Фото: Игор Бансколиев

Референдумот е највисокиот облик на директна демократија и како таков е предвиден во голем број устави во светот. Така е и во нашиот устав. Теоријата вели дека референдумот може да биде од областа на уставното право и законодавство, администрацијата, финансиите или од меѓународното право и односи. Токму последново, во актуелните настани и околности поврзани со францускиот предлог, е чекор на кој треба да му се обрати вистинско внимание

Одлуката за францускиот предлог да биде одраз на највисокиот демократски начин на одлучување

Актуализирањето на референдумското изјаснување на граѓаните го иницира најпрво редакцијата на „Нова Македонија“, во раните фази на лансирањето на францускиот предлог, инспирирана и поттикната од многупати досега пишувања и сведочења за страшните притисоци од меѓународната заедница врз нашите легални, но кревки државни институции. Токму таквите наши институции, во клучните моменти од поновата историја од осамостојувањето, за жал, потклекнуваа пред меѓународниот притисок.
Затоа, практикувањето на референдумот, инструмент што е највисок во демократското одлучување за прашања од извонредно висока важност за иднината на една нација и држава, е токму непосредната, директна партиципација на граѓаните и искажување на нивниот збор и избор, а не на нивните избрани претставници, кои многу полесно подлегнуваат на притисоците и нивниот став полесно се „моделира“.

Референдум да, но каков?

Како опција, референдумското изјаснување има различни форми и облици. На пример, според обврската на одлуката, таа може да биде обврзувачка (како што е предвидена во нашиот устав), а може да биде советодавна (како што минатиот референдумот кај нас беше незаконски и неосновано трансформиран).
Понатаму, по терминот на одржување, референдумот може да биде претходен или дополнителен (последователен), односно референдумското изјаснување на граѓаните може да биде пред или по предметниот настан за кој е организиран референдумот. Следствено на тоа, се подразбира дека не треба да се брза со никаква одлука и дека има доволно време гласот на граѓаните да стигне до меѓународната и пред и по евентуалната одлука на институцијата, каква и да е таа.
Теоријата за референдумот вели дека тој може да биде задолжителен и факултативен според обврската за одржување, а може да биде конститутивен или аброгативен, според дејството на одлуката.
Референдумот е форма на непосредна демократија, односно форма на директно учество на граѓаните во вршењето на државната власт и носењето политички одлуки. Граѓаните преку референдум се изјаснуваат (непосредно и тајно) дали се за или против одреден чин, политички или други одлуки што се веќе донесени или се планирани да се донесат.
Па така, ако навистина постои консензус дека не треба да се брза за донесување одлука во врска со францускиот предлог, и како што се сложуваат сите чинители во државава дека ако сме чекале толку време во чекалницата на ЕУ, тогаш за правилна одлука може уште малку и да се почека. Во тој случај, не треба да итаме и да донесуваме одлуки по некаква скратена постапка преку државните, сѐ уште фрагилни органи, при што ја игнорираме и дерогираме нашата постојна резолуција од Собранието, донесена по ова прашање.
Но кога веќе ја прифативме наметнатата игра однадвор, чесно и исправно е да ги исцрпиме сите инструменти на демократското одлучување. Референдумот како институција и Европа и светот го сметаат за врв на демократијата.
Така, со чисто, педантно составено референдумско прашање, без непотребни навивачки скапи кампањи, без притисоци, колективната совест ќе ни биде мирна пред историјата и пред себеси. Сами и сите заедно да одлучуваме за тоа, а не поединци и групи.

Референдумот би имал огромна тежина

Барајќи стручно толкување во врска со институцијата референдум се консултиравме се професорот на Правниот факултет во Скопје, д-р Борче Давитковски.
– Што се однесува до тежината на референдумот како институт, би го илустрирал тоа на примерот на договорот со Бугарија, кој е сега актуелен и гледам многу се зборува за тоа. Референдумот би имал огромна тежина.
Референдумот е една од основните форми на непосредна демократија, која се остварува во сите демократски земји. Во повеќето земји за да успее референдумот се бара 50 проценти од запишаните избирачи да излезат на изјаснување, а потоа се бара мнозинство од излезените. Но има и земји што прифаќаат и малку поинакви услови. На пример, го паметиме сите референдумот за името, кога немаше доволен одзив, но имаше мнозинство од тие што излегле што го поддржаа. Треба да се истакне дека постојат земји што го распишуваат при донесување битни акти за целокупното население, за потоа да речат „народот на референдум го изгласа“. Некои западни демократии тоа го прават дури и за изгласување доверба на Владата.
Но за референдумот кај нас не верувам дека нашите политичари би ја „кренале скалата толку високо“ – рече професорот Давитковски. Н.М.


Некои законски одредби во врска со референдумот

Според членот 6 од Законот за референдум, тој може да се распише за целата територија на Република Македонија, како и за подрачјето на општината, градот Скопје и општините во Градот Скопје (референдум на локално ниво). Право на гласање на референдумот имаат граѓаните што имаат избирачко право и се наоѓаат на Избирачкиот список (член 7).
Референдум на државно ниво распишува Собранието на Република Македонија. Според членот 23 од Законот, Референдум на државно ниво задолжително се распишува за усвојување одлука на Собранието за менување на границата на Република Македонија и на одлука за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави. Референдум на државно ниво може да се распише и за потврда на меѓународни договори, за одлуките донесени од Собранието, за прашања што треба да се уредат со закон, или за преоценување на закон што е претходно донесен. Така што постои претходен референдум, кој се однесува на одредено прашање што треба да се уреди со закон, и Дополнителен референдум, кој се однесува на преоценување на веќе донесен закон.
Граѓанска иницијатива на државно ниво се поднесува на иницијатива на 100 граѓани. Иницијативата за референдум на државно ниво се поднесува од овластен потписник со претседателот на Собранието, кој откако ќе утврди дали иницијативата е во согласност со членот 66 од Законот за распишување референдум, и во рок од три дена го известува овластениот потписник за заклучокот. Во случаи кога иницијативата е уредна, почнува постапката за собирање потписи да тече 20 дена по денот на доставување на известувањето од претседателот на Владата на Република Македонија до органот на државната управа надлежен за евиденција на избирачкото право. Предлагачот е должен граѓанската иницијатива на државно ниво да ја спроведе во рок од три месеци од добивањето на известувањето на нејзината уредност. Граѓанската иницијатива на државно ниво за поднесување предлог за распишување референдум се смета за поведена ако најмалку 150.000 граѓани со свои потписи ја поддржале иницијативата (член 71). Граѓанска иницијатива за предлагање за донесување закон се смета за поведена ако најмалку 10.000 граѓани со свои потписи ја поддржале иницијативата.