Фото: Горан Анастасовски

Со традиционалната крводарителска акција, првата приватна општа болница „Ре-медика“ вчера го одбележа деветнаесеттиот роденден. Со неа, и годинава вработените, пријателите и многу хумани граѓани даруваа крв за да спасат живот. Шест години од своето професионално постоење прослави и аптеката „Данеа фарм“, која работи во состав на болницата.
„Ре-медика“ како здравствен систем, како што вели генералната директорка Елица Јорданова, е создадена со големо внимание и почит кон здравствените потреби на пациентите, според врвни стандарди.

– Визијата за врвно здравство во „Ре-медика“ стана реалност пред 19 години, на Денот на здравјето. Горди сме зашто е реалност и ден-денес, под закрила на хуманоста, професионалноста и стручноста, за благосостојба на нашите пациенти. Успешниот раст и развој на „Ре-медика“ се во чекор со растот и развојот на современата медицина, благодарение на врвниот тим на професионалци, секој во својата област, континуираната медицинска едукација, следењето на светските трендови и на развојот на медицинската технологија. Во „Ре-медика“ се почитуваат највисоките стандарди, а тоа го препознаваат нашите пациенти. Горди сме на својот тим и благодарни за довербата што ни ја укажуваат пациентите, која ќе се трудиме да ја оправдаме и во иднина – вели Јорданова. Успехот во „Ре-медика“, како што велат вработените, се мери по препораките од пациентите, а во оваа здравствена установа владеат вистинските вредности.
Проф. д-р Александар Митевски, медицински директор на болницата, се заблагодари на довербата, битен столб на кој се темели постоењето на здравствената установа.
– Нека е честит роденденот на нашата болница „Ре-медика“. Беше вистински предизвик да ѝ служиме на нашата заедница, на највисоко ниво, изминативе 19 години. Неизмерно сме благодарни за вашата доверба и поддршка и се радуваме на годините што претстојат. Благодариме што сте дел од нашето семејство – рече Митевски.
Професионализмот и довербата го обележи и шестгодишното работење на „Данеа фарм“.
– Шест години сме им достапни на пациентите за решавање на сите нивни прашања и дилеми и за обезбедување на потребната терапија. Аптеката е сместена во болницата и ние како фармацевти сме во секојдневна и директна комуникација со докторите при изборот на терапија. Денеска славиме шест години работа на нашата аптека и ни претставува чест и задоволство и во наредните години да им помагаме на сите пациенти што ќе дојдат во „Данеа фарм“ – вели Десанка Доксевска-Симеонова, фармацевтка и раководителка на аптеката.
Крводарителската акција по повод 19-от роденден на болницата и Светскиот ден на здравјето се одржа во соработка со Црвениот крст на Општина Гази Баба и Институтот за трансфузиска медицина. Н.Б.З.