Вчера во соборниот храм „Св. Вмч. Димитриј“ во Битола беше отслужена богослужба, а потоа и света архијерејска литургија, на која беше објавена одлуката на САС на МПЦ-ОА за впишување на Светата преподобномаченичка Стефанида Битолско-Скадарска во списокот на светите. На чинот на богослужбата за канонизација на Стефанида во Битола присуствуваа високи великодостојници од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, како и од Српската православна црква–Пеќска патријаршија, во присуство на архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, и патријархот на СПЦ, Порфириј
ВБРОЈУВАЊЕ НА СТЕФАНИДА БИТОЛСКО-СКАДАРСКА ВО ДИПТИХОТ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ИСПОВЕДНИЦИТЕ
Изминатиов викенд во манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче и во соборниот храм „Св. Вмч. Димитриј“ во Битола со свечени богослужби беше канонизирана преподобномаченичката Стефанида Битолско-Скадарска. Свеченото вбројување на преподобномаченичката Стефанида Битолско-Скадарска во диптихот на светителите и исповедниците започна во манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче, Демирхисарско, каде што се отслужи празнична вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше митрополитот Петар од Македонската православна црква Охридска архиепископија.
Присуството на повеќе братски цркви има свое суштинско значење во православната екумена
На вечерната богослужба молитвено присуствуваа: високиот архиепископ и митрополит зворничко-тузлански г. Фотије, високопреосветениот архиепископ цетински и митрополит црногорско-приморски г. Јоаникије, високиот архиепископ и митрополит рашко-призренски г. Теодосиј, високопреосветениот митрополит европски г. Пимен, високопреосветениот митрополит кумановско-осоговски г. Григорије, високиот архиепископ михаловско-кошички г. Георгије од Православната црква на Чешка и Словачка, неговата светост епископ Иларион Новобрдски, викар на српскиот патријарх Никола Велики, и делчевско-каменичкиот Марко и кумановско-осоговскиот епископ во пензија г. Јосиф, многубројно свештенство, монаси и верен народ.
Преподобномаченичката Стефанида Битолско- Скадарска впишана во списокот на светите
Во неделата, пак, на 30 јуни, во соборниот храм „Св. Вмч. Димитриј“ во Битола беше отслужена богослужба, а потоа и света архијерејска литургија, на која беше објавена одлуката на САС на МПЦ-ОА за впишување на Светата преподобномаченичка Стефанида Битолско-Скадарска во списокот на светите. На богослужбата за канонизација на Стефанида во Битола заеднички чиноначалствуваа великодостојници од Македонската православна црква-Охридска архиепископија и Српската православна црква- Пеќска патријаршија, во присуство на архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, и патријархот на СПЦ, Порфириј.
Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, на својата редовна седница во работен состав, одржана на 11 април 2024 година, по предлог на синодската комисија за канонизирање светии, донесе одлука да ја вброи преподобно-маченичката Стефанида Битолска во диптихот на светителите и исповедниците. Моштите на Света Стефанида се наоѓаат во манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче, а сестринството на овој манастир ја наслика иконата на оваа новопројавена божја угодничка и го состави нејзиното житие. Д.Ст.