Карикатура: „Нова Македонија“

Според сите толкувања на експерти за меѓународно право што се повикуваат на Виенските конвенции од оваа област, усниот збор на претседателот, премиерот и понекогаш на шефот на дипломатијата е исто толку обврзувачки за земјата колку и потпишаниот документ. Бидејќи и претседателот Вучиќ и премиерот Курти присуствуваа во Брисел (на повеќе разговори за широкиот план на ЕУ за односите Косово – Србија), а присуствуваа и во Охрид (за анексот што попрецизно уредува имплементација на евентуален договор), високи претставници на ЕУ и на САД толкуваат дека самото присуство на таков формат легитимира важечко и правно обврзувачко дејство. Поедноставно кажано, иако досега нема ниту потпис ниту дефинитивна усна согласност од двете засегнати страни, сепак самото заедничко присуство на средба од ваков формат изразува политичка волја, која се толкува како воспоставување заемни релации

Дали новозабележаните постапки во меѓународните односи практикувани во Охрид меѓу Србија и Косово се дел од меѓународното право?

Состанокот во Охрид, на 18 март 2023 година, меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, со посредство и поддршка на високи претставници од ЕУ и САД (високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, и Габриел Ескобар – помошник на заменик-државниот секретар на САД), оценет како позитивно квалитативно поместување во долгогодишните тврди позиции во билатералните српско-косовски релации, создаде и неколку нови алтернативни толкувања на досегашните стандарди во принципите и практиките на меѓународното право.

И без писмен потпис и без усна согласност, а само со физичко присуство на заедничка средба, произлегуваат правнообврзувачки последици за засегнатите страни

Најголемата меѓународноправна иновативност од резултатите на српско-косовските преговори во Охрид е позицијата на посредниците и поддржувачите на процесот, Ескобар и Борел, дека „иако ништо не е потпишано, сите точки од договорот произлезени од средбата се правно обврзувачки за двете страни“. Американскиот претставник на состанокот, Габриел Ескобар, пак, отиде и еден храбар чекор понапред од оваа особено „револуционерна“ теза во меѓународните односи за обрзувачкиот ефект на непотпишаните договори, наведувајќи дека самиот чин на преговарање (седнување на иста маса) на српскиот и косовскиот лидер, значи и „де факто признавање“ на Косово од страна на Србија. Набрзо потоа, косовскиот премиер Курти повтори дека Охридскиот договор е „де факто признавање на Косово од Србија“.
Сепак, наспроти ентузијазмот во преформулирањето на стандардите на меѓународното право од страна на американскиот и косовскиот претставник, српскиот претседател Вучиќ неколкупати повтори дека нема да ја признае независноста на Косово, ниту да го прифати неговото членство во ОН. Од друга страна, од Приштина стигнаа пораки дека заедницата на српски општини, на чие формирање инсистира Белград, може да биде дел од конечниот договор, само доколку има меѓусебно признавање.
Очигледното настојување на меѓународната заедница по брза постапка да го реши деценискиот спор и да ги помири „непомирливите разлики“ во позициите меѓу Србија и Косово (со мотив за блокирање на руското влијание во регионот на Западен Балкан и желба ЕУ и НАТО да не трошат енергија во расчистување спорови во Европа, додека се соочени со големиот предизвик на војната во Украина) се чини создава амбиент на различни пораки, кои ги доведуваат во прашање веќе утврдените принципи на меѓународното право.

И српски експерти се согласуваат дека она што е договорено од највисоките претставници на Србија и Косово – е договорено и од тоа нема отстапувања

Според новинарот од Белград и поранешен колумнист на „Нова Македонија“, Бошко Јакшиќ, усно искажаниот збор на претседател на држава, премиер, а понекогаш и шеф на дипломатија е исто толку обврзувачки, колку и потпишан документ.
– Се прави конфузија што во суштина не постои. Според сите толкувања на експерти за меѓународно право и разните Виенски конвенции, усниот збор на претседателот, премиерот и понекогаш на шефот на дипломатијата е исто толку обврзувачки за земјата колку и потпишаниот документ. Бидејќи и претседателот Вучиќ и премиерот Курти и во Брисел и во Охрид се согласија (во Брисел со широкиот план на ЕУ, а во Охрид со анексот што прецизно говори за имплементација на договорот) бидејќи таа усна согласност постои, сето тоа е важечко и правно обврзувачко и тоа сите јасно го знаат.
Тоа што нема потпис, со ништо не ги менува работите. Она што е договорено е договорено и од тоа нема отстапувања. Во крајна линија, она што ми се чини добро со овој договор е што тој предвидува и казнени мерки. Оној што нема да го спроведува договорот на начин на кој се очекува ќе биде санкциониран. Оној што ќе го спроведува ќе биде награден со забрзување на процесот на евроинтеграции. И новина е што за разлика од претходниот период, Србија и Косово ќе се надгледуваат одвоено. Според тоа секој може да одбере со која ефикасност ќе работи и во таа мера ќе оди побрзо кон ЕУ. Значи не постои повеќе никаков пакет аранжман каков што досега постоеше – кажа Бошко Јакшиќ за еден македонски медиум.

И македонски експерти толкуваат дека легитимноста и легалноста на овој процес никој не ги доведува во прашање

За професорката од македонскиот универзитет „Св.Кирил и Методиј“, Билјана Ванковска, легитимноста и легалноста на преговарачкиот процес не се доведуваат во прашање, но имајќи го предвид актуелниот предизвик на Македонија за уставни измени под притисок на ЕУ, за неа е поинтересно што ЕУ (сѐ уште) не бара промена на Уставот на Србија во кој е стипулирано дека Косово (и Метохија) е дел на единствената српска држава.
– Средбата во Охрид беше само дел на еден подолг преговарачки процес под менторство на ЕУ. Без оглед како страните учеснички сакаат да ѝ го прикажат тоа на својата јавност (оттука и контрадикторните објаснувања на двајцата лидери), факт е дека на преговарачката маса седат највисоките претставници на Белград и Приштина. Тоа го знае дури и претседателот Вучиќ, кој и самиот на прес-конференцијата по средбата се повика на Виенската конвенција за договорите меѓу државите од 1969 година. Во нејзиниот член 3 се зборува за „договори што не се во пишана форма“. Теоријата и практиката знаат дека се ова редок вид договори, а во пошироката јавност ги знаеме како „џентлменски договори“. Нивното почитување зависи од намерите на страните што преговараат, а во случајов ЕУ посредува меѓу две слаби и зависни држави. Легитимноста, па и легалноста на овој процес никој не ги доведува во прашање. Она што за мене е многу поинтересно (а имајќи го предвид случајот на Македонија) е што ЕУ (сѐ уште) не бара промена на Уставот на Србија во кој е стипулирано дека Косово (и Метохија) е дел на единствената српска држава. Со оглед на конфликтниот потенцијал на теренот, а и фактот дека преговарачкиот процес на Србија ќе потрае неодредено долго, а Косово не е признаено како држава ниту од некои членки на ЕУ, шефот на дипломатијата на ЕУ не ни може да инсистира на некакви посилни и појасни резултати. Засега се одржува статус квото, се прават придвижувања со брзина на полжав, затоа што цела Европа е апсорбирана (политички, економски и воено) во конфликтот во Украина. Тоа го знаат и Борел и Лајчак, без оглед на обидите ова да го претстават како „точка на пресврт“. Ова на Балканот е од второстепено значење, особено ако се има предвид дека проширувањето дефинитивно не е високо на агендата на ЕУ во вакви геополитички околности. Србија сега е многу поважна како геополитички фактор во регионот отколку како кандидатка за членство во ЕУ – вели професорката Билјана Ванковска.
Во текстот на договорот се наведува дека двете страни ќе развијат „нормални, добрососедски односи засновани на еднакви права“, дека „заемно ќе ги признаваат документите и националните симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи, регистарски таблички и царински печати“ и дека Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација. Исто така, ниту една партија нема да ги блокира или охрабрува другите да го блокираат напредокот на другата страна на нејзиниот пат кон ЕУ.