАИД за „Асошиејтед прес“.
Судот го запре натамошното блокирање на УСАИД
Федерален судија ја блокира администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да преземе какви било дополнителни чекори за затворање на Американската агенција за странска помош (УСАИД). Во пресудата, судијата Тиодор Чуанг рече дека напорите предводени од Одделот за владина ефикасност (Доуџ) за затворање на агенцијата веројатно го прекршиле американскиот Устав „на повеќе начини“.
Чуанг му нареди на Доуџ да го врати пристапот до компјутерските и платните системи на УСАИД за вработените, вклучувајќи ги и оние што беа пратени на принуден одмор. Судијата исто така одлучи дека отказите за вработените во УСАИД треба да престанат, но не нареди враќање на вработените што претходно биле пратени на принуден одмор. Пресудата беше донесена во случајот поведен во име на 26 неименувани вработени во УСАИД.