Фото: Пиксабеј

Метеоролозите веќе неколку дена предупредуваат дека во Македонија ни доаѓа сахарска прашина. Овој феномен е доста чест кај нас, доколку се земе предвид фактот што само пред некое време ја имавме истава појава. Веројатно за многумина не претставува ништо особено, меѓутоа добро е да се укаже на тоа какви последици остава и кои мерки треба да се преземат за заштита од него

Облак од прашина од пустината Сахара се движи кон земјава

На нашето прашање упатено до повеќе соговорници, експерти од овој домен – за тоа колку се штетни по здравјето на граѓаните сахарската прашина и ситните честички од кои таа е составена – тие велат дека станува збор за таков вид честички што не навлегуваат најдлабоко во дишните органи, но можно е некои повозрасни лица да почувствуваат одредени проблеми. Сепак, доколку појавата зачести, тогаш проблемите кај граѓаните може да се мултиплицираат. Што, всушност, значи тоа?

Концентрација на ПМ10-честички во сахарската прашина

– Сахарскиот прав е појава што е присутна над територијата на целата држава и тоа не се случува многу ретко. Кај нас се случува и неколкупати годишно. Како што е вообичаено, тоа значи дека ќе се зголемат концентрациите на ПМ10-честички и тоа ќе трае неколку дена. Концентрацијата на овие честички ќе биде зголемена над целиот Балкан – велат метеоролозите.
Нашите соговорници, експерти од оваа област, предупредуваат на неколку работи што граѓаните треба да ги имаат предвид за сахарската прашина, поточно за ПМ10-честичките од кои таа е составена.

  • Големина
    ПМ10-честичките се именувани по нивната големина – тие се помали од 10 микрометри. За споредба, човечкото влакно е широко околу 100 микрометри. И додека поголемите честички се задржуваат, на пример во носот, овие честички навлегуваат во белите дробови.
  • Состав на честичките
    ПМ-10 честичките можат да бидат со различен состав, а единственото нешто што им е заедничко е нивната големина. Тие се мешавина од прашина, но и чад, саѓи и киселина со тешки метали.
  • Квалитет на воздухот
    Кога концентрацијата на овие честички во воздухот е помеѓу 0 и 20 микрограми на кубен метар, велиме дека квалитетот на воздухот е одличен и е добар, додека не надмине 40 микрограми. Дозволени се до 50 микрограми, а над тоа велиме дека воздухот е загаден.
    Ако концентрацијата на честичките е над сто микрограми, велиме дека воздухот е многу загаден.
  • Многубројни здравствени проблеми
    Долг е списокот на здравствени проблеми до кои може да доведе вдишувањето на ПМ10-честичките. Може да доведе до апсорпција на токсични материи во крвта (на пример, цинк), до алергиски реакции, бактериски и габични инфекции, фиброза, респираторни проблеми…
  • Хируршката маска не помага
    Хируршките маски не помагаат во борбата против ПМ10-честичките, но наномаските се ефикасни. Сепак, наномаските не можат да се најдат во продажба.
  • Извори на загадување
    Постојат повеќе извори на овие честички – од термоцентрали до автомобили. Се разбира, има и природни извори, како што се шумските пожари и поленот. И пудрата за лице може да биде еден од загадувачите.

Што е тоа сахарска прашина?

Песочните бури обично се случуваат кога силни ветрови ќе подигнат големи количества песок и прав од голи и суви почви во сахарските предели. Правот што во форма на облак доаѓа од Сахара се состои главно од ситни парчиња минерали, кои порано биле карпи.
Откако ќе се ослободат од површината, честичките од прав се подигнуваат на повисоки нивоа во тропосферата со турбулентно мешање и конвективни нагорни струи. Тие потоа можат да се транспортираат долго време со ветрови, во зависност од нивната големина и метеоролошките услови, пред повторно да паднат на земјата. Просечниот животен век на честичките од прав во атмосферата се движи од неколку часа за честички со дијаметар поголем од 10 микрометри, до повеќе од десет дена за помалите.
Според анализа направена од страна на „Нешнл џиографик“, научниците одамна предупредуваат дека дишењето ситни честички не е добро за белите дробови. Постојат многу извори на нездрави фини честички, а најчесто тоа се изгорените фосилни горива и земјоделските загадувачи, кои го оптоваруваат воздухот со микроскопски ситни честички, кои потоа ги иритираат белите дробови.
Во една студија објавена во „Нејчр сустеинабилити“, научниците ги следеле ефектите на правот што доаѓал од местото Бодел во Чад, еден од најголемите и најистакнати извори на прав во светот. Правот од таа депресија е пронајден дури и на Гренланд и во Јужна Америка, а нејзините облаци се најгусти и најштетни во Западна Африка и во супсахарска Африка. Воздухот таму содржи толку многу прав што понекогаш е тешко да се дише.

Како се мери количеството сахарски прав во воздухот?

Сите овие видови мали суспендирани честички припаѓаат на групите ПМ10 и ПМ2,5, што се всушност честички помали од десет микрони и 2,5 микрони во дијаметар. Обично се користат за одредување на квалитетот на воздухот. Затоа и се користат кога ја има сахарската прашина во воздухот, бидејќи го намалува неговиот квалитет.
Правот во воздухот има тенденција да го намали целокупниот квалитет на воздухот за дишење, а особено влијае на ПМ10-концентрациите.
Токму затоа, кога е зголемено количеството на сахарски прав во воздухот, важат истите препораки како и кога воздухот е загаден од други причинители. Во такви случаи, на граѓаните им се препорачува носење заштитни маски и да се избегнува подолг престој на отворено.
Научниците следеле 15-годишни записи за влијанието на правот врз квалитетот на воздухот во заедниците на африканскиот континент. Откриле дека од концентрацијата на прав директно зависи дали новородено бебе ќе преживее една година. Во Западна Африка, ако правот го згусне воздухот за околу 25 проценти – дополнителни 10 микрограми прав на секој кубен метар воздух – веројатноста тоа бебе да преживее се намалува за 18 проценти.

Честичките поголеми од 10 микрометри се потешко вдишливи?

Сахарскиот правлив облак е концентриран систем за „испорака“ на фини честички што му штетат на човековото здравје. Опасностите од изложеноста на лошиот квалитет на воздухот се добро познати, особено ако изложеноста трае долго.
Она што е клучно, се големината на честичките од прав и потенцијалната опасност што ја предизвикуваат по здравјето на луѓето. Честичките поголеми од 10 микрометри се потешко вдишливи, така што може да ги оштетат само надворешните органи – најчесто предизвикувајќи иритација на кожата и очите и појава на конјунктивит, како и на носот и на грлото.
Но секојдневната или честа изложеност на ПМ10-честички, пак, може да предизвика сериозни здравствени проблеми, а кај некои и смрт. Кардиоваскуларни импликации, како аритмии, срцеви удари, астма и бронхитис се само мал дел од влијанијата што загадениот воздух ги предизвикува кај граѓаните.

Зошто се појавуваат сахарските облаци?

Главната причина за појавата на овие сахарски облаци се силни ветрови, но голем удел во нивната појава имаат луѓето и нивните (не)дела за да ги намалат и спречат климатските промени. Тоа може да одреди дали во иднина ќе има повеќе или помалку прав и дали ќе биде подебел или поредок.
Според Натали Маховалд, климатска научничка од универзитетот „Корнел“, зголемувањето на сахарскиот прав се случило во 20 век. Според неа, околу половина од зголемувањето е поради климатските промени, а другата половина е веројатно под влијание на зголемувањето на искористеноста на земјиштето во Сахара, бидејќи земјоделската и човечката експлоатација на земјиштата е зголемена.

[email protected]