Фото: Архива

Несомнено Албанија успеа да се наметне како главен играч меѓу земјите-кандидати за проширување во регионот, а потврдата стигна и од самата ЕУ, како со отворањето на Колеџот на Европа така и со европските состаноци на високо ниво што ги одржа во Тирана, со што Брисел веќе навести која ќе биде новата членка на Унијата. И додека сите овие успеси можат да се припишат на способноста на албанската дипломатија, загрижува фактот што Македонија и покрај сите отстапки што ги направи не успеа да се наметне како некаков фактор и да издејствува сличен состанок и во Скопје, наместо да биде само место каде што европските челници ќе доаѓаат да испорачуваат само нови барања и да инсистираат на нови отстапки

Состаноците на ЕУ во Тирана покажуваат како се води дипломатија и како се остваруваат националните интереси

За неполна година, Албанија беше домаќин на два крупни настана, прво во декември минатата година во Тирана се одржа самитот ЕУ – Западен Балкан, а деновиве главниот албански град беше домаќин на состанокот во рамките на Берлинскиот процес, на кој се собраа сите европски челници, ставајќи ја полека Албанија во улога на предводник на евроинтегративните процеси во регионот, имајќи предвид дека обата настана се одржуваа во земја што не е дел од ЕУ.
Досегашната пракса беше лидерите од Западен Балкан да се собираат на состаноци од ваков формат во некоја од земјите-членки, иако за волја на вистината, првиот самит одржан во некоја од земјите во регионот беше во 2000 година во Загреб, тогаш кога Хрватска не само географски туку и формално припаѓаше на политичката конгломерација „Западен Балкан“. Хрватска набрзо по самитот во 2000 година, исто како сега Албанија, ја доби улогата на предводник на евроинтеграцискиот процес во регионот, за потоа да го „напушти“ регионот, прва од државите што му припаѓаа, и да стане дел од ЕУ.
Најдобра потврда дека Албанија ќе биде новиот предводник е отворањето на разгранокот, односно кампусот на Колеџот на Европа, а присутните лидери на ЕУ го поздравија тоа како „чин со големо симболично значење“, односно предвесник на влезот на Западен Балкан во ЕУ. Разгранокот во Тирана е трет во составот на Колеџот на Европа, кој од 1992 година досега има два кампуса – едниот во Бриж, Белгија, и вториот во Натолин, јужен округ во Варшава, Полска.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, потсети дека набрзо по отворањето на кампусот во Полска следувал влез на таа и други централноевропски земји во ЕУ и изрази надеж дека ќе биде исто и со Западен Балкан по отворањето на кампусот на Колеџот на Европа во Албанија.
И францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот порача дека неговата земја ќе ја поддржи Албанија во процесот на европска интеграција.
– Франција е решена да ја направи оваа билатерална врска профитабилна, потпирајќи се на франкофонијата на вашата земја, на Средоземно Море што ни е заедничко и амбициите наспроти заедничките предизвици. Пријателството меѓу нашите два народа е вековно. Сакам да ја истакнам поддршката на Франција за она што го нарекуваме процес на проширување – изјави Макрон.

Како и да е, несомнено Албанија успеа да се наметне како главен играч меѓу земјите-кандидати за проширување во регионот, а потврдата стигна и од самата ЕУ, како со отворањето на Колеџот на Европа така и со европските состаноци на високо ниво што ги одржа во Тирана, со што Брисел веќе навести која ќе биде новата членка на Унијата.
И додека сите овие успеси можат да се припишат на способноста на албанската дипломатија, загрижува фактот што Македонија и покрај сите отстапки што ги направи не успеа да се наметне како некаков фактор и да издејствува сличен состанок и во Скопје, наместо да биде само место каде што европските челници ќе доаѓаат постојано да испорачуваат нови барања и да инсистираат на нови отстапки.
Можеби тука треба да се бараат причините зошто Македонија е заобиколена од ваквите крупни настани, бидејќи земја што се откажа од државните симболи, од уставното име, а сега се пазари и за идентитетот, јазикот и историјата, не може да ужива некаков кредибилитет во очите на меѓународната заедница, а уште помалку да биде предводник на другите. Ако на тоа се придодаде и сервилната македонска надворешна политика, тогаш повеќе од јасно е зошто македонските политичари ќе бидат само гости во околните земји, гледајќи како тие одат напред и ги отвораат европските перспективи, додека Македонија и натаму останува уценета и заглавена.