Зошто во МАНУ немаше инцијатива за одбележување на сто и дваесетгодишнината на Илинден? Дали неодбележувањето на првиот Илинден значи и негирање на вториот? Дали Гоце Делчев – апостолот на македонството, заслужи одбележување во МАНУ по повод сто и педесетгодишниот јубилеј од неговото раѓање? Тоа се само дел од големиот број прашања на кои научната јавност, со право, чека одговори од членовите на МАНУ. И по триесет и две години независност, некои од македонските политичари и нивните апологети, меѓу кои има и професори, историчари, лингвисти и интелектуалци, за жал, не научија што значи поимот суверенитет…
Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, своето експозе по повод одбележувањето на Денот на МАНУ во 2023 година го започна со една вест што влева искрен оптимизам, верба во иднината придружена со поттик, мотив и посветеност кон успех и просперитет и за институцијата со која раководи, а уште повеќе и за македонската нација и држава, која минува низ тешки и длабоки премрежиња. Имено, членот на МАНУ, Венко Андоновски, е добитник на престижната меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“ за 2023 година за романот „Папокот на светлината“, а претседателот на МАНУ нагласи дека Андоновски се придружи кон листата на досегашните добитници, меѓу кои се вбројуваат и добитниците на Нобеловата награда за литература Орхан Памук и Марио Варгас Љоса!
Директно и непосредно со многубројните предизвици на МАНУ
Секоја година одржувањето на две посебни седници на Собранието на МАНУ – највисокиот орган на Академијата, има особено значење за Академијата: Редовната годишна седница, која вообичаено се одржува во февруари, и Свечената седницата по повод одбележувањето на Денот на МАНУ, рече во воведот на своето експозе претседателот Љупчо Коцарев.
– На почетокот на денешново излагање ќе се осврнам, според мое мислење, на значајните реализирани активности, но, за жал, и на значајните нереализирани активности на Академијата, во периодот на моето раководење со неа, од 1 јануари 2020 година до денес, подвлекувајќи дека во текот на овие речиси четири години Академијата се соочи со многубројни предизвици, предизвикани од појавата и ширењето на пандемијата на ковид-19, од економската и енергетската криза и од намалувањето на бројот на вработените во МАНУ.
Во групата особено значајни активности на Академијата реализирани во текот на овие три години и девет месеци би ги издвоил: одбележувањето на триесетгодишнината од прогласувањето на независноста на Република Македонија, одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на основачите на МАНУ, академиците Блаже Конески, Славко Јаневски и Ацо Шопов (при што, сепак, треба да се напомене дека, поради пандемијата, одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на академик Славко Јаневски беше реализирано со скромни активности) и изборот на нови членови на МАНУ на Дваесеттото изборно собрание на Академијата, одржано на 30 март 2022 година, па, така, денес, Академијата ја сочинуваат 41 член во работниот состав.
Од нереализираните активности би издвоил две: неодбележувањето на сто и педесетгодишнината од раѓањето на Гоце Делчев (во 2022 година) и неодбележувањето на сто и дваесетгодишнината од Илинден (во 2023 година), значајни свечени настани што вообичаено се одбележуваат по предлог на соодветното одделение во МАНУ. Тука исто така би сакал да потсетам и на две иницијативи за кои зборував повеќепати во изминатите години, а кои, сепак, сѐ уште се надевам дека ќе се реализираат во иднина. Прво, во Предлог-програмата за работата на претседателот на МАНУ за периодот 2020 – 2023 година предложив, што е во согласност со воспоставената практика на соседните академии во Србија и во Бугарија, поточно на САНУ и на БАН, историјата на МАНУ да почнува со 28 октомври 1902 година, денот кога е формирано Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, па, така, Денот на МАНУ да се одбележува на 28 октомври, што значи дека, на пример, во 2024 година, МАНУ би ја одбележала сто дваесет и двегодишнината од своето постоење. Второ, во 2020 година, по повод Денот на МАНУ, нагласив: „Време е Македонската енциклопедија на МАНУ, со сите недоследности и недоречености што ги има (при што, можеби, дел од тие недоследности и недоречености треба прво да бидат отстранети и/или ревидирани), да се врати во Библиотеката на Вавилон, на полиците во книжарниците и во библиотеките, каде што таа, впрочем, отсекогаш и припаѓала, потенцирајќи дека книгата ‘е единственото нешто што човекот’, а тука би додал – и МАНУ, ‘досега го смислил како оружје за одбрана на своето човечко достоинство’ (Крлежа)“!
Како владеењето во Македонија се трансформира во „бескрупулозно дивеење“?
Во понатамошниот дел на обраќањето на претседателот на МАНУ, Коцарев понуди критички осврт за причините и мотивите за нереализираните активности и иницијативи.
– Одговорот на прашањето: „Што претставува Академијата?“, го знаеме сите – тоа го пишува во Законот за Македонската академија на науките и уметностите (членот 2, став 1): „Академијата е највисока и самостојна научна и уметничка установа во Македонија“. Меѓутоа, многу посуштествени се прашањата: „Дали Академијата е навистина самостојна институција?“, и ако одговорот на прашањето е афирмативен, тогаш: „Како самостојноста на Академијата да се сочува, да се одржи и да се негува?“, но доколку одговорот на првото прашање е негативен, тогаш: „Како самостојноста да се воспостави?“ Всушност, централен проблем на Република Македонија е влијанието што го има извршната власт врз законодавната и врз судската власт, и пошироко, во сите сфери на општествениот живот. Тоа влијание, во спрега со корупцијата, организираниот криминал и институционално-моралноетичкиот колапс, овозможи владеењето во Македонија да се трансформира во бескрупулозно дивеење. Интересно, учењата на Конфуциј и на Платон за владеењето се спојуваат во проблематиката за значењето на етиката во владеењето. Имено, според овие учења, моралот и познавањето на практичните работи што имаат морална природа се единствените услови за селекција на оние што треба да практикуваат политичка моќ, додека, пак, потеклото, моќта и богатството не се критериуми за учество во политичкото владеење.
За односот на извршната власт кон науката и кон уметноста, па, оттука, и кон Академијата, сум говорел многупати. „Каков е мојот однос кон власта?“ – е прашање со кое се соочува секој академик. „Благородништвото обврзува (Noblesse oblige)!“ Членувањето во МАНУ обврзува! Обврзува, според мое мислење, секој академик да се однесува со почит и одговорно кон храмот на науката и уметноста во Македонија, кон науката и уметноста, особено кон почувствителните, за секојдневниот живот во Република Македонија, општествени и хуманистички науки, да се однесува со почит и одговорно кон македонството. Оттука, се наметнуваат прашањата: Зошто во МАНУ немаше инцијатива за одбележување на сто и дваесетгодишнината на Илинден? Дали неодбележувањето на првиот Илинден значи и негирање на вториот? Дали Гоце Делчев – апостолот на македонството, заслужи одбележување во МАНУ по повод сто и педесетгодишниот јубилеј од неговото раѓање? Тоа се само дел од големиот број прашања на кои научната јавност, со право, чека одговори од членовите на МАНУ. И по триесет и две години независност, некои од македонските политичари и нивните апологети, меѓу кои има и професори, историчари, лингвисти и интелектуалци, за жал, не научија што значи поимот суверенитет. Дел од суверенитетот на секоја држава, па, така, и на Македонија, го вклучува ексклузивното право на државата да ги регулира своите внатрешни работи, меѓу кои: јазикот, националноста, идентитетот, образовниот систем и да ја негува и да ја развива историската наука. За Македонија е погубно тоа што одредени лица, како носители на разни општествено одговорни функции, поради лични, партиски и клиентелистички интереси, а во името на ЕУ-интеграцијата, регулирањето на македонските прашања поврзани со идентитетот и историјата им го отстапија на надворешните фактори, а пред сѐ, на Грција и на Бугарија.
МАНУ се залагаше за: „Прифаќање во ОН и во сите меѓудржавни односи на единственото име Република Македонија (како нејзино формално име) и
Македонија (како нејзино кратко име), според правилата и практиката што важат за сите држави членки на ОН“
Претседателот на МАНУ во натамошниот дел од експозето ги потсети сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и членовите на МАНУ, дека, во 2002 година МАНУ се залагаше за: „Прифаќање во ОН и во сите меѓудржавни односи на единственото име Република Македонија (како нејзино формално име) и Македонија (како нејзино кратко име), според правилата и практиката што важат за сите држави членки на ОН“!
– До 2018 година заложбите на МАНУ беа почитувани од над 130 држави-членки на ОН, меѓу кои десетте најмногубројни држави на планетата Земја, вклучувајќи ги Кина, Индија, САД и Русија, па, така, до 2018 година, повеќе од шест милијарди жители на планетата Земја ја ословуваа Македонија користејќи го нејзиното уставно и единствено име, Република Македонија. Зошто, како и кога, од научна институција што ги поддржува предлозите „за признавање и обезбедување на правата на македонското национално малцинство во Грција, Бугарија и Албанија“, МАНУ се трансформира во ненаучна и сервилна институција, која ги поддржува договорите со Грција и со Бугарија, кои овозможуваат деградирање и менување на одредени дисциплини од хуманистичките науки, поточно со кои се негира постоењето на македонскиот народ, македонскиот јазик, македонската историја и на македонскиот идентитет, не само во Грција и во Бугарија туку и во Македонија, занемарувајќи го изградениот институционален став на МАНУ во врска со ова прашање – претставува тема за која се надевам дека токму хуманистичките науки ќе понудат сеопфатен одговор (цитатите од овој параграф се преземени од официјални документи на МАНУ). Овие размисли ме наведоа на помисла дека МАНУ има потреба од отворање расправа за формирање Одделение за хуманистички науки, дотолку повеќе што, според Меѓународната фраскатиева класификација од 2015 година, научноистражувачките активности се групирани на прво ниво, во шест подрачја, при што едно од нив е и подрачјето на хуманистичките науки, коешто, на второ ниво, ги опфаќа, на пример, полињата: историја, археологија, лингвистика, литература наука, филозофија, етика и религија. Се разбира, потребна е сеопшта расправа во Собранието на МАНУ за овој предлог наметнат од претходноопишаната поставеност во МАНУ, но, ми се чини време е МАНУ да се приспособи на современите научни текови кога станува збор за класификацијата на науките.
Македонија сѐ уште не е подготвена да стане полноправна членка на ЕУ, но, за жал, Унијата нема демократски капацитет да ја прими Македонија во нејзините редови. ЕУ направи премногу преседани токму кон Македонија, креирајќи и измислувајќи голем број нелогични, недостоинствени и недемократски предлози, така што ние со право можеме да се прашаме дали проблемите што ги има ЕУ се, всушност, поголеми од сите проблеми што Македонија ги има како држава и општество. Длабоко сум убеден дека единствен излез за Македонија е таа да заборави во моментов на безнадежниот и лажен ЕУ-сон и да се сврти кон себеси. Македонија може и треба сама да се избори за својата подобра иднина
Коцарев: Како понатаму?
– Предлагам и се залагам Македонија да биде дел од Европската Унија, но пристапот во кој доминираат понизноста, сервилноста, недостоинственоста, па дури и нечовечноста, што тековната Влада го избрала како единствен пат за пристапување во ЕУ, е грешен и срамен, па затоа треба веднаш да се напушти. Ќе упатам неколку прашања до македонските политичари од која било провениенција: леви, во центарот, десни, сегашни и идни властодршци. Дали во Република Бугарија и во Република Грција живееле и денес живеат Македонци? Постојат голем број сведоштва, искази, документи и научни аргументи што покажуваат дека одговорот на ова прашање е афирмативен, па, оттука, сите договори со кои се негира постоењето на Македонците во Пирин и во Егеј се неправедни и нечовечни. Дали знаете кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ? И на ова прашање одговорот го знаат сите, меѓутоа манипулациите на власта во врска со ова прашање се грандиозни: Не тогаш кога ќе почнат преговорите, не тогаш кога ќе се потпише Договорот за пристапување во ЕУ, туку тогаш кога потпишаниот Договор ќе биде ратификуван во собранијата на сите ЕУ-членки, па, така, и во Собранието на Бугарија. Имајќи ја предвид Декларацијата усвоена во Бугарското народно собрание во 2019 година, Македонија ќе биде дел од ЕУ само тогаш кога ние ќе признаеме дека не сме Македонци, поточно дека до 1945 година Македонците биле Бугари, што значи дека Македонија и Македонците се производ, конструкција, комунистичка (или Титова) творба. Во овој контекст треба да се посочи и Соопштението на Бугарската академија на науките, со кое таа ги поддржува напорите на бугарската влада да ја интегрира Република Македонија во ЕУ и во кое се изразува нејзиниот став за неприфаќање на тековно предложената рамка за преговори со Република Македонија пред Европската комисија, изразувајќи го својот цврст став за бранење на историската вистина за минатото на историско-географскиот регион на Македонија, вклучително бугарската национална и културна припадност на мнозинството од нејзините жители. Меѓутоа, Македонците ниту биле ниту ќе бидат Бугари, па затоа прво што треба оваа Влада, и сите идни Влади, да го стори, односно да го сторат, е гласно и јасно да се каже НЕ: светите браќа Кирил и Методиј не се бугарски просветители, туку сесловенски, Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, ревидирање на историјата по терк на нашите соседи, условено со ништовни договори, нема никогаш да дозволиме, додека, пак, македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет и се разликува од бугарскиот.
Два предизвика за Македонија: Првиот во менталната/духовната сфера, вториот во реалната/економската сфера
Предизвиците со кои денес се соочува Македонија се големи и разнородни, но во експозето, претседателот Коцарев се осврна на два предизвика: првиот во менталната/духовната сфера, другиот во реалната/економската сфера.
– Првиот предизвик се однесува на сфаќањето на дел од македонските политичари, интелектуалци и граѓани дека нам ни треба некој однадвор за да се воспостави ред и владеење на правото, за да се имплементираат демократските принципи внатре, во државата. Со други зборови, ние, Македонците, не можеме или не сме способни да управуваме, да градиме, да владееме. Во песната „А бре, Македонче“, инаку, химна на партизанското движење во Македонија, авторите Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски-Оцка, го користат деминутивот Македонче за да посочат дека Македонија до 1941 година (песната е создадена во периодот меѓу 23 октомври и 8 ноември 1941 година) „е поробена земја“. Преку зборовите: „Момци наредени, моми накитени, борба ќе одат, борба за слобода“, авторите порачуваат дека ќе се оствари вековниот сон на Македонците: да живеат во сопствена држава, да бидат Македонци, а не Македончиња. За жал, дури и по 32 години независност, дел од македонските политичари, интелектуалци и граѓани, останаа да бидат Македончиња, термин којшто во контекст на независна Македонија, според мое мислење, подразбира: сервилни подлизурковци што својот светоглед го поистоветуваат со лукративни интереси.
Вториот предизвик ѝ припаѓа на економската сфера. Светската, европската и македонската економија ги очекува период на висока инфлација, на висока задолженост на приватниот и на јавниот сектор, нарушени синџири на снабдување и енергетска криза, предизвикани, според Џефри Д. Сакс, од „познатиот пристап на САД за… спречување на економскиот и технолошкиот развој на големите ривали“. Големите ривали во минатото, според Сакс, биле Советскиот Сојуз и Јапонија, а денес е Кина. Ваквите „американски политики ги прекршуваат правилата на Светската трговска организација и претставуваат опасност за глобалниот просперитет“, па затоа „тие треба да бидат прекинати“. Меѓутоа, Сакс заборава, во списокот на ривали да ја додаде и ЕУ. Да се потсетиме дека, во 2022 година, вкупниот БДП на САД го надмина БДП на ЕУ за 26 %, иако вкупниот БДП на ЕУ, во 2008 година, беше за 10 % поголем од американскиот (податоци преземени од Светската банка). Но, предизвиците со кои ќе се соочи ЕУ допрва доаѓаат. Прекуноќ (поточно, по донесувањето на Законот за намалување на инфлацијата во август 2022 година), моќниот европски производствен сектор се соочи со високи бариери кои му го отежнуваат пристапот до огромниот американски пазар – проблем многу подлабок од ударот на германските производители на автомобили, чии електрични автомобили, за разлика од автомобилите произведени во САД, не се квалификуваат за субвенции до 7.500 долари. Во меѓувреме, БАСФ, најголемата хемиска компанија во светот, објави дека го намалува обемот на бизнисот во Европската Унија, додека, пак, „Тесла“ се откажа од изградбата на фабрика за производство на батерии во Германија. Оттука, Варуфакис загрижено констатира дека „деиндустријализацијата на Европа се појави како многу реална можност на и онака мрачниот хоризонт“.
Во вакви бурни економски времиња, патот што го одбра Македонија, пат без континуитет, пат по кој секоја влада одново се враќа на почетната позиција, е погрешен и непродуктивен и води кон пропаст. Бројките се неумоливи: растот на БДП на Македонија за 2022 година изнесува 2,15 % и тој е најнизок во споредба со нашите соседи и со поранешните републики во Југославија (Црна Гора 6,09 %, Албанија 4,48 %, Босна и Херцеговина 3,90 % и Србија 2,25 %). Денес, на Македонија ѝ е потребен фундаментален документ/стратегија, при што документот треба да биде изработен под водство на МАНУ, заедно со универзитетите и со стопанските комори, но во неговата изработка – ова е круцијален услов, воопшто не треба да учествува извршната власт. Само тогаш документот ќе биде поддржан од политичките субјекти во континуитет, инаку секоја нова извршна власт ќе пристапува кон изработка на нов документ, и така во недоглед, а Македонија ќе тоне додека нејзините граѓани заминуваат на гурбет. Но, не е доволно само да се изработи еден таков документ, туку потребна е негова имплементација во континуитет, а потребно е и слабеење на позициите на извршната власт, намалување на администрацијата, па затоа треба, според мое мислење, да се намали бројот на ешалони на извршната власт, но и да се ограничи, па дури и да се изземе извршната власт од раководењето на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата.
Македонија сѐ уште не е подготвена да стане полноправна членка на ЕУ, но, за жал, Унијата нема демократски капацитет да ја прими Македонија во нејзините редови. ЕУ направи премногу преседани токму кон Македонија, креирајќи и измислувајќи голем број нелогични, недостоинствени и недемократски предлози, така што ние со право можеме да се прашаме дали проблемите што ги има ЕУ се, всушност, поголеми од сите проблеми што Македонија ги има како држава и општество. Длабоко сум убеден дека единствен излез за Македонија е таа да заборави во моментов на безнадежниот и лажен ЕУ-сон и да се сврти кон себеси. Македонија може и треба сама да се избори за својата подобра иднина. Инаку, ќе нè снема, ќе догори чкорчето и стихот „македонско име нема да загине“ ќе остане за навек само во песните. Р.Н.М.