Редакциска аналитичка опсервација: Доколку се затвори Ормускиот Теснец во пакет со Баб ел Мандеб, се затвора геостратегискиот обрач околу енергетскиот систем на светот
- Доколку во исто време Иран реши дополнително да изврши притисок и блокади врз Ормускиот Теснец, а Хутите продолжат да го дестабилизираат Баб ел Мандеб, тогаш практично би бил создаден геостратешки обрач околу енергетскиот систем на светот. На исток би бил загрозен извозот на сурова нафта од Персискиот Залив, а на запад би бил нарушен најкраткиот поморски пат меѓу Европа и Азија. Тоа не би било само класична поморска блокада туку блокада на глобалната економија. Последиците стравотно би ги почувствувале и државите што немаат никаква директна врска со конфликтот
Додека погледите на светот се вперени кон иранско-израелската конфронтација и американското воено присуство во Персискиот Залив, една на изглед очекувана, но стратешки многу поважна вест пристигна од Јемен. Хутите прогласија поморска блокада на Саудиска Арабија, образложувајќи дека станува збор за одговор на долгогодишната саудиска блокада врз Јемен, според принципот око за око.
На прв поглед, ова изгледа како уште една епизода во повеќегодишниот конфликт меѓу Ријад и движењето Ансар Алах. Но суштината е многу подлабока. Ако оваа закана се претвори во оперативна стратегија, светот би можел истовремено да се соочи со голем притисок што би бил генериран од двата најважни морски теснеца на Блискиот Исток – Ормускиот Теснец на исток и Баб ел Мандеб на запад. Во тој случај, повеќе нема да зборуваме само за регионална војна туку за глобална економска и енергетска криза.
Морето како ново бојно поле
Историјата покажува дека големите сили најчесто војуваат за копно, но светската економија се урива кога ќе бидат загрозени морските патишта. Денес, токму тие морски патишта стануваат главното бојно поле.
Ормускиот Теснец е артеријата низ која секојдневно минува приближно една петтина од светската трговија со нафта. Од таму излегуваат танкерите на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Катар, Ирак и на самиот Иран. Секое негово затворање или дури и ограничување веднаш предизвикува раст на цените на енергентите, нестабилност на финансиските пазари и страв од глобална рецесија.
На другата страна на Арапскиот Полуостров се наоѓа Баб ел Мандеб – теснецот што ги поврзува Црвено Море и Суецкиот Канал со Индиски Океан. Тоа е единствениот морски коридор низ кој бродовите од Азија стигнуваат до Медитеранот без да ја обиколуваат Африка.
Блокада со неколку глисери, ракети и дронови?!
Последните две години, Хутите покажаа дека не им е потребна класична морнарица за да го нарушат сообраќајот. За неверување, но неколку ракети, дронови и противбродски проектили беа доволни најголемите светски бродски компании да ги пренасочат своите флоти околу ’Ртот Добра Надеж, продолжувајќи ги патувањата за повеќе од десет дена и значително зголемувајќи ги транспортните трошоци. Токму во тоа лежи суштината на современата поморска блокада.
Блокадата повеќе не подразбира десетици воени брода што физички го затвораат морето. Денес е доволно да се создаде уверување дека пловидбата станала ризична. Потоа работата ја преземаат осигурителните компании, превозниците и трговците. Осигурителните премии нагло растат, бродовите бараат побезбедни маршрути, а цената на секој производ што патува по море автоматски се зголемува. Затоа, сè уште не е најважно прашањето дали Хутите навистина ќе напаѓаат саудиски бродови и танкери што превезуваат саудиска нафта или пловила што пловат кон саудиските пристаништа. Доволно е пазарот да поверува дека тоа е можно. Во глобалната економија, перцепцијата честопати произведува исти последици како и самиот напад.
Асиметрична војна против светската економија
Американската стратегија во тој регион традиционално се темели врз премисата за нивна апсолутна воена надмоќ. Навистина, САД располагаат со една од најсилните морнарици во светот, од носачи на авиони, преку т.н. разурнувачи, подморници и секако бази распоредени низ Блискиот Исток. Но последните конфликти покажаа дека асиметричните сили не мора да победат на бојното поле за да создадат огромна економска штета.
Во еден таков контекст, Хутите се токму пример за таква стратегија. Со релативно евтини дронови и ракети тие успеаја да предизвикаат реакции кај најголемите светски транспортни компании што чинат милијарди долари. Во модерната војна, не секогаш победува оној што има повеќе оружје. Понекогаш победува оној што знае каде да удри.
Моментот кога ќе се спојат временски Ормуз и Баб ел Мандеб…
Доколку во исто време Иран реши дополнително да изврши притисок и блокади врз Ормускиот Теснец, а Хутите продолжат да го дестабилизираат Баб ел Мандеб, тогаш практично би бил создаден геостратешки обрач околу енергетскиот систем на светот. На исток би бил загрозен извозот на сурова нафта од Персискиот Залив, а на запад би бил нарушен најкраткиот поморски пат меѓу Европа и Азија. Тоа не би било класична поморска блокада, туку блокада на глобалната економија. Последиците би ги почувствувале и државите што немаат никаква директна врска со конфликтот.
Цените на нафтата би се зголемиле, транспортот би поскапел, инфлацијата повторно би се разгорела, а нарушените синџири на снабдување би се одразиле врз производството и трговијата на повеќе континенти. Во свет во кој повеќе од 80 проценти од светската трговија се одвива по море, секој удар врз клучните морски теснеци има глобални последици.
Обрачот околу светот
Оттаму, најголемата опасност не лежи во можноста Саудиска Арабија и Хутите повторно да влезат во директен судир. Вистинската опасност е што локалниот конфликт постепено се претвора во инструмент за глобален економски притисок. Морските теснеци стануваат средство преку кое регионалните актери можат да влијаат врз светските пазари далеку повеќе отколку што тоа би го постигнале со класична воена победа.
Затоа, тезата „два морски теснеца – една војна“ не е само публицистичка метафора. Таа сè повеќе ја опишува новата реалност на Блискиот Исток. Ормуз и Баб ел Мандеб повеќе не се две одвоени географски точки. Тие стануваат две страни на истиот фронт, преку кој се води битка за контрола врз енергијата, трговијата и врз глобалните транспортни коридори.
Ако симултано бидат блокирани овие две точки, односно доколку Хутите навистина ја реализираат најавената блокада, а Иран го искористи својот капацитет да врши притисок врз Ормускиот Теснец, светот би можел да се најде во ситуација во која неколку десетици километри море ќе имаат поголемо влијание врз светската економија отколку цели армии на копното. Во современите конфликти, победата не секогаш се мери со освоена територија. Сè почесто се мери со тоа кој ги контролира патиштата низ кои течат нафтата, стоката, капиталот… А токму таму, меѓу Ормуз и Баб ел Мандеб, денес се затвора обрачот околу светот.
Големите сили можеби ќе ја добијат војната на копно, но доколку ги изгубат морските теснеци, светската економија ќе ја плати цената. Р.С.
Ракетен напад врз саудиски танкер во Црвено Море: Хутите презедоа одговорност
- Меѓународни служби за поморска безбедност потврдуваат ракетен напад врз танкер со саудиско знаме; нема пријавени жртви, а екипажот успеал да го локализира пожарот
Јеменските Хути соопштија дека рано во четвртокот извеле воена операција насочена кон два саудиски нафтени танкера во Црвено Море, додека извештаи од меѓународни служби за поморска безбедност потврдуваат дека еден од бродовите бил погоден од ракета и претрпел пожар. Според соопштението на Хутите, цел на нападот биле танкерите „Енцелија“ и „Лајла“, кои, како што тврдат, ја прекршиле поморската блокада што ја воведоа тие кон Саудиска Арабија. Во нападот, според нивните наводи, биле употребени повеќе балистички и крстосувачки ракети. Од друга страна, извори од поморската безбедност наведуваат дека танкерот со саудиско знаме „Енцелија“ испратил повик за помош, пријавувајќи дека бил погоден од ракета додека пловел во близината на надворешните граници на саудиското пристаниште Џизан, по што избувнал пожар на бродот. Британската компанија за управување со поморски ризици „Вангард“ соопшти дека инцидентот се случил на околу 70 наутички милји југозападно од Ал Шукаик, во Саудиска Арабија, околу 20 часот по Гринич. Според нивните информации, танкерот бил погоден од засега непозната ракета. Сличен извештај објави и Агенцијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (УКМТО), која информира дека добила пријава од капетан на танкер во истата област. Во извештајот се наведува дека проектилот предизвикал пожар, кој екипажот успеал да го стави под контрола. Според УКМТО, нема пријавени жртви, ниту, засега, има индикации за загадување на животната средина. Во моментов не е официјално потврдено дека извештајот на УКМТО се однесува токму на танкерот „Енцелија“, но локацијата и околностите на инцидентот во голема мера се совпаѓаат со информациите објавени од „Вангард“. Нападот претставува најнов инцидент во серијата напади врз комерцијални бродови во Црвено Море, регион што во изминатиот период останува едно од најчувствителните жаришта за глобалниот поморски сообраќај и енергетските маршрути. Р.С.
































