Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер, Христијан Мицкоски, во своето интервју за централниот Дневник на телевизија „Сител“ истакна дека прв приоритет на новата влада ќе биде борбата со криминалот и корупцијата.
– Уште во првите денови на формирањето на новата влада ќе имам работен состанок со новиот министер за внатрешни работи, господинот Панче Тошковски. Мора да има одговорност за сите оние сомнежи, за сите оние докази коишто изминативе денови стигнаа до нас за сторен криминал во изминатиов период, но истовремено јавно кажувам и тоа го повторувам континуирано дека нема да има толеранција за ниту еден член на владата или било кое избрано лице коешто ќе биде поврзано со афери за криминал и корупција – истакна Мицкоски.
Тој исто така потенцираше дека лично ќе се занимава со тоа ваквите појави да бидат санкционирани бидејќи Македонија нема простор за таков луксуз.
– Лично јас сум тој којшто ќе се бори против тоа и лично јас ќе бидам тој којшто веднаш ќе дејствува и ќе бидат истите променети, затоа што за мене тоа што било патриотизам во 19-тиот век поврзано со кобурата и со камата, денеска во 21-от век преставува чесно работење, работење согласно закон и Устав доколку ја добиете довербата од граѓаните. Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја добија довербата од граѓаните, јас не очекувам ништо помалку од тоа што преставува чесно работење согласно законите и Уставот. Било каква поврзаност на било кое избрано лице со криминалот и корупцијата, лично од моја страна ќе биде санкционирано. Немаме простор за таков луксуз – нагласи Мицкоски.
Тој најави и странска инвестиција од 450 милиони евра во енергетиката, во првите работни денови од владата.
– Уште на почетокот ќе бидете сведоци, ќе имаме една огромна странска инвестиција во делот на енергетиката. Таа би требало да се случи уште во првите два три работни дена на новата влада, со што Македонија ќе биде енергетски независна. Зборувам во нето, ќе име периоди од годината кога ќе се увезува, периоди кога ќе извезува, но генерално тоа што го произведува тоа и ќе го троши. Зборувам како бројка, ако седум терават саати произведува седум терават саати ќе ги троши. Можеби во одредени периоди во зима ќе увезува, а во одредени периоди во лето ќе извезува, но генерално ќе бидеме избалансирани, што за прв пат ќе ни се случи после раните деведесетти години од минатиот век. Тоа е огромна инвестиција во обновливата енергија, 400- 450 милиони евра нешто што се нема случено во регионот и тоа претставува мој личен приоритет, час поскоро таа инвестиција да се заврши. Тоа само ќе покаже кои се вистинските намери на оваа влада и јас тука немам никаква дилема дека во тој дух ќе продолжиме – изјави идниот премиер.
Мицкоски најави и дека следуваат две нови странски инвестиции, односно проширување на две постојни инвестиции.
– Потоа следат две нови странски инвестиции, проширување на две постојни инвестиции во првите сто дена кои што ќе го прошират својот производствен капацитет и конечно милијардата која што веќе ја најавував, тоа е влада со влада кредит кој што ќе значи голема ликвидност за буџетот и пари кои што ќе бидат наменети за капитални инвестиции – кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ јасно ги изнесе своите ставови и во врска со заклетвата и употребата на уставното име на државата. Мицкоски рече дека заклетвата ќе биде во согласност со уставното име на Република Македонија, нагласувајќи ја важноста на почитувањето на Уставот и законите. Тој додаде дека во секојдневната употреба ќе го користи името „Македонија“, потврдувајќи го својот став за заштита на националниот идентитет.
– Не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите, а ние сами да ги кршиме – изјави Мицкоски, нагласувајќи ја важноста на правната држава и примената на законите од страна на сите граѓани, вклучувајќи ги и политичарите.
Мицкоски додаде „уставното име на државата е јасно, не треба сега тука ние да имаме двојни стандарди, да се чувствуваме пред граѓаните неодговорно или да ги доведуваме во заблуда, се знае кое е уставното име, тоа е со придавката“.
Со ова интервју, Мицкоски испрати јасна порака за неговата визија и определба кон почитување на правниот систем и уставот на Република Македонија, како и за поддршка на националниот идентитет и гордоста на македонскиот народ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека информациите кои пристигнувале до него се катастрофални, односно оти државата е во лоша состојба, но сепак, како идна влада ќе работат за брзи резултати.
– Информациите кои доаѓаат до мене се катастрофални односно алармантна ситуација која владее во Македонија и која е наше секојдневие и тоа нема да не изненади ниту нас, ниту граѓаните ако кажеме дека е лоша состојбата. Впрочем нема човек кој денеска во Македонија вели дека е добра состојбата нема таков и впрочем тоа беа и резултатите на изборите кои се случија на 8 мај и знам дека ќе немаме 100 дена, впрочем немаме ниту минута, бидејќи веќе почнаа нападите кон нас, а не сме ниту влада. Претпоставувам дека за шест дена треба да е нашиот прв работен ден, а веќе почнаа нападите – посочи Мицкоски.
Тој додаде дека владата ќе се води по ветувањата кои ги дале во кампањата и укажа на тоа дека веќе две ветувања се исполнети.
– Ние ќе се водиме до тоа кое го ветувавме во кампањата веќе две ветувања испорачавме. Првото ветување е дека ќе се случи реорганизација на владиниот кабинет и тоа се случи со мнозинство од 88 пратеника и втората работа е тоа дека ДУИ ќе биде опозиција и тие се во опозиција – дециден е Мицкоски.