Документарецот „Бавен живот“, за македонското село Слоештица, на мексиканската уметница Елизабет Рос ќе биде прикажан на уметничкиот фестивал „Тајни арт-фестивал“ во Јапонија, културен настан што е специфичен бидејќи се организира во еден дел на Токио што историски, од „населба на отфрлените“, прераснува во „населба на благосостојбата“ и во кој главно живеат странци.
– Престојот во селото е патување во минатото, минато што исчезнува – ова е воведот на краткиот документарен филм за Слоештица што мексиканската уметница Елизабет Рос го сними во август 2010 година, како гостинка на меѓународната уметничка резиденција на „Арт поинт Гумно“. Токму годинава, кога овој меѓународен центар за уметност и одржлив развој го чествува својот 20-годишен јубилеј, филмот посветен на Ѓука и сите жени од Слоештица е селектиран да биде дел од програмата на веќе етаблираниот уметнички фестивал „Тајни арт-фестивал“ во Јапонија – велат Ирена и Сергеј Андреевски.
Во периодот од 14 октомври до 15 декември, приказната за македонското село што полека исчезнува, за тутунот, печурките, валавиците, животните, пиперките, за животот и за смртта како негов дел, богато илустриран со автентична музика од македонски автори и изведувачи, ќе се прикажува дури на четири различни сцени што се дел од фестивалската поставка.
Елизабет Рос е една од најпроминентните мексикански уметници воопшто. Како што самата за себе вели „таа е номад, но пред сѐ мексиканска уметница, ткајачка на средби, кураторка и исцелителка што од 1976 година постојано се бара и секогаш повторно се пронаоѓа себеси“. Преокупирана со повеќеслојното потекло на својот и со идентитетот на другите, Рос беше поканета на шестнеделен резиденцијален престој во Слоештица во август и септември 2010 година. За време на престојот, освен филмот „Бавен живот“, таа паралелно работеше и на неколку други проекти (сликање, инсталации, ритуален перформанс и слично).
– Се гордееме со успесите на сите уметници што биле наши гости, а сега се дел од големото семејство на културни амбасадори за Македонија на „Арт поинт Гумно“ – вели Ирена Андреевска.