Фото: Принтскрин видео Бигорски манастир

Архиепископот г.г. Стефан по завршувањето на заедничката литургија во фанар одржа говор веднаш после одржаната беседа на патријархот Вартоломеј.

Ви пренесуваме дел од неговиот говор:

„Ваша Сесветост,
Вам Ви е добро познат копнежот на нашата јерархија и на нашиот православен народ, и тоа не го сокриваме од Вас и пред Вас, и пред членовите на свештената јерархија на Вашата Црква и на верниот народ што ѝ принадлежи – да ја видиме Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква.

Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме….

Во Вас е одговорноста на Мајката Црква за добробитот и преуспевањето на православното семејство, при Вас се принадлежностите и правата и не молиме повеќе и поинаку од она како што постапивте со доделувањето на автокефалиите низ историјата, па и во современието. Без да поставуваме аналогија со зборовите на Мудриот Соломон, а имајќи го предвид одговорното и служечко првенство и привилегиите и авторитетот на Константинополската катедра, ќе речеме: “Имаш голема сила, и кој може да се дигне против силата на Твојата мишка? …сите ги милуваш… сè запазуваш …ги сакаш душите”.

Нашиот завет е дека упорно ќе работиме на своето издигнување и дека трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време, кога радосната објава на Великата Христова Црква за нас, пропратена со веселото биење на црковните камбани, ќе ги преисполни со неопислива радост срцата на нас современите и ќе ги смири духовите на упокоените“ – порача Архиепископот Стефан.

Фото: Видео Бигорски манастир

По заврштените говори, патријархот Вартоломеј и Архиепископот Стефан си подадоа братска прегратка.