Наместо како мост за пријателство за градење добрососедство и соработка, малцинствата од страна на земји-членки на ЕУ се претвораат во инструмент за дерогирање на европските вредности и принципи. Ова најотворено се гледа и од асимилаторскиот однос на Бугарија кон македонското малцинство

ДЕКЛАРИРАНИ ИЛИ ДЕВАСТИРАНИ ВРЕДНОСТИ НА УНИЈАТА

Почитувањето на правата на малцинствата, како дел од базичните човекови права, регулирано со рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, во суштина е основата на критериумот за добрососедство на кој инсистира Европската Унија во процесот на проширување. Случајот со Македонија и нејзината голгота со европските интеграции ја покажува парадоксалната иронија на непочитувањето на принципите на ЕУ од самите нејзини земји-членки, кои со негирање на правата на малцинствата на своите територии, всушност, ги дисквалификуваат демократските вредности на кои декларативно е поставена Унијата. Нереагирањето од страна на Унијата на манипулациите на нејзините земји-членки со малцинските прашања, преку кои ги манифестираат отворени територијални и национални претензии спрема Македонија и македонскиот народ, ја става континуирано под сомневање посветеноста на ЕУ спрема своите декларирани вредности.
Охрабрена од вметнувањето на своите услови со национално-историски претензии во преговарачката рамка со ЕУ за Македонија, Бугарија своите територијални и национални аспирации ги прошири и кон признаеното македонското малцинство на територијата на Албанија, преку пропаганда за негова бугаризација. Неколку години претходно, уценувајќи ја и Албанија со вето за почеток на преговорите со ЕУ, Бугарија успеа да издејствува нотирање и на (непостојно) бугарско малцинство во албанскиот закон за малцинства. Сосема отворено и бескрупулозно, Бугарија пред очите на Брисел манипулира со прашањата на малцинствата, особено на македонското, практично за загрозување на суверенитетот на земјите од Западен Балкан, кои претендираат на членството во ЕУ. Наместо како мост за пријателство за градење добрососедство и соработка, малцинствата од страна на земји-членки на ЕУ се претвораат во инструмент за дерогирање на европските вредности и принципи.
Поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски смета дека и самата ЕУ има дефетистичко однесување кога станува збор за предизвици и ситуации што потекнуваат од прашањата за малцинствата и мултикултурализмот.

– Југославија беше единствен пример на Балканот што малцинствата ги третираше како мостови на пријателство. Крајот на таа држава е познат – се распадна. Ниту една друга држава од поширокиот регион не се однесува така и историјата покажа дека тие се во право. Жална констатација, но сепак точна. Што се однесува до Бугарија и нејзиното долго игнорирање на македонското малцинство се покажа како нејзина смислена политика за негирање на Македонците во целина. Сега воопшто не треба да изненадува што агресивно го присвојува македонското малцинство во Албанија и во Косово, бидејќи тоа целосно се вклопува во нивната 150-годишна политика. Ако нема Македонци во соседните држави, според бугарската политика – не може да ги има ниту во Македонија. Логиката е многу проста. Тоа потврдува дека нашето откажување од македонското малцинство во Грција и во Бугарија беше историска грешка што скапо нѐ чини. Ако погледнеме и од европска перспектива, таа политика на „мостови со малцинствата“ не успева ниту во ЕУ. Најдобар пример за европскиот дефетизам во тој поглед беше изјавата на поранешната германска канцеларка Меркел, кога рече дека мултикултурализмот во Германија нема перспектива. Ако тоа важи за една Германија, што да се очекува од балканските членки на ЕУ – вели Ристо Никовски.
Претставниците на македонското малцинство во Албанија, сепак, жестоко реагираа на бугарската пропаганда на нивни терен и агресивните обиди да ги убедуваат на претстојниот попис во октомври, во таа земја, да се изјаснат како Бугари. Во борбата со бугарската пропаганда, Македонците во Албанија побараа и поддршка од македонската влада, што практично ги „принуди“ на некаков одговор македонските власти. Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, ги посети регионите во Албанија со македонско малцинство, од каде што порача дека „останува во комуникација со македонското национално малцинство во Албанија за прашања што ги засегаат Македонците овде и активно е ангажирано за заштита и промовирање на нивната етничката, културна и јазична посебност “. Премиерот Ковачевски вети дека ќе му ги постави прашањата што ги загрижуваат Македонците во Албанија на албанскиот премиер Еди Рама на скорашната средба на Отворен Балкан во Белград. Сепак, и понатаму останува впечатокот дека ваквите „субверзивни“ активности на Бугарија никако не допираат до Брисел.

– МНР и Бујар Османи, исто како во Албанија, потребно е активно да бидат ангажирани и овде, во Македонија, да спречат какви било притисоци и уцени од Софија, Македонците да се запишат како Бугари – конкретно порачува Џевдет Хајредини, поранешниот министер за финансии од почетокот на независноста на Македонија.
Поранешната амбасадорка и новинарка Мелпомени Корнети смета дека „ако ние сами во Македонија не се погрижиме за Македонците, како во земјата, така и за малцинствата во соседните земји, никој нема да го стори тоа за нас“.
– Во случајот на Македонија се покажа дека ЕУ ништо не ја интересира, дури ни сопствените принципи. Поважно од нејзините основни принципи и вредности, на Унијата ѝ е „мирот во куќа“, односно задоволување на барањата и интересите на нејзините земји-членки. Во скриената заднина на таквото однесување на ЕУ, и понатаму стојат непроменетите империјални политики од минатото на нејзините земји-членки. Кога станува збор за Македонија и Македонците, ЕУ потфрли во однос на сопствените демократски принципи. Кога Брисел се повикал пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур за непочитувањето на овој суд од страна на Бугарија, која не ги спроведува со години и децении пресудите за регистрација на македонските здруженија во таа земја? Брисел се однесува како Европскиот суд за човекови права во Стразбур да не е дел од системската организација на Европската Унија. Таквото однесување на ЕУ треба да ни каже дека ако ние сами во Македонија не се погрижиме за Македонците, како во земјата, така и за малцинствата во соседните земји, никој нема да го стори тоа за нас. Треба трезвено да преиспитаме некои наши уставни и законски одредби, со кои наивно ја голтнавме „јадицата“ на Грција (со одобрување на ЕУ), прифаќајќи грижата за малцинствата да се изедначи со територијални претензии – вели Мелпомени Корнети.