Следната седмица, на 17 мај, во Софија, ќе се сретнат македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас, како продолжение на обидите да се најде решение на спорот за името. Заев во април годинава изјави дека кога јавноста ќе чуе најава за нивна нова средба, тоа ќе значи дека има шанси да се постигне достоинствено решение за државата.
Средбата на македонскиот и грчкиот премиер доаѓа по вчерашната средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, под покровителство на посредникот Метју Нимиц.

– Средбата можам да ја карактеризирам како многу сериозна, работевме напорно, на моменти интензивно. Направивме одредена позитивна работа. Двајцата министри ќе ги брифираат премиерите во подготовките за нивната средба во Софија, следната седмица, на 17 мај. Во основа, ова е пораката што ја имам – рече Нимиц по состанокот.
Разговорите и преговорите во хотелот во Сунио на министрите Димитров и Коѕијас со специјалниот претставник на ОН, Нимиц, траеја речиси шест часа.
Во пресрет на вчерашната средба на шефовите на македонската и грчката дипломатија со посредникот Метју Нимиц, грчките весници „Катимерини“ и „Та неа“ во своите изданија објавија слични анализи, околу можно сценарио за постигнување договор и одреден временски период за ратификација од македонска страна.
Да ѝ се даде доволно време на Македонија за да го одобри ерга омнес и да направи уставна ревизија предвидува сценариото за кое, според „Катимерини“, во последните денови се разговара меѓу Атина и Скопје.

– Врз база на ова сценарио, кога ПЈРМ ќе ги одобри овие две предвидени точки, особено важни за Атина, тогаш автоматски соседната земја ќе се приклучи во НАТО и ќе ги започне пристапните разговори со ЕУ (секако, доколку Брисел упати соодветна покана) – пишува „Катимерини“.
Со слично сценарио, но со дополнителна информација за временски рок од две години за имплементација, излезе и грчкиот весник „Та неа“.
Постигнување договор сега и постепено комплетирање за две години се двете карактеристики на сценариото што се наоѓа на маса што го објави грчкиот весник „Та неа“ во неговото вчерашно издание.