Иднината е обезбедена, државата продолжува на вистинскиот пат, уште подобро и уште повеќе, велат од СДСМ од каде додаваат дека на изборите граѓаните масовно го поддржале концептот на коалицијата „Можеме“.

– Мандатот за составување на следната, уште поодговорна и уште поотчетна Влада, е кај Зоран Заев – следниот премиер на Република Северна Македонија – стои во партиското соопштение.

Од СДСМ истакнуваат и дека во деновите до и околу Илинден граѓаните ќе може да здивнат од политичките активности на партиите.

– После Илинден, согласно законските рокови, влегуваме во процес на дефинирање на владината коалиција, водена од СДСМ. Законските рокови ќе бидат целосно запазени, државата ќе добие функционални и легитимни институции – порачуваат од партијата од каде ја информираат јавноста и дека претседателот Заев од утре ќе користи неколку денови годишен одмор кој ќе го мине во државата.