Фото: Принтскрин/МИА видео

Буџетот на државата не е развоен, туку инфлаторен, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Велес, во одговор на новинарско прашање да даде коментар за интервјуто на премиерот Димитар Ковачевски за МИА.

– Би сакал да кажам три поенти. Првата поента е кога вели дека ова е развоен Буџет, не е развоен Буџет туку е инфлаторен. Зошто инфлаторен? Затоа што основата на неговото димензионирање е инфлацијата. Тие велат имаме зголемени буџетски приход поради зголемена инфлација, и таа ја проектираат на ниво од 7,1 отсто. Што значи дека сиромашните граѓани дополнително ќе ги осиромашуваат преку даноци и тие даноци ќе ги прибираат за нетранспарентно трошење на буџетот – рече Мицкоски.

Посочи дека власта не организира отворени денови за граѓаните да видат каде ќе се трошат парите од буџетот.

– Ковачевски вели дека растот на Бруто домашниот производ ќе достигне стапка од 5 отсто. А, истата таа Влада, истото тоа Министерство вели дека следната година ќе имаме раст од 2,9 отсто. Значи огромна е грешката. И тоа кога ќе го претворите во пари значи неколку стотици милиони евра. Ако премиерот вели пет отсто, а Министерството за финансии вели 2,9 отсто грешката помеѓу едниот и другиот орган е некаде околу повеќе од неколку стотици милиони евра – оцени тој.

Според него, не се точни информациите и во врска со трансфер дотациите кон општините, што треба да следат.

– Се сѐ прави само да спречи развојот на општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Не им се овозможува за првпат историски општински обврзници, задолжувања преку банките како што е случајот во Гевгелија и во Радовиш. Така што повторно уште една лага, уште една манипулација или незнаење на Димитар Ковачевски, што е навистина катастрофално – оцени Мицкоски.

За Мицкоски, справувањето со енергетската криза се одвива, како што вели, преку тендери во четири очи за набавка и транспорт на јаглен, набавка на мазут и како што вели „херојско“ авансно плаќање на фактурите.