Фото: Игор Бансколиев

Промените се суштински, во насока Македонија да стане една изборна единица, кандидатските листи да бидат отворени, при што личноста и дотогашните општествени дејствувања на кандидатите да бидат препознаени (директно од електоратот), во смисла на компетентност, знаења, вештини, углед, чесност, морал и етика… Секако, граѓаните со тоа ќе добијат поголем политички избор, поголема демократизација и вистинско вреднување на нивниот глас. Она што е исто така исклучително важно е и дека со таквата промена на изборниот модел, во основа, реално се лансира долгоочекуваниот т.н. мерит-систем за идните носители на јавната власт (како основен критериум за мерлив квалитет на секој поединец, на институциите и вкупно на целата администрација)

Време има, но има ли и искрена желба за промена на изборниот модел

Ако се тргне од позицијата дека има година и половина пред одржувањето на редовните парламентарни избори во 2024 година, тогаш во духот на европските однапред набележани замисли и намери за навремено исполнување одредени поставени задачи, значи со плански пристап, токму сега е време да се пристапи кон општоприфатениот концепт за промена на изборниот модел во земјава. Декларациите на сите политички партии се дека ја прифаќаат измената во изборниот систем. Имено, промените се суштински, во насока Македонија да стане една изборна единица, кандидатските листи да бидат отворени, при што личноста и дотогашните општествените дејствувања на кандидатите да бидат препознаени (директно од електоратот) во смисла на компетентност, знаења, вештини, углед, чесност, морал и етика… Секако, граѓаните со тоа ќе добијат поголем политички избор, поголема демократизација и вистинско вреднување на нивниот глас. Она што е исто така исклучително важно е и дека со таквата промена на изборниот модел, во основа, реално се лансира долгоочекуваниот т.н. мерит-систем за носителите на јавната власт (како основен критериум за мерлив квалитет на секој поединец, на институцијата и вкупно на целата администрација).

Теоретски сите „за“, а вопрактика сите молчат за промените на изборниот модел

Иако начелно сите политички субјекти во земјава, вклучувајќи ги и големите партии, со години даваат согласност за ваква промена на изборниот модел, во практика ништо не се реализира. Се чека да помине времето, за на крајот да се констатира дека веќе е доцна за промени на изборниот модел и дека треба да се чека некој следен изборен циклус.
Зошто општиот впечаток што сѐ уште се добива во јавноста е дека големите партии воопшто немаат желба за какви било промени на изборниот модел?
Објаснување пред граѓаните должат и помалите партии, кои одвреме-навреме се закануваат дека ќе ја напуштат власта ако не се промени изборниот модел, но потоа продолжуваат да уживаат во благодатите што им ги нуди владеењето.
– Сè е фарса овде кај нас, па така и ова. Ниту ќе се промени изборниот модел, ниту, пак, некој сака да се промени. Малите партии само галамат додека не ги смират со уште понекое директорско или амбасадорско место. На големите им одговара вака, си се менуваат на власт те една, те друга партија, а народот само осиромашува. Утре ќе нема кој да им излезе на избори оти сите ќе избегаат од земјава – вели Атанас Димовски, приватен стопанственик.
Лидерот на Демократскиот сојуз и најгласен заговарач за промена на изборниот модел Павле Трајанов останува на ставот дека приоритет треба да бидат измените во Изборниот законик.
– Таму се потребни коренити промени, не може во Изборниот законик да имаат системска предност четири политички партии, времето за реклама, средства и така натаму. Прво, закон за една изборна единица, решенија што ќе создадат еднакви услови за политички натпревар, потоа избори – смета Трајанов.
Според него, главна цел за оваа нивна иницијатива е да му се стави крај на владеењето на само две големи партии, кои се менуваат на власт и во опозиција.
За претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, сега е вистинско време да се направат измените на изборниот модел, бидејќи не е изборна година, но би било коректно големите партии да бидат искрени и отворено да кажат дали се или не се за изборни промени.
– Не е доцна да се направат промените во изборниот модел. Препораките се шест месеци пред избори да не се менува Изборниот законик, иако имало случаи измени да се прават и пред самите избори. Но она што е суштинско, тоа е големите партии да излезат и јасно да кажат дали се за или се против измени на изборниот модел, наместо само да ја замајуваат јавноста. Најдобро е во Собрание, низ една дискусија, секоја партија да си ги каже ставовите за оваа проблематика и сите да бидеме начисто. Коректно е партиите да си го искажат својот став, да знаеме кој зад што стои, кои се аргументите, за да можеме понатаму да го движиме процесот. Оти вака, само со декларативни заложби, ништо не добиваме, се заборава темата, други теми стануваат поактуелни и така постојано пред секои избори – вели Морачанин.
Според неа, измените на изборниот модел ќе влијаат врз поголема демократизација на општеството и ќе бидат од интерес на граѓаните.
– Убедена сум дека со измена на изборниот модел работите ќе тргнат во демократизација на општеството и дека тоа е во интерес на граѓаните. Ние повторно ќе ја актуализираме таа тема, но во меѓувреме излегуваат сѐ некако други приоритетни теми, но ова е секако приоритет. Има доволно време до изборите и измените можат да се направат. Граѓаните сакаат промени на изборниот модел и отворени листи, не сакаат да гласаат само за партии, туку сакаат да гласаат и за личности, и тоа е добро. Тоа е вистински начин за демократизација и на самите партии, кога самите граѓани ќе избираат дали ќе го изберат првиот, десеттиот или дваесеттиот на листата, а тоа секако ќе влијае и на ставот во партиите внатре околу кандидатите што ги нудат. Тоа се исклучително важни прашања – истакнува Морачанин.
Таа уште додава дека досегашната процедура околу предлог-законот за измена на изборниот модел за една изборна единица останува заглавена во Собранието без некакви сигнали дека овој процес ќе мрдне.

Арсовски: Големите политички партии не се искрени околу своите заложби за промена на изборниот модел

За д-р Марко Кртолица од правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, малите партии, без оглед што јавно демонстрираат дека се за промена на изборниот модел, во практика остануваат лојални сојузници на големите партии и сè се завршува само на кревање врева пред секој изборен циклус.
– Тоа доведува избирачите да ги перципираат малите политички партии како лојални поддржувачи на големите политички партии, односно нивна продолжена рака. Така, разочараноста од големите политички партии се прелева и на малите политички партии, кои поради малото партиско членство, без поддршка на неутралните гласачи, не може да очекуваат поголеми успеси – истакнува во изјава за МИА доцент д-р Кртолица.
Комуникологот Петар Арсовски смета дека големите политички партии не се искрени околу своите заложби за промена на изборниот модел и затоа тоа се одложува од циклус во циклус, а промена е можна единствено ако притиснат странците.
– Големите партии кај нас лавираат околу таа подготвеност за една изборна единица, со исклучок на ДУИ, која цело време вели не. Лично мислам дека промена на изборниот модел може да се случи само под притисок на меѓународната заедница и во еден посериозен процес – појаснува Арсовски.
Според него, треба да се одбере таков изборен модел што ќе го отсликува расположението на гласачите, што ќе биде прифатлив за сите партии и што нема да се менува подолг временски рок.
„Нова Македонија“ се обиде да добие одговор од двете најголеми политички партии во македонскиот блок за нивната искрена посветеност за измени на изборниот модел, но до затворањето на весникот не добивме нивен став по ова прашање.


ОДИХР: Измени на Изборниот законик  шест месеци пред изборите

Според ОДИХР, препорачливо е Изборниот законик да стапи во сила најмалку шест месеци пред изборите, за да можат институциите да се подготват непречено да ги спроведуваат промените.
Низ годините, ОДИХР има дадено голем број препораки за подобрување на изборниот процес во Македонија, но нивна оцена е дека сè уште има голем број прашања во законската рамка за изборите што треба да се решат.
ОДИХР не препорачува специфичен изборен модел, а земјите учеснички во ОБСЕ користат широк спектар разни изборни модели и разни системи за спроведување на изборите, при што клучно за секоја земја е да се обезбеди инклузивност на процесот за изборна реформа.