Претседателот Стево Пендаровски и пратеникот на Левица Димитар Апасиев влегоа во жестока расправија, јавно разменувајќи навреди. Апасиев на Фејсбук упати навреда кон Пендаровски откако беше објавен францускиот предлог за кревање на бугарското вето, по што шефот на државата денеска остро му возврати при одговор на новинарско прашање, за Апасиев повторно да се огласи преку Фејсбук, реагирајќи во иста мерка на последните коментари на Пендаровски.
– Тоа е изјава без преседан во современа Европа. Ви гарантирам дека избран пратеник во ниту еден европски парламент не пцуе починати родители на друг политичар. Тоа е крајно нечовечки, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски, коментирајќи ја објавата на пратеникот од Левица Димитар Апасиев на Фејсбук, во која тој го опцу шефот на државата.
Претседателот кажа оти Апасиев минатата година ја пцуел Радмила Шекеринска.
– Тој тип минатата година јавно ја пцуеше Радмила Шекеринска. Отприлика знам за каква креатура се работи, кој резон има. Меѓутоа, навистина не верував дека може да дојде во ситуација да ми пцуе починат родител. Тоа ми е лична болка. Мојата мајка е почината пред 10 години и беше крајно нечовечки, да ми пцуе гроб на почината мајка. Тоа е нешто што не се простува – нагласи Пендаровски, кој го нарече Апасиев психопат.
Пендаровски смета дека Апасиев нѐ турка во обратна насока од демократијата.
– Преку глава ми е од таквите фесјбук-партиоти, големи мажиња, кои нѐ туркаат во обратна насока од демократија и од фундаменталните вредности – рече Пендаровски.
Пратеникот на Левица се осврна на тоа што претседателот го нарече психопат.