Фото: Игор Бансколиев

Ако се согласува со бугарските барања, Олаф Шолц флагрантно го прекршува меѓународното право

Негирањето на националниот идентитет е апсолутно нелегално дејство и претставува етноцид, при што истото тоа е дел од надворешната политика на Бугарија кон Македонија. Како германскиот канцелар Шолц не можеше да ја препознае асимилаторската политика на Бугарија во условите испорачани од оваа земја, во контекст на условувањето за датум за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ?! Зарем обидот за асимилација преку наметнатите услови, кои претставуваат класични уцени испорачани од Бугарија, сега преку согласноста на Шолц,

го прифаќа и ЕУ?!

Сето ова наведува на заклучокот дека ниту самата ЕУ не работи во согласност со принципите на меѓународното право, туку се повикува на него само кога тоа е во нејзин интерес. Тука, веројатно, може да се најде објаснувањето за изјавите на Шолц во Софија, за кого, очигледно, не се спорни мешањето на една земја-членка на ЕУ во внатрешните работи на соседна земја, негирањето на идентитетот на еден народ и на неговиот јазик, како и непочитувањето на основните малцински права, на што Бугарија се обврзала уште пред да стане членка на ЕУ, а со години не го почитува тоа

Последната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц на Македонија, но уште повеќе изјавите што следуваа подоцна за време на неговата посета на Бугарија предизвикаа силни реакции кај македонската јавност, која се прашува дали германскиот канцелар едно кажува во Скопје, а друго во Софија.
И додека тука тврдеше дека ќе се заложи за почеток на преговорите, многу позагрижувачка беше неговата изјава во бугарската престолнина, каде што јасно порача дека Македонија мора да ги исполни бугарските услови доколку сака да ги почне пристапните преговори со Европската Унија.
– Македонија мора да ги исполни сите услови. Македонија и Бугарија се подготвени да тргнат по овој пат – порача германскиот канцелар.

Елементарно непознавање на меѓународното право

Со ваквиот настап, Шолц на некој начин се стави во позиција на заштитник на бугарските интереси, но истовремено покажа и елементарно непознавање на меѓународното право бидејќи инсистирањето на исполнување на бугарските услови, всушност, значи еклатантно прекршување на основните принципи на меѓународното право, на кое во последно време сите се повикуваат, а го применуваат само тогаш кога ним им одговара.

Таков е случајот и со Македонија врз која се врши силен притисок да ги прифати бугарските барања, иако тие се во целосна спротивност со меѓународните правни норми, но од друга страна ѝ се дозволува на Бугарија, како земја-членка на ЕУ, постојано да го крши меѓународното право и да не ги почитува одлуките на меѓународните институции.

Имено, додека Софија како услов го наметнува внесувањето на Бугарите во македонскиот устав како државотворен народ, истовремено не ги спроведува пресудите на Меѓународниот суд за човекови права од Стразбур, кој пресуди во полза на македонското малцинство во Бугарија, ниту, пак, дозволува регистрација на македонски здруженија на своја територија. Бугарија инсистира и на почитување на Договорот за добрососедство и соработка, но истовремено го прекршува со блокирањето на македонските евроинтеграции, иако токму во тој договор се обврза да го помага зачленувањето на Македонија во ЕУ. За барањата за прифаќање на рамката усвоена во бугарскиот парламент со која се негираат македонскиот идентитет и јазик, воопшто и не треба да се говори.

Унијата „лабава“ за почитување на принципите на меѓународното право?

Сето ова наведува на заклучокот дека ниту самата ЕУ не работи во согласност со принципите на меѓународното право, туку се повикува на него само кога тоа е во нејзин интерес. Тука, веројатно, може да се најде објаснувањето за изјавите на Шолц во Софија, за кого очигледно не се спорни мешањето на една земја-членка на ЕУ во внатрешните работи на соседна земја, негирањето на идентитетот на еден народ и на неговиот јазик, како и непочитувањето на основните малцински права, на што Бугарија се обврзала уште пред да стане членка на ЕУ, а со години не го почитува тоа.

Фото: Игор Бансколиев

И за универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, е нејасно како германскиот канцелар не ги познава основните принципи на меѓународното право и дозволува Бугарија да наметнува вакви нерационални и меѓународноправно неиздржани условувања, а уште повеќе е изненаден зошто вакво непознавање покажува и самата ЕУ.
– Прво, Шолц би требало да знае дека асимилацијата е нелегална во меѓународното право, секогаш и независно од контекстот, историскиот или кој било друг. И негирањето на националниот идентитет е секогаш нелегално и претставува етноцид, доколку е дел од надворешната политика. Шолц не можеше да ја препознае асимилаторската политика на Бугарија во условите испорачани од оваа земја во контекст на добивањето датум за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ! И сите во ЕУ, исто така, не го сфатија она што за нас е очигледно, а тоа е обидот за асимилација преку наметнатите услови, кои претставуваат класични уцени испорачани од Бугарија, но сега и од ЕУ – појаснува професорот Јанев.

Тој понатаму додава уште и дека Шолц, меѓу другото, не разбрал дека немаше ништо „храбро“ во прифаќањето на Преспанскиот договор, документ што за нас претставува етноциден акт. Дека се работи за акт со кој се врши национална идентитетска негација им е јасно на сите подобро упатени студенти по меѓународното право, потсетува професорот по меѓународно право.
– Едноставно, ЕУ и Германија (преку изјавите на Шолц) покажуваат дека не ја препознаваат и не ја разбираат правната природа на актот од Преспа, кој очигледно е нелегален. Со негирањето на националниот идентитет се крши меѓународното право, бидејќи никој никому не може да му го ускрати правото на идентитет, или од друга страна, да му го наметне преку акти својот или некој друг туѓ идентитет. Сите идентитетски договори, по својата правна природа, се секогаш нелегални, независно од контекстот. Обидот однадвор (со надворешен акт) да се договори и инсталира национален идентитет претставува наметнување идентитет и ускратување на основните права на државата, на народот и нацијата – истакнува професорот Јанев.

Професорот потсетува на Декларацијата за културните политики на УНЕСКО од 1982 година, според која, народите имаат право на сопствени убедувања во однос на својата национална култура и идентитетот.
– Другите држави имаат должност да ги почитуваат овие убедувања и колективното верување, независно од контекстот или фактичката реалност. (Со други зборови, и доколку колективната свест е „погрешна“ или постои погрешна самоперцепција за сопствениот идентитет, дури и таа мора да се почитува). Според оваа конвенција од 1982 година, како и според Конвенцијата за принципите на културната соработка од УНЕСКО (1966), националниот идентитет е дел од суверените (културни) права и никакво мешање во оваа сфера однадвор не е дозволиво – категоричен е професорот Јанев.

Професорот Јанев: Не смееме да направиме уште еден „храбар чекор“ и да ја прифатиме бугарската идентитетска спогодба -компромис

Според него, Шолц и ЕУ не ја разбираат вистинската природа на проблемот и на тој начин го прекршуваат меѓународното право, прифаќајќи ги и грчките, а сега и бугарските условувања.
– На сличен начин, и Шолц и целата ЕУ немаат, изгледа, капацитет да разберат дека Преспанскиот договор е културоциден и етноциден акт со кој нелегално се брише или укинува националниот идентитет на еден народ и со таков чекор нацијата се подготвува за асимилацијата од соседот, кој сега може да го „накалеми“ сопствениот идентитет. Според ЕУ, „РСМ“ треба да направи уште еден „храбар чекор“ и да ја прифати бугарската идентитетска спогодба – компромис, исто како што беше направено порано со Преспанскиот договор. Оттаму, за мене е јасно дека во ЕУ немаат соодветно разбирање на меѓународното јавно право, бидејќи не разбираат дека каков било идентитетски договор секогаш не е легален и по својата природа, на долг рок, не е применлив во пракса. Секоја држава со минимум дигнитет ваков културоциден договор би раскинала, а не да креира ваков документ на сопствената штета. Идниот бугарски компромис/договор би претставувал самонегирање на сопствениот идентитет и бугаризација на народот. Ова е очигледно неприфатливо. Од овој агол, мене лично не ми е јасно како ЕУ може да претпоставува дека ние ќе се откажеме од тоа дека сме Македонци и уште повеќе, како истата таа Европа мисли ваквиот акт да се реализира во пракса – потенцира професорот Јанев.

Тој и натаму категорично останува на својот цврст став – еднострано откажување на Македонија од Договорот за добрососедство со Бугарија, но и на Преспанската спогодба и поднесување барање за враќање на името Република Македонија во ООН.