Лукреција Маљковиќ-Атанасовска/Фото: Приватна архива

Но, ајде да гледаме и од позитивната страна, со оглед дека бугарскиот премиер Петков под фотографијата коментира дека се разговарало на тема корупција, можеби сметал дека е соодветно на сликата да биде само тој-додава Маљковиќ-Атанасовска

Протоколарен гаф или намерен пропуст – експертката по дипломатски протокол Лукреција Маљковиќ-Атанасовска ја толкува постапката на бугарскиот премиер

Невообичаен чин, според дипломатските протоколи е да се сече фотографија на која има и други луѓе, особено на политичари од две земји кои изминатиот период се трудат да ги надминат разликите, вели Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, директорка на Академијата за протокол на Македонија и меѓународна консултантка по деловна етикеција и дипломатски протокол, коментирајќи ја постапката на бугарскиот премиер Кирил Петков, кој го отстрани македонскиот премиер Димитар Ковачевски од заедничката фотографија со американскот државен секретар Ентони Блинкен, сликана за време на говорот на американската потпретседателка Камала Харис на Минхенската безбедносна конференција.

На фотографијата што ја објави Петков го нема македонскиот премиер/Фото: Фејсбук – Кирил Петков

Неколку часа претходно Ковачевски ја објави истата фотографија, во чија оригинална форма се забележуваат сите тројца политичари.

Оригиналната форма на фотографијата што ја објави Ковачевски/Фото: МИА

– Со оглед дека фотографијата е направена со тројцата, намерното исфрлање на премиерот Ковачевски испраќа нелагодна дипломатска порака, особено во време кога двете земји се трудат да ги надминат разликите – посочува Маљковиќ-Атанасовска.

Кирил Петков: Јас и Димитар нема да подлегнеме на провокации

Според неа, намерата не е да се истакне некој детаљ во гро-план, туку целосно да се исфрли третиот, што е недипломатски, но и како што вели таа, ако сакате и по малку наивно.

– Ваквиот чин е недипломатски, бидејќи е очигледно намерен. Но, ајде да гледаме и од позитивната страна, со оглед дека бугарскиот премиер Петков под фотографијата коментира дека се разговарало на тема корупција, можеби сметал дека е соодветно на сликата да биде само тој – додава Маљковиќ-Атанасовска.

Бугарскиот премиер на социјалните мрежи сподели повеќе фотографии од средбите со европските лидери, меѓу кои се францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон.

– Елиминирањето на корупцијата е врвен приоритет за целата демократска заедница и безбедносните служби. Ќе работиме заедно за да се справиме со овој проблем! Ако успееме да го направиме тоа, веднаш ќе следат инвестиции и нови високо платени работни места! -напиша Петков во прилог на фотографијата споделена на социјалните мрежи.

Македонскиот премиер Ковачевски, пак, истакна дека за време на срдечната средба со Петков и со Блинкен, американскиот државен секретар изразил целосна поддршка за дијалогот и пријателството помеѓу Македонија и Бугарија и ја споделил неговата искрена желба двете земји да се видат заедно во ЕУ.