Фото: Маја Јаневска-Илиева

Колку и да се обидуваат домашните политичари поинаку да ги прикажат работите, употребувајќи наратив од типот дека проширувањето само што не се случило и дека се гледа на хоризонтот, суровата реалност уште еднаш без никакви дипломатски ракавици и задршки ја претстави холандскиот премиер Марк Руте, чиј став и натаму останува конзистентен дека не треба да се лицитира со датуми и рокови за проширувањето, туку секоја земја мора да се посвети исклучиво на внатрешните реформи

ЕУ со јасни и недвосмислени пораки од состанокот во рамките на Берлинскиот процес

Проширувањето на Европската Унија ќе се случи во оној момент кога земјите-кандидати ќе ги спроведат неопходните реформи, а во меѓувреме она што треба да го прават е меѓусебно да соработуваат регионално на сите полиња.
Ова беше главната порака што ЕУ ја испрати на состанокот во рамките на Берлинскиот процес што се одржа во Тирана, јасно демонстрирајќи дека проширувања, ако воопшто ги има како што ги имаше во досегашниот формат, ќе има тогаш кога ќе одлучи Унијата, а не кога посакуваат кандидатите. Во меѓувреме Брисел нуди финансиска помош и пристап до единствениот европски пазар како сатисфакција за тоа што не може да вети проширување во скоро време. Финансиското врзување оди во иста линија со плановите за Европска економска и политичка заедница, со што би требало да се формира двостепено европско тело и форма на алтернатива за полноправно членство.
Колку и да се обидуваат домашните политичари поинаку да ги прикажат работите, употребувајќи наратив од типот дека проширувањето само што не се случило и дека се гледа на хоризонтот, суровата реалност уште еднаш без никакви дипломатски ракавици и задршки ја претстави холандскиот премиер Марк Руте, чиј став и натаму останува конзистентен дека не треба да се лицитира со датуми и рокови околу проширувањето, туку секоја земја мора да се посвети исклучиво на внатрешните реформи.
Со други зборови, без реформски процеси, Македонија едноставно самата ќе си го резервира столчето во чекалницата на ЕУ, без оглед дали ќе направи или не уставни измени, односно дали ќе ги внесе или не Бугарите во Уставот. Уставните измени ќе овозможат само одржување меѓувладина конференција на Македонија и ЕУ, фотографирања меѓу македонските и европските челници, убави зборови за некаква европска иднина и ново замирање на евроинтегративниот процес на подолг рок.
Причините за тоа треба да се бараат исклучиво кај домашните политички елити, кои упорно одбиваат да започнат со реформски процеси оти знаат дека секоја реформа е болна и влијае врз нивниот политички рејтинг. Затоа се одолжува со реформите и се владее исклучиво со популизам, само да се задоволат личните и партиските интереси, но не и државните и оние на граѓаните. Пораката од Тирана несомнено за Македонија ќе значи ново вето, овој пат европско, не затоа што не ги направила уставните измени, туку затоа што продолжува да ги игнорира повиците за внатрешни реформи. И натаму нема владеење на правото, политиката е навлезена длабоко во сите правосудни пори, корупцијата и криминалот дополнително се стимулираат со носењето на измените на Кривичниот законик, институциите и натаму се партизирани и нефункционални, постојано се злоупотребува европското знаменце, законите не се имплементираат, здравството е во кома, образовниот систем произведува необразовани кадри, а економијата тоне сè подлабоко во амбисот во кој ја влечат лошите државни економски политики, кои наместо развој, креираат амбиент на дополнително казнување на успешните компании. Затоа и единственото нешто што го доби земјава на состанокот во рамките на Берлинскиот процес беа само охрабрувањата да остане на европскиот пат.

Професорката Мирјана Најчевска смета дека воопшто не сме се поместиле напред во реформите за воспоставување на владеењето на правото. Професорката во својот став ја соочува јавноста со суровата реалност констатирајќи дека „судската власт е под партиска команда“, дека „обвинителството е криминализирано“ и дека законодавниот дом „е составен од марионети“, „министрите не комуницираат со премиерот туку со претседателот на партијата“, а „мафијата има пуштено пипци во секоја пора на општеството“, и дека „неказнивоста продолжува на сите нивоа од власта“…
Познавачите на европските состојби се јасни во констатацијата дека ЕУ точно знае како да ги замолкне земјите-кандидати што и сами почнаа да испорачуваат датуми за членство.
– Очигледно на Брисел му здодеа земјите кандидати да лицитираат со датуми до кога би станале членки на ЕУ, па го употреби најмоќното оружје што му стои на располагање, побара сите да спроведат реформи ако сакаат напред бидејќи знае дека реформските процеси одамна се закочени. Европа сега вели ќе ви дадеме пари, ќе ве вклучиме во процесите, но проширувања ќе има тогаш кога ние ќе речеме. Во меѓувреме, ако и натаму се одложуваат реформите, нема напредување – објаснуваат некои од експертите запознаени со европските состојби.
Според нив, сега се гледа колку се илузорни инсистирањата за уставни измени кога сите други процеси во земјава, особено реформските, не ги задоволуваат европските критериуми за членство.
– Ваква каква што сега ни е државата, и 2050 година ни е далечна за зачленување, а не, пак, 2030-та. Не знам дали постои некоја политичка елита во земјава што вистински ќе се зафати со реформи, оти тука борбата за власт не е за подобрување на состојбите во државата, туку за лични бенефиции. Со таков ментален склоп на оние што ја раководат земјата, таа никогаш нема да биде посакуван кандидат за ЕУ – заклучуваат домашните експерти запознаени со европските состојби.