Фото: Игор Бансколиев

Ниската „продуктивност“ на антикорупционерите, експертите ја објаснуваат со недоволните надлежности на ДКСК, која продолжува да работи само како комисија, без да може да носи и самостојни одлуки за поднесување пријави до судовите

Дали на антикорупционерите им се „врзани рацете“ во борбата против корупцијата

Во досегашното дваесетгодишно работење на антикорупциската комисија, од 165 иницијативи за кривично гонење, само три завршиле на суд. Ова е ефектот од работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, која беше формирана во времето кога беше премиер Бранко Црвенковски. Оттогаш беа сменети неколку претседатели и состави на комисијата, а на крајот нема ниеден завршен судски предмет во врска со корупциско однесување на државните и јавни функционери. Од досегашниот биланс за сработеното не се задоволни ни во актуелниот состав на антикорупциската комисија, од каде што деновиве беше повторен ставот дека „сите предмети се процесирани до Јавното обвинителство“. Од обвинителството, во своите одговори, наведуваат дека предметите, кои се поврзани со високата корупција, се сложени и затоа бараат темелен пристап, со цел обезбедување издржани докази на кои ќе се темели понатамошниот тек на постапката. Експертите, пак, ниската „продуктивност“ на антикорупционерите ја објаснуваат со недоволните надлежности на ДКСК, која продолжува да работи само како комисија, без да може да носи и самостојни одлуки за поднесување пријави до судовите.

– Бројката од три процесирани случаи е многу мала бројка. За изминатите три години, од сегашниот состав 18 иницијативи се доставени до Јавното обвинителство. Од нив за шест имаме добиено одговори, од кои две се отфрлени, за две е промена на фактичка состојба, а за две иницијативи Јавното обвинителство постапува. Сметам дека Јавното обвинителство треба да ги зајакне своите капацитети и да работи поекспедитивно – изјави Билјана Ивановска, претседателката на Комисијата за спречување корупција.
Во годишниот отчет за сработеното во минатата година, претседателката на комисијата соопшти дека лани донеселе одлуки за 707 предмети. Од нив 404 одлуки се од областа на корупцијата, 171 од областа на судирот на интереси, 40 одлуки се однесуваат на непочитување на законски одредби за време на изборниот процес, а 92 на проверка на имотот на функционерите. Комисијата повела и над 794 постапки по сопствена иницијатива, разгледала 819 пријави од граѓани, организации, институции, со сомневање за постоење корупција, злоупотреба и судир на интереси.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, главната причина за непостапувањето по пријавите поднесени од антикорупциската комисија ја гледа во сегашниот „правен“ статус оваа институција, која е формирана да работи како комисија.

– Сегашниот состав на ДКСК работи добро, но за да постигнат повеќе во спречувањето на корупцијата, ќе мора тие да преминат во самостоен орган. Тоа значи да можат самостојно да носат одлуки и да поднесуваат кривични пријави до судовите. Вака како комисија можат да поднесуваат уште петстотини пријави до ЈО, а да имаме уште две или три нови постапки пред судовите. Иницијативата за промена на статусот на антикорупциската комисија треба да произнесе од самите членови, а таа да биде поддржана од стручната јавност и од медиумите. Кај политичките партии не постои општ консензус да се направат овие измени – ни изјави Илиев.
Што се однесува до однесувањето на Јавното обвинителство и малиот број судски процесирани предмети, поднесени од антикорупциска комисија, воопшто не треба да изненадува, ако се знае дека од обвинителството не постапуваат и по многу потешки прекршувања на законите, во многу појаки предмети за корупција, објаснува Дане Илиев.
Од Јавното обвинителство велат дека активно се постапува по сите поднесени кривични пријави и примени иницијативи, како од страна на други надлежни државни институции така и од физички лица, притоа се преземаат сите дејства и се прават проверки неопходни за утврдување на фактите и наводите, без оглед дали кон пријавата се приложени доволно материјални докази или не.
– Во дел од случаите, поднесените иницијативи и извештаи се приклучуваат кон претходно веќе оформени предмети по кои веќе постапуваат предметните јавни обвинители. Како единствен самостоен орган за гонење на сторителите на кривични дела, Јавното обвинителство сите постапки ги води законито и со почитување на основните начела на тајност на постапката и пресумција на невиност, па од тие причини во јавноста не го коментира текот на постапките пред да биде донесена соодветна одлука – се наведува во одговорот на Службата за односи со јавноста во ЈО.

Во насока на намалување на перцепцијата за висока корупција во земјава, како што напоменуваат од ЈО, својата функција на гонење ја извршува законито и транспарентно и вложува максимални напори. Сето ова во изминатиот период резултира со повеќе поведени постапки против функционери, кои одреден дел се во судска разврска, а по дел од нив постапува обвинителството или институциите до кои се издадени наредби за постапување. Во секој случај, ставот на обвинителството е дека може и треба да се направи многу повеќе од страна на сите чинители, а на тоа укажуваат и извештаите на меѓународните организации, чии препораки Јавното обвинителство се труди да ги имплементира во насока на подобрување на состојбите и за што обвинителството добива позитивна оцена.
Од Јавното обвинителство укажуваат дека кривичните дела од областа на корупцијата, особено високата корупција, без исклучок се сложени и комплексни и затоа бараат темелен и ефикасен пристап и посветеност, со цел обезбедување издржани докази на кои ќе се темели понатамошниот тек на постапката. Во таа насока од исклучителна важност за севкупното постапување на обвинителството во извршувањето на својата функција е и непреченото функционирање и кадровско доекипирање на истражните центри во јавните обвинителства, со што ќе се зголеми ефикасноста при постапувањето, велат од Службата за односи со јавноста во ЈО. М.Ј.