Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, влегува во нова фаза со изведување на материјални докази.
Од Обвинителство информираат дека во судницата во Идризово од утре ќе започне презентирањето на судско-медицинските обдукциски наоди за причините за смртта на жртвите.
По изведувањето на овие докази, се очекува да биде повикано и вешто лице кое ќе даде дополнителни појаснувања и ќе одговори на прашањата што произлегле од наодите, како и на дилемите што се појавија во јавноста, пренесе МИА.
Процесот продолжува со фокус на утврдување на сите околности поврзани со трагедијата.
-Почнуваме првично со обдукционите протоколи, каде ќе ги слушнете последиците, но и причините коишто придонеле, зошто не зборуваме само за пожарот и искрата на пожарот, туку и многу други поврзани дејствија на други лица кои ги докажуваме. Не е само оганот, туку и гасовите… целокупниот амбиент и во што се состои причината за смртта, беше посочено на денешниот брифингот со тимот обвинители кои го застапува обвинението.
Ова дело, како што беше нагласено, не е пожарот сам по себе, туку последицата, која е донесена од целокупната интеракција на сите клучни фактори како што е амбиентот, преполнетоста на дискотеката, вградените материјали, емисијата на гасовите и самата неможност за евакуација.
-Сметаме дека ако само еден фактор извлечеме, не можеме да ја добиеме целосната слика и кажеме, токму поради ова настана последицата и затоа ова обвинение се занимава со сите, а клучна поврзаница е преку причината за смртта – појаснуваат од Обвинителството.
Во однос на прашањето за цијанидот и што имало во крвта на жртвите, од Обвинителството посочуваат дека се е анализирано и ќе биде изнесено во судница од вештите лица.
-Тоа е опфатено со првичната наредба, тоа е се испитано и ќе биде изведено во судница од вештото лице – нагласуваат од Обвинителството, посочувајќи дека ова прашање било приоритет над приоритетите и од аспект да се утврди што вдишувале преживеаните за да пратат нашите здравствени власти навремена информација до сите центри каде што беа праќани на лекување.
Од Обвинителството не може да кажат колку рочишта ќе бидат потребни за изведување на материјалните докази, и тоа, како што посочи, зависи и од одбраната и дали и колку ќе има опструкции, но тоа е работа на судот да се грижи за економичност и ефикасност на постапката.
Видеоматеријалите што се предложени како докази, на денешниот брифинг беше посочено дека, нема целосно да се прикажуваат во судница, бидејќи делови од нив не се важни за обвинението.
-Сакаме секвенционално да бидат презентирани, да не се гледаат цели, туку само она што е битно за ова обвинение – појасни обвинителството.
Исклучувањето на јавноста, како што посочи обвинителството, ќе се бара во зависност од начинот на изведувањето на доказите и колку ќе се дозволи длабочина во изведувањето.
Обвинителството, информираше дека остануваат уште три-четири сведоци кои останува да бидат сослушани на утрешното рочиште, тие што од психички причини не може да бидат сослушани и еден што е во странство, за кои што важи можноста доколку не се достапни да се бара да се прочитаат нивните искази и да се почне со изведување материјални докази.
Судскиот процес започна на 19 ноември минатата година, по што во судницата во КПУ „Идризово“ во Скопје, беа сослушани сослушани родителите, преживеаните, гости во клубот, инспектори, претставници на институции и општина Кочани, како и членовите на бендот, кои настапувале таа вечер.
Судењето го води судијката Дијана Грувеска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Во него загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.



































