Претседателот на Собранието апелира ваквото однесување да не се повтори
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска на брифинг со новинарите коментирајќи го последното случување од пред два дена во Комисијата за европски прашање рече, дека не го оправдува однесувањето на претседателот на оваа Комисија Арбер Адеми, меѓутоа, според него, немилиот настан бил испровоциран.
– Немам надлежност да побарам одговорност, тоа се пратеници, а не службеници. Поуката е дека тоа не смее да се случува во Собрание, а нема да се случи доколку тој што е пратеник си седи на место, рече Џафери, додавајќи дека инцидентот не го предизвикал Адеми, туку, како што рече „тие кои отидоа на говорница и кои го искорнаа микрофонот“.
Џафери истакна дека иако Адеми даде објаснување, сепак оцени дека тоа не е добро да се случува.
– Никој не треба да реагира така, ни власта, ни опозицијата. Тој е поединец, не оправдувам, туку упатувам порака да не се повторува, да не се случува, а нема да се случи ако никој не испровоцира. Ова е Законодавен дом тие се пратеници и имаат индвиидуална одговорност, тоа се прописите – рече Џафери.
Според Џафери, настанот треба да се гледа во целина, а не само во „исечоци“. Тој информира дека имал средба и со европратениците и ги известил за инцидентот, им дал и интегрална снимка од собраниската режија за да ја оценат ситуацијата.
Прашан во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да се расправа за разговорите со Бугарија, Џафери рече дека при поднесување на иницијативата не е испочитувана процедурата за доставување на материјалот до соодветното тело.
– Пратениците на 24-ти пратиле заклучоци од Брисел до Комисијата за европски прашања. Фактички деловникот пропишува дека сите нешта се доставуваат преку претседателот на Собранието и таков материјал не сум примил, ниту е адресиран таков материјал до мене. Материјалот е адресиран директно до Арбер Адеми, кој не е надлежен да споделува материјал, кој е дојден до него. Според Деловникот сите материјали се доставуваат до претседателот на Собранието, кој веднаш, најдоцна до три дена треба да го прати до пратениците и да почне законодавната постапка. На самата седница може да се дополни дневниот ред, но материјалот треба да е дојден до мене, да ја добие постапката, процедурата да се почитува – нагласи Џафери.
Во однос на денешната седница за пратенички прашања и за утрешната поднесена интерпелација за него, Џафери рече дека очекува атмосферата да биде парламентарна, без оглед кој ќе биде видот и начинот на поставување на прашањето.
– Не очекувам да има никаков проблем, по однос на редот во пленарна сала. Утре истоветно, зошто би имало проблем, кога интерпелацијата се однесува на мене, рече Џафери.
Одговарајќи на прашање околу изјаснувањето на пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи, дали припаѓа на мнозинството или опозицијата, Џафери рече дека штом во поднесената изјава дека се изјаснува како независен пратеник, како што рече, „по дифолт испаѓа дека тој припаѓа на мнозинството“.
– Тој се изјасни дека излегува од партијата Алтернатива и од дента кога ми пушти писмо, тој се изјасни како независен пратеник во смисла дека веќе не почитува партиски одлуки од Алтернатива. Фактот што не се изјасни по однос на мнозинство или опозиција, значи останува официјално во мнозинството, бидејќи не се изјаснил по тој статус. Тој само се издвоил – заклучи Џафери.