Постисторијата на Македонија во четири чекори

Во ексклузивна анализа за „Нова Македонија“, претседателот на МАНУ. Љупчо Коцарев, се осврнува на феноменот постисторија и објаснува колку малку треба за да застанеме непоколебливо и достоинствено зад тврдењето: македонското име, јазик, идентитет, историја имаат повеќевековна традиција во и надвор од границите на денешна Македонија

Во општествените и хуманистичките науки последните неколку децении доминира зборчето „пост“. Имињата, на пример, на Лиотар, Рорти, Фуко, Слотердајк и Хејбер, или, во Македонија, на Ќулавкова, Котеска и Андоновски, да спомнам само неколкумина, веднаш асоцираат на поимите/синтагми: постструктурализам; постметафизика, постмарксизам; постмодернизам; постисторија; постсекуларизам итн. За Старделов, „недвојбено е сознанието дека денес опстојуваме во едно ново постисториско раздобје“. Поимот постисторија подразбира, ако се користи Оксфордскиот речник, замислен период по запишаната историја, сè уште неевидентирана историја на иднината. Што можеме да кажеме за постисторијата на Македонија? Дополнувајќи го Старделов, да се расправа денес по ова прашање, поточно да се расправа денес за односот на филозофијата, политиката и власта не е можно ако постојано не сме обземени од духот на достоинството, „како прерогатив conditio sine qua non на секоја човечка егзистенција.“ Одговорот на прашањето ќе го предочам во четири чекори.

Прв чекор: Спогодбата од Преспа. За оваа тема пишував неодамна. Тука сакам да прозборам за преводот на членот 3б од Спогодбата. На англиски јазик, членот гласи: „The nationality of the Second Party shall be Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia, as it will be registered in all travel documents“, додека преводот на македонски гласи: „Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи“. Категоријата „државјанство“ се изведува од терминот граѓанин, на англиски јазик: citizenship и citizen. Така, во англиската верзија, членот 3б јасно разликува две категории: „националност“ и „државјанство“ (или граѓанин, жител). Уште повеќе, во англискиот член кај националност е наведен зборот „македонска“, а кај државјанство синтагмата „граѓанин на Република Северна Македонија“. Оттука, може да се констатира дека македонскиот превод нотира само една категорија. Во него е испуштена категоријата националност, а зачувана е само категоријата државјанство (граѓанин). Би сакал да напоменам дека термините националност и државјанство не се синоними и имаат различни значења. Интересно е да се спомене дека во членот 15 (1 и 2) од Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации стои: „Секој има право на националност“ и „Никој не смее самоволно да биде лишен од својата националност, ниту од правото да ја промени националноста“. Исто така, Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации во ниеден член не го спомнува терминот државјанство. Кои се мотивите, уште повеќе кои се последиците од тоа што терминот nationality во Спогодбата е преведен со државјанство, а не со националност? Ако за некои мислители не се спорни македонскиот идентитет и македонската етничка припадност, дали Спогодбата од Преспа (веќе) доведе до истребување, лишување на македонската националност? Дали со Спогодбата е доведен во прашање суверенитетот на нашата држава? Ова се само мал дел од прашањата за коишто МАНУ треба и мора да понуди научна и аргументирана анализа.

Втор чекор: Министерство за образование и наука. И за новата концепција на основното образование зборував повеќепати. Во духот на салата Македонија (на француски macédoine), поим што првпат се среќава во 1740 г., со значење мешавина од различни овошја, сечкани на ситни парченца, или, поопшто, мешавина од неповрзани работи, концепцијата е токму тоа: конгломерат од разнородни елементи, со една единствена цел: да се заборават местото и улогата на предметот Историја во воспитно-образовниот процес на младите генерации и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културната историја на Македонија. Од друга страна, во концепцијата се предлага уште една мешавина од физика, хемија и биологија. Природните науки се основа за применетите науки, кои, пак, се фундаменти на континуираниот, инклузивен и одржлив економски раст во која било држава, па, така, и во Македонија. Така, во една од најсиромашните држави во Европа, во која социјалниот и општествениот статус на учителите е многу низок, се предлага концепција што можеби ќе има несогледливи последици врз македонската економија, но сигурно ќе доведе до целосно обезличување на професијата учител. Без разлика на укажувањата дека реформите во образованието се прават во многу краток рок, нетранспарентно, без вистинска јавна дебата, како и без вклучување на клучните релевантни научни и наставни институции во земјава, кои во меѓувреме, се изјаснија против оваа концепција, концепцијата за основното образование неодамна беше усвоена во Собранието. Веќе видено: односот на политичарите спрема образованието не е сменет во последните 30 години; тој е, со умерени зборови кажано, несериозен, деструктивен и понижувачки.

Трет чекор: Министерство за култура. Пред неколку дена прочитав: „Придавката ’македонска’ некому му пречи, па се заменува со означителот НАЦИОНАЛЕН.“ Во Спогодбата од Преспа, во членот 3б, се испушта зборот националност. Неодамна, Министерството за култура отиде чекор понатаму, во духот на Спогодбата од Преспа, па придавката национален ја замени со јавен. Еве цитат од новиот Предлог-закон за остварување на јавниот интерес во културата: „Меѓу другото, со Предлогот на законот се менува и името на Законот и тој се предлага да се именува како ’Закон за остварување на јавниот интерес во културата’, поради што во него ќе се предефинира досегашниот поим ’национален интерес’ како ’јавен интерес’.“

Четврти чекор: Филолошки факултет „Блаже Конески“, УКИМ. Во документот „Програма за работа на деканот на Филолошкиот факултет ’Блаже Конески’ во мандатниот период 15.09.2020 – 14.09.2023“, поднесен од професорка на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, се предлага структурата на факултетот на првото, највисоко, ниво (дали тоа ниво ќе биде имплементирано со катедри или отсеци, не прави никаква разлика), да не го содржи зборот македонски (ги нема повеќе термините македонски јазик и македонска книжевност). Инаку, со таа програма професорката е избрана за декан на факултетот за периодот од 15 септември 2020 година до 14 септември 2023 година. Во програмата се предлагаат „реформи“ на факултетот, при што структурата на факултетот од 11 катедри (од кои две се катедрите за македонски јазик и македонска книжевност) се заменува со структура од 5 отсеци (од кои ниеден не е отсек за македонски јазик и книжевност). За среќа, во овој случај, по упатените укажувања, се чини дека, сепак, идните реформи предвидуваат нов, шести отсек за македонистика.
Што зборуваат четирите синхронизирани и оркестрирани чекори, но и многу други за кои знаеме и не знаеме, за постисторијата на Македонија? Одговорот се насетува, наслутува, навестува. Многумина, на пример Чинго, тоа го знаеја од поодамна. Романот „Лазаревото писмо и писание“ е безвремен; иако лоциран во едно конкретно историско време (годината 1965), сепак, романот ги открива ужасните навестувања и пророчките виденија за нашата човечка и национална опстојба токму денес. Во најцрното сценарио, кое, се надевам, нема да се оствари, во постисторијата на Македонија, ги нема одредниците за Македонија, македонскиот јазик, и македонскиот идентитет.

Зошто воопшто пишувам за ова? Ќе го спомнам повторно Чинго: „кога требаше да се рече ох, ох, мајко моја, ох, пријателе мој, ох живот, ох птицо, ох водо, ох доме, ох, ох, ох – тоа значеше дека при тој секој, ох, како некој одзади да ви удира нож. Ох, нож“. Ножот удира одвнатре, за оние однадвор воопшто не се грижам – тие се сепак во други држави. „Вистина ет било, Талаша, тоа што огнот не го горит, тоа што водата не го носит, тоа и чумата што не го берит, тоа човекот во своето зло најдобро го свршвит“. А, треба само малку, да застанеме непоколебливо и достоинствено зад тврдењето: македонското име, јазик, идентитет, историја имаат повеќевековна традиција во и надвор од границите на денешна Македонија. Тогаш, континуитет ќе се одржи и понатаму, и во постисторијата на Македонија.