Реалноста меѓу некритичкиот ентузијазам за прифаќање на сите неевропски услови на ЕУ за Македонија и крајната цел – полноправно членство на земјава во Унијата, отвора многу прашања и дилеми, кои се мултиплицираат со одолжувањето на целиот процес. Оптимистичкиот наратив што се пласира во македонската јавност, а кој треба да ги покрие сите претходни разочарувачки искуства со изневерени ветувања од ЕУ и меѓународната заедница, е дека (уште) со овие уставни измени веднаш започнуваат преговорите со Унијата, очекувани и ветувани со децении. Но дали навистина така завршува евроинтегративната голгота на Македонија?
Не постојат кратенки или привилегиран статус за Македонија на патот до членството во ЕУ
Ферментирањето на Македонија за времето што го мина во чекалницата за почнување на преговорите, сега веќе се користи како одличен момент за нови барања и уцени од соседите-членки на ЕУ и форма на притисок – „да не се испушти и овој воз на проширувањето на Унијата“. Она што е парадоксално, ЕУ не покажува расположение за проширување, но тоа го „камуфлира“ со постојани нови условувања, надвор од нејзините сопствени декларирани копенхашки критериуми за проширување, а сѐ повеќе и со новите геополитички приоритети и предизвици, како војната во Украина.
Уставни измени и веднаш се отвораат кластерите? Вистина или ќе има нови услови?
Актуелната фокусна задача што ѝ е поставена на Македонија за ефективно започнување на преговорите со Унијата, односно отворањето на кластерите е „спроведување на уставните измени за Бугарите да добијат уставен статус во државава“!
Оптимистичкиот наратив што се пласира во македонската јавност, а кој треба да ги покрие сите претходни искуства со изневерени ветувања од ЕУ и меѓународната заедница, е дека (уште) со овие уставни измени веднаш започнуваат преговорите со Унијата, очекувани и ветувани со децении. Дали е тоа баш толку лесно?
Малинка Ристевска-Јорданова, експертка што уште од поставувањето на ЕУ како стратегиска определба на Македонија посветено работи на прашањата и предизвиците на евроинтеграциите, предупредува на стапиците од нови заблуди во кои може повторно да влета земјава.
– Постојано се кажува само ова да го направиме – и отворен ни е патот. Речиси, па, и членка ќе станеме, не само отворен туку и до крајот на патот сме стигнале. Значи, следната лага во оваа приказна е дека кога ќе ги усвоиме уставните амандмани, ние ќе ги отвориме кластерите. Тоа не е точно! Има тука уште меѓучекори. Кога ќе заврши тоа, дури тогаш почнува процесот. Прво треба да стигне извештајот од скринингот, па треба да се постават одредници (тоа се патоказите), па дури кога ќе се задоволат тие одредници, дури тогаш може да се отворат поглавјата. Значи, тоа се уште три-четири меѓучекори до отворањето на кластерите – појаснува Ристевска-Јорданова.
Македонија ја нема привилегијата да стане членка на ЕУ по скратен пат, со т.н. „политичка одлука“
Со сите досегашни премрежиња и уставни измени што ги направи Македонија како претпроцесни услови за да стигне до фазата на исполнување на официјалните критериуми за ЕУ, т.е. почеток на преговорите за членство, сепак и понатаму е на почетокот на „најдолгиот пат“ што ја очекува. Од сѐ досега, јасно е дека Македонија ја нема привилегијата да стане членка на ЕУ попреку, по скратен пат, со т.н. „политичка одлука“, како што станаа соседите што сега ја уценуваат, па ќе мора да ги мине сите скрининзи, процедури и проверки на преговарачкиот процес, со исполнување критериуми, кои во Брисел сакаат да ги нарекуваат „флуидни“. Експерименталниот момент во преговарачкиот процес на Македонија е што тој ќе се одвива според нова методологија на реверзибилност, односно кластерите нема да се затвораат до крајот на целиот процес и може да се врати назад процесот на усогласување по барање на секоја земја-членка. Владимир Дробњак, главниот преговарач на Хрватска со ЕУ, а сега советник на македонската влада за преговорите со Унијата, наведува дека всушност дури сега треба да се види како ќе функционира таа нова методологија на преговори.
– Станува збор за нова методологија, која досега не е тестирана во практиката. Всушност, дури сега треба да видиме како ќе функционира таа. Меѓутоа, ако внимателно ја читате преговарачката рамка, во неа стои дека ако сите одредници и сѐ што се очекува биде исполнето, процесот може да се забрза. Мислам дека преговарачката рамка е таква што ако не напредувате добро со одредниците – работата ќе се забави. Но ако сте многу добри, работата може и да се забрза. Главното прашање што го добивав како преговарач на Хрватска со ЕУ беше: Кога ќе влеземе во ЕУ? Тоа е единственото прашање на кое навистина никој не може да ви одговори. На пример, Хрватска ги отвори преговорите во 2005 година, а последните поглавја ги затворив во јуни 2011 година. Дури пред самиот крај на 2010-та, односно почетокот на 2011-та почна сериозно да се зборува за датум за влез во Унијата. Дотогаш ние навистина не можевме да одговориме на прашањето „кога“. Во оваа фаза не би било добро македонската јавност и политика да се фокусираат на датумот за влез во Унијата. Тој датум во овој миг е непредвидлив. Она на што треба да се фокусирате во овој миг се три работи: одредниците и нивното исполнување, политичкиот консензус и зајакнувањето на административните капацитети. Македонија има причини за оптимизам – кажа во едно интервју за македонските медиуми Владимир Дробњак.
Индивидуализација на преговорите со специфични одредници
Исто така, Дробњак укажува дека дури кога ќе заврши билатералниот скрининг по одредени поглавја, ќе имаме јасен увид во бенчмарковите т.е. одредниците што сѐ конкретно треба да исполни Македонија за да оди понатаму во одредени поглавја. Системот на одредници ги индивидуализира преговорите. Тоа значи дека одредниците што ќе ги добие Македонија ќе бидат поинакви во некои работи во одредниците што ќе ги добие Албанија, од одредниците што ги има Србија или Црна Гора. Токму тоа е една од важните специфичности на преговорите со ЕУ – индивидуализација на процесот преку одредниците. Кога сите одредници ќе бидат јасни, тогаш ќе имаме јасна слика колкав е всушност волуменот на преговарачкиот процес и што сѐ треба да се направи.
– Претпристапните преговори се многу комплексен процес, кој вклучува многу актери, теми и нивоа на кои се одвиваат. За да ги знаете сите скалила, треба тоа да ви е специјалност и одблиску да ги знаете сите тела, членки, нивни претставници, видливи и невидливи коалиции и како целата таа динамика ќе влијае на придвижување на процесот. Тоа е специфика на која некои експерти ѝ ја посветуваат цела кариера. Таквите експерти досега требаше да бидат консултирани и ангажирани за да ни ги подготват тимовите и да ги водат низ промените што ги претрпуваат претпристгапните преговори. Се сеќавате дека Франција иницираше промени во целиот процес, но помали промени има постојано, зашто тоа е доста флуиден процес, кој зависи од многу варијабли. Затоа мора да постојат структури и од наша страна што ќе следат, ќе се адаптираат и ќе знаат на кое ниво како треба да се игра оваа многу технички комплексна игра – вели Ида Мантон, советничка за решавање конфликти и меѓународни преговори.
Сите експерти наведуваат дека преговарачкиот процес е тежок и долготраен и навистина бара максимален ангажман, не само на сите во државната администрација туку бара целосен ангажман на целото општество и на политиката.