Фото: Таравари / Инстаграм

Градоначалникот на Гостивар Арбан Таравари е избран за в.д. претседател на Алијанса за Албанците, објавија на фејсбук страницата од оваа политичка партија. Одлуката е донесена на денешното партиско Централно собрание.

Инаку, пред почетокот на партиското Централното собрание, Зијадин Села изјави дека неговото повлекување од лидерската позиција во партијата не значи и повлекување од политиката.

Села посочи оти очекува од новиот партиски лидер да продолжи да ја гради Алијанса за Албанците, а партијата да излезе посплотена, посилна и поприсутна на терен.

На денешното Централното собрание, покрај изборот на нов в.д. претседател на Алијансата за Албанците, се очекува да се расправа и за оставката на пратеничката Иљире Даути од функцијата координатор на пратеничката група на АА во Собранието.

Како што изјави за МИА портпаролот на партијата, Арбен Зекири, по завршување на Централното собрание, се очекува новиот вд претседател Таравари да даде изјава за медиумите.

На прашање дали ќе поднесе кандидатура за претседател на партијата, Таравари одговори дека се уште не донел дефинитивна одлука, а сега ќе биде само вршител на должноста. Тој посочи оти кандидатури можат да поднесат сите заинтересирани членови на партијата, две недели до одржување на вонредниот конгрес.