Фото: Игор Бансколиев

Продолжува трендот во кој на јавноста, во секое предизборие, наместо издржани и реални партиски програми, ѝ се сервираат обвинувања за криминал и корупција меѓу политичките противници, кои потоа бавно или никако не се процесираат. Упатените
објаснуваат дека обвинувањата од пресовите ретко завршуваат со пријави до надлежните обвинителства, а уште поретко оттаму може да се слушне дали обвинувањата од пресовите се процесирани по допрен глас, дали биле обвинувањата воопшто основани и дали ќе има судска постапка, по што би следувала и соодветна санкција за евентуално утврдено кривично дело или, пак, за навреда и клевета. Јавноста, притоа, останува ускратена за веродостоен суд за изнесените наводи на
партиските прес-конференции што, во значителна мера, може да влијае и врз
процените на граѓаните кога, како гласачи, треба да се определат на изборите

НАМЕСТО СВОИТЕ СОМНЕВАЊА И ДОКАЗИ ДА ГИ ПРИЈАВАТ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО, ПАРТИИТЕ ОД ТОА ПРАВАТ ПОЛИТИЧКИ МАРКЕТИНГ

Со тешки обвинувања за криминал и корупција во највисоките партиски раководства и меѓу некои од кандидатите за избор за градоначалници и за советници во 80 општини и во Град Скопје започна и оваа предизборна кампања за седмите по ред локални избори во Македонија. Со тоа, продолжува трендот во кој на јавноста, во секое предизборие, наместо издржани и реални партиски програми, ѝ се сервираат обвинувања за криминал и корупција меѓу политичките противници, кои потоа бавно или никако не се процесираат. Упатените објаснуваат дека обвинувањата од пресовите ретко завршуваат со пријави до надлежните обвинителства, а уште поретко оттаму може да се слушне дали обвинувањата од пресовите се процесирани по допрен глас, дали биле обвинувањата воопшто основани и дали ќе има судска постапка, по што би следувала и соодветна санкција за евентуално утврдено кривично дело или, пак, за навреда и клевета. Јавноста, притоа, останува ускратена за веродостоен суд за изнесените наводи на партиските прес-конференции што, во значителна мера, може да влијае и врз процените на граѓаните кога, како гласачи, треба да се определат на изборите.
Без претензија да се навлегува во основаноста на изнесените тврдења, туку само како најсвеж пример, може да се посочи прес-конференција на која беше обелоденета таканаречената афера „Профитер“, во која, наводно, администрацијата на Град Скопје местела тендери за градежни фирми заради, како што беше потенцирано, зголемување на личното богатство на актуелниот градоначалник. Иако тоа е една од многу важни позиции во земјава, особено во контекст на тукушто започнатата кампања за локалните избори, граѓаните, како и безброј пати досега, нема да ја дочекаат, или ќе ја дочекаат со задоцнување, разврската и на оваа вистинска или фингирана „афера“. За случаите што завршија во судовите, веќе е познато како се одвиваат, но останаа и многу афери што, како такви, на разни начини, беа најавувани од политичките центри, но јавноста никогаш не беше запознаена со нивниот исход.

– Така е затоа што тоа е во доменот на граѓанската одговорност за клевета и навреда. До тоа дојде во рамките на законските измени што следуваа по барањето на новинарите клеветата и навредата да се изземат од кривичната одговорност. Така, практиката се сведе на нешто минимално. Имено, дури и кога, по приватните тужби, се утврдува делото, тоа ретко или задоцнето се санкционира. Моето видување е дека законот треба да обезбеди судска заштита под услов таа да биде брза и ефикасна, бидејќи последиците од клевета и навреда се чувствуваат веднаш, а правната заштита, доколку ја има, најчесто е задоцнета. Освен тоа, не ја гледам сатисфакцијата, доколку истата таа јавно не се соопшти за да послужи како општествена поука – потенцира адвокатот Димитар Дангов, кој во изминативе години застапуваше многу обвинети за криминал и корупција во високата политика.
Вистина, Обвинителството во таквите случаи повремено реагира и по допрен глас, но очекува тие да бидат и пријавени и поткрепени со материјални докази.
– Во согласност со членот 273 од Законот за кривична постапка, сите државни органи, јавни претпријатија и установи се должни да ги пријават кривичните дела за кои се гони по службена должност, а за кои се известени или за нив дознале на друг начин. Поднесувајќи ја пријавата, пријавителите треба да ги наведат и доказите што им се познати и да преземат мерки за да се зачуваат трагите од кривичното дело, предметите што се употребени во неговото извршување или настанале од извршувањето и други докази. Наедно, законската одредба укажува дека секој може да пријави кривично дело што се гони по службена должност.

Оттука, Јавното обвинителство очекува граѓаните, политичките партии, институциите што имаат сознанија за сторени кривични дела, поткрепени со доказите што им се познати, да ги пријават и достават до надлежните институции – информираа од службата за односи со јавноста при Јавното обвинителство.
Зошто информациите за разврска на случаите со обвинувањата за политички криминал и корупција потоа тешко или никако не допираат до јавноста и „аферите“ продолжуваат да се користат како муниција за меѓупартиските престрелки, збунувајќи ја јавноста, можеби најдобро објаснува поранешниот главен државен обвинител Ставре Џиков.
– Според Законот за кривична постапка, секој што јавно ќе изнесе одредени тврдења, должен е тоа да го образложи и со докази. Најдобро е тој што има одредени сознанија или докази да ги достави до надлежното обвинителство, кое потоа е должно да поведе постапка и потоа да се изјасни. Јас сега немам увид како течат тие работи, но можам да кажам дека во едно мошне динамично општество, какво што е нашето, и каде што не функционира правосудниот систем, нешто повеќе и не може да очекуваме – констатира Џиков. Д.М.М.