Гоце Делчев беше свесен оти конкретната тогашна ситуација во Македонија не трпеше шаблонска примена на научни погледи и револуционерни идеи, кои не одговараа на специфичните услови што тогаш беа присутни во Македонија. Токму поради тоа, тој дејствуваше како типичен револуционерен демократ и трибун, кај кого, поради специфичните објективни услови и околности, националноослободителната револуционерна идеја беше секогаш во преден план

Уште додека бил жив, македонскиот народ го овековечил

Во националната меморија на македонскиот народ кукушанецот Ѓорѓи Николов Делчев, или попознат како Гоце Делчев, останува запаметен како еден од најголемите македонски национални херои, кој го трасираше патот кон македонската државност и самобитност. Уште додека бил жив, народот го овековечил како „апостолот и срцето на револуционерна Македонија“, но кој навистина е Гоце Делчев?

Јас по душа сум анархист, по убедување социјал демократ, а по дела револуционер

За идеолошките погледи на великанот Гоце постојат повеќе видувањата на еминентни универзитетски професори и историчари. Македонскиот историчар проф. д-р Димитар Димески истакнува дека Гоце бил голем противник на расчекорот помеѓу зборовите и делата, а неговиот идеал е „слободна и независна Македонија со широки права за сиромашното население“.
Христо Андонов Полјански, долгогодишен професор на Катедрата по историја на Филозофскиот факултет, нагласува дека во идеолошката концепција на Гоце наоѓаме и крајни револуционерни – демократски идеи, дојдени под влијание на социјалистичките, револуционерните и анархистичките учења. Според Полјански, Гоце поаѓал од две компоненти: од поединецот и од масата – народот. Првата, ја предимензионирал под влијание на Луј Бланки, француски социјалист и политички активист, познат по неговата револуционерна теорија на бланкизам, а со втората го истакнувал колективното: „Ропството се должи пред сѐ на самиот роб, а кога ќе престане робот во душата да биде таков, ропството исчезнува само по себеси“.
Овој македонски историчар заклучува дека под влијание на руските револуционери демократи, а особено на Д.И. Писарев, радикален руски писател и општествен критичар, Гоце успеал да ја изгради својата револуционерно–демократска концепција. Бланки го привлекувал Гоцета со своите крајни револуционерни идеи. Гоце ќе се обиде некои од нив да применува и да изразува. Погледите на Бланки за создавање тајни заговорнички друштва, неговите ставови за државата, за принципите и суштината во подготвувањето на востанијата и начелото за оружјето и организацијата, му биле блиски на Гоцета.
Мора да се има предвид дека врз Гоце идеолошки влијаеле и различни револуционерни, утописко–социјалистички, утописко–комунистички и анархистички идеи, особено оние на истакнатите руски анархисти Петар Кропоткин, Михаил Бакунин и С. Михаилович Кравчински, познат со својот псевдоним Степњак. Последниот го воодушевува Гоце со своите народнички и револуционерни идеи. Познатото негово дело „Поприштето на нихилистот“, Гоце високо го ценел и подоцна го внел во списокот на револуционерна литература на Македонската револуционерна организација (МРО) што ќе се шири во Македонија.
Гоцевите идеолошки погледи добиле социјалистички колорит и по запознавањето со делото на загоричанецот Димитар Благоев, еден од пионерите на социјализмот во Бугарија. За тоа влијаеле и контактите со Македонската работничка социјалистичка група на Васил Главинов, еден од првите македонски социјалисти, а посебно неразделната дружба со Димо Хаџи Димов. Дрводелската работилница и живеалиштето на Главинов во Софија биле центарот на сите прогресивни и искрени македонски револуционери каде што заеднички разменуваа мисли и ковеа планови за разгорување на ослободителната борба на македонскиот народ. Тогаш станаа блиски и соработуваа со Македонската работничка група видни раководители и предводници на македонското националноослободително движење – Гоце Делчев, Никола Карев, Никола Русински и др. Гоце за социјалистите велел: „Тие луѓе вршат една вистинска револуционерна работа, растурајќи социјалистичка литература, за да можат социјалистичките идеи да проникнат во нашите редови. Тие можат да изиграат преродбенска, а не штетна улога.“

Гоце – револуционерен демократ и народен трибун

И покрај влијанието на левичарските идеи, Гоце бил типичен национален револуционер. Во овој контекст, Димитар Димески вели дека Гоцевото инклинирање кон левичарските редови имало првенствено декларативен карактер. Гоце Делчев, пред сѐ, е класичен национален револуционер, нагласува Димески. Во овој контекст треба да се разбере и искажувањето на Ст. Стаматов, современик на апостолот, дека „Гоце Делчев одлично знаеше дека ни со теоријата на Дарвина, ниту пак со онаа на Маркса ќе биде ослободена Македонија.“
Со ова видување се согласува и Полјански, кој вели дека Гоце беше свесен оти конкретната тогашна ситуација во Македонија не трпеше шаблонска примена на научни погледи и револуционерни идеи, кои не одговараа на специфичните услови што тогаш беа присутни во Македонија. Токму поради тоа, тој дејствуваше како типичен револуционерен демократ и трибун, кај кого, поради специфичните објективни услови и околности, националноослободителната револуционерна идеја стоеше на преден план. На прво место, таа имаше евидентно и првосходно значење, вели Христо Андонов Полјански.
Гоце како типичен револуционерен и народен трибун проповедал дека „моралната револуција, револуција на умот, срцето и душата на еден ропски народ, е најголема задача“ или „револуционерот се издигнува во свеста на народот преку своите дела“. Тој бил радикален приврзаник на револуционерната страна на концептирањето на историската иницијатива на масите. Затоа и велел: „Во еволуцијата на животот, преку револуционерни средства се добива слобода на народите.“
Гоце поаѓал од возвишената цел, од моралната страна во суштината на револуционерната преобразба и затоа проповедал: „За да се дојде до саканата цел секој треба да ја засили својата енергија, да ги оптегне заспаните струи на робјето, да се раздвижат нивните чувства кон пожртвување.“
Како апостол на македонското револуционерно движење, заедно со Ѓорче Петров имал голема заслуга за придобивање помагачи и сојузници на македонското движење во лицето на прогресивните личности и струи надвор од Македонија, а особено во Бугарија. Тоа беа главно слободоумни луѓе што се увериле во праведноста на борбата за ослободување на Македонија. За разлика од константниот одбивен став кон надворешна уценувачка помош, Гоце настојувал за проширување на базата на македонското националноослободително движење преку барање внатрешни сојузници за македонското ослободително движење.
Гоце е еден од главните протагонисти на идејата за активно вклучување на селото во македонското ослободително движење. Со тоа, не само што е проширена базата на движењето и овозможено негово масовизирање, па и видливо демократизирање, тука е создаден и главниот предуслов за создавање и егзистирање на воената сила на движењето, односно Четнички институт на МРО, чиј родоначалник беше Гоце.
Гоце Делчев го ангажирал и Атанас Раздолов, македонски револуционер и писател, да печати брошури со револуционерна содржина, како преводна така и оригинална негова. Веќе од 1895 година, А. Раздолов го свртел на себе вниманието со револуционерниот тон на своите брошури. Во книшката „Баба Ѓурѓа и Проза во стихови“ изнел сцени од современиот македонски живот и потцртал дека само со борба македонските поробени маси ќе ја извојуваат слободата. Во уводот ги повикува „Македонците и Македонките да се борат за извојување слобода на Македонија“. Тој апелирал до секој „чесен Македонец, а пак не е срам и да не е Македонец да се притече на помош за да се формира еден круг од вистински борци и чесни слободољупци“.

Д.Ст.