Објавен вториот повик за финансиски средства за инфраструктурни проекти за локалната самоуправа

Општините можат да аплицираат за добивање финансиски средства до 15 милијарди денари за проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, социјалната политика и образованието, според објавениот втор јавен повик за добивање финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти.
Право на учество имаат општините и општини на градот Скопје. Може да се аплицира со еден или повеќе инфраструктурни проекти. Апликативните формулари треба да се достават до Министерството за локална самоуправа, а проектната документација до ресорните министерства најдоцна до 30 април.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински на прес-конференција во Владата рече дека овој јавен повик е креиран во согласност со барањата на градоначалниците и во него има поволни услови. Тој очекува да се искористат планираните средства, затоа што, како што вели, општините имаат инфраструктурни проблеми.
– Новина е продолжувањето на рокот за апликација до 30 април, а олеснителна околност има и во делот на обезбедувањето на потребната документација што е неопходна за почнување на јавната набавка. Тоа е со цел да им се помогне на општините и да им се даде простор потребната документација да ја дообезбедат додека трае постапката. Овие две новини се по барања на градоначалниците – истакна министерот Перински.
Целта на јавниот повик е да се доделат средства за проекти што ќе придонесат за значајно унапредување на инфраструктурата во општините, со директно позитивно влијание врз економскиот раст и квалитетот на животот на граѓаните.
Распределбата на средствата ќе се врши врз основа на два критериума – резидентното население во општината во согласност со последниот попис и комплетна проектна документација потребна за почнување на јавната набавка. Н.М.