Фото: Маја Јаневска Илиева

Гласањето за избор на претседател на државата досега се одвива мирно на сите гласачки места, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).  До 13 часот на гласање излегле 26,35 проценти граѓани, според податоци кои пристигнале до ДИК од 1.720 избирачки места односно од 49,03 отсто.

Како што рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски, одѕивот за гласање е 6 отсто повеќе за истиот период од денот во споредба со претходните Претседателски избори во 2019 година.

– Вкупен број на запишани избирачи во избирачките места од кои пристигнале податоци е 872 090, вкупен број на избирачи кои гласале во избирачките места од кои пристигнале податоци е 229 803. Процентот на избирачи кои гласале во избирачките места од кои пристигнале податоци е 26,35 – соопшти на прес-конференција Даштевски.

Според податоците пристигнати досега до ДИК, најголема излезеност до 13 часот имало во општина Новаци (42,87 отсто), а најмала во Врапчиште 10,18 отсто.

Даштевски информираше дека до ДИК досега се доставени 140 приговори за заштита на избирачко право. Од нив 16 се усвоени и на избирачите им е овозможено да остварат право на глас, осум приговори се отфрлени како неуредни, а девет приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка.

На веб-страницата rezultati.sec.mk  може да се следи одѕивот на гласачите и по општини.


 

Во Прилеп се гласа на 142 избирачки места

Во Прилеп во полн ек е гласањето за претседател. Се гласа на 142 избирачки места во градот и во населените места.
Право на глас, велат од ОИК Прилеп, имаат 62.082 гласачи. Досега гласале околу 20 отсто.

фото: Ка. М

Граѓаните, кои ги затекнавме на избирачките места, велат дека го оствариле своето право на глас и очекуваат идниот претседател да се грижи за интересите на државата.
Инаку, вчера од запишаните 291 болен правото на глас го искористиле 277, од старите лица во Старски дом гласале 56 од вкупно 68 и 79 затвореници од запишани 104.

Ка.М.

 


 

Слаб одзив на избирачите во Кичево и Пласница

Во првиот круг од претседателските избори до 11 часот во општина Кичево гласале само 9,98 отсто или своето демократско право на глас го искористиле 5.054 гласачи.

Сите избирачки места во општината се навреме отворени и гласањето тече без проблеми.

Исто така и во општина Пласница излезноста е мала и до 11 часот во ова општина гласале само 4,94 отсто од гласачите или само 260 граѓани го искористиле своето демократско право на глас.
фото: Зоран Антоски

Во општина Македонски Брод излезноста е повисока и до 11 часот во оваа општина гласале вкупно 923 избирачи или 19,3 отсто.

– Во наредните саати се очекува излезоста да се зголеми имајќи ги предвид искуствата од претходните изборни циклуси, кога во вториот дел од денот излезноста е далеку поголема – најави Анета Трпеска од ОИК Кичево.

З.А.