Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбер Таравари, вечерва во гостување на ТВ 24 Вести најави дека заедно со Алтернатива идниот понеделник ќе одржат протестен марш со пораката „Доста е“, со цел да го изразат нивниот револт против злоупотреба на гласовите и полнењето на кутиите од страна на ДУИ на изборите.

Протестот ќе почне од Чаир, а предвидено е да заврши пред канцеларијата на ЕУ во Скопје и пред Државната изборна комисија (ДИК).

Таравари изјави дека е доста со полнење кутии и дека народот треба сам да ја изрази својата политичка волја. Тој додаде дека располагаат со имиња и презимиња на починати гласачи кои гласале на изборите, а за тоа била информирана и Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

Според Таравари, извршена е кражба на гласови во албанскиот блок, поради што поднеле жалби до Управен суд за изборни прекршувања во Петтата и Шестата изборна единица. Но, тој смета дека тие нема да бидат прифатени бидејќи во судот има судии кои се блиски до ДУИ.

Во врска со прашањето за формирање Влада, Таравари рече дека за нив се отворени сите опции, но главен услов е ДУИ да не биде дел од парламентарното мнозинство. Според неговиот став, по 18 години, треба да се случи промена кај албанскиот политички блок.