Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одржа состанок со коалицискиот партнер и претседател на ДУИ, Али Ахмети, на кој беше договорено дека СДСМ и ДУИ заедно ќе настапат на претстојните локални избори.

– Заедничка ни е целта во предизборната коалиција да се вклучат што е можно повеќе партии од владината коалиција. Во тек се постапките за избор на најдобрите кандидати, тоа ќе бидат личности кои умеат и кои се подготвени да го дадат најдобриот резултат за граѓаните во секој град, во секое село, во секоја населба – објави Заев на неговиот фејсбук профил.

Заев истакна дека меѓусебната поддршка во некои општини СДСМ и ДУИ ќе ја дадат уште во првиот круг на изборите, а во други општини тие ќе се поддржуваат во вториот круг.

– Согласни сме дека институциите имаат и обврска и капацитет да испорачаат целосно демократски, професионални и фер локални избори – додаде Заев.