Фото: Игор Бансколиев

Новиот парламентарен состав го очекуваат повеќе предизвици што треба да се решаваат како приоритети, почнувајќи со справување со пандемијата на коронавирусот, раст на економијата, до градење национална стратегија пред почетокот на преговорите со ЕУ наесен

Новиот пратенички состав го очекуваат сериозни предизвици

Фактот дека целиот тек на кризата и справувањето со пандемијата на коронавирусот Македонија ги помина со самораспуштено собрание и институции ограничени во својата функционалност, се чини дека ги зголемува приоритетните предизвици со кои треба да се соочи новиот пратенички состав што ќе произлезе по изборите на 15 јули. Но и пред самораспуштањето на Собранието, кое се случи пред почетокот на прогласување на светската пандемија, беа започнати одредени политички иницијативи и процедури, како на пример пописот, кој требаше да се реализира во април 2020 година (а сепак е повторно одложен за наредната 2021 г.)… Покрај овие прашања, новиот парламентарен состав наследува повеќе предизвици од старата собраниска гарнитура, кои веќе треба да се решаваат како приоритети со дополнителна сериозност и потреба за консензус, најмногу поради очекувањето за почнување на преговарачкиот процес за членство во ЕУ. Во таа насока се наметнува и прашањето кои се политичките приоритети на Собранието, по 15 јули.

– Процесот за формирање стабилно парламентарно мнозинство може да потрае и тоа би било првата стартна неповолност за државата воопшто. Второ, тој процес дури и да заврши брзо и лесно, соочена со пандемијата, земјата во многу сектори е во финансиска и економска криза. Во долгови, во социјални дубиози, па тешко дека нешто брзо ќе се случи во насока на санирање на состојбата каков и да биде владиниот состав што ќе го преземе кормилото на државата.
Во такви околности е нереално да се очекува успешен почеток на преговорите со ЕУ, каде што приоритети се средување на судството, администрацијата и другите нужни секторски реформи. Но каков и да биде изборниот епилог, евроинтеграциите како обврска се приоритет кој и да е власт и каков и да биде составот на парламентот. Ако за тие приоритети има политичка волја, има надеж, но тоа сега е многу неизвесно – вели Зоран Иванов, долгогодишен новинар и познавач на политичките текови во Македонија.

Во поглед на „наследените предизвици“ што ќе ги добие новиот парламентарен состав, професорката по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска најмногу е загрижена за резистентноста, односно непроменливоста на состојбите во правосудството, корупцијата, непотизмот, слободата на говор, човековите права…
– Донесовме толку закони со препораки и сугестии на Венецијанската комисија, но состојбите во правосудството не се променија. Според една неодамнешна анкета, довербата во судовите е едвај 2 отсто, Уставниот суд и понатаму е камен на сопнување, а и во институцијата Народен правобранител не сме без предизвици во однос на довербата. Ако само се менуваат законите на хартија, а не се менуваат состојбите во однос на нивната примена, исклучително проблематична ни е позицијата во преговорите со ЕУ, кои започнуваат (и завршуваат) со поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото и правната држава – вели професорката Каракамишева-Јовановска.
Професорката по уставно право смета дека треба да продолжи започнатиот процес на реформа на изборното законодавство, зашто очигледно е дека партиите не се задоволни од изборниот модел со шест изборни единици, како и дека е важно за државата спроведувањето попис, но на тоа гледа повеќе како на статистичко-техничко прашање, а не како на политички критериум од Европската комисија. Како важен предизвик за новиот парламентарен состав, потребен и за градење позиција на државата пред започнување на преговорите со ЕУ.

– Новата реалност предизвикана од пандемијата на ковид-19 секако носи огромни предизвици од економски карактер за новата власт, но не треба особено да се проблематизира техничкиот аспект на функционирањето на новото собрание, со оглед дека пратениците имаат можност да работат онлајн. Но и од политички аспект не би требало да се проблематизира ако некоја партија наметне иницијатива за креирање национална стратегија за одбрана и промоција на националните интереси. Таквата стратегија со која ќе ги утврдиме прашањата што се национална важност и за кои не се преговара треба да се донесе во Собранието и тоа ќе ѝ даде сериозност на нашата позиција дури за преговорите за членство во ЕУ. Притоа, националната стратегија за одбрана и промоција на националните интереси не треба да се ограничи само на историските прашања туку да биде и секторски разработена за култура, образование, здравство, вклучувајќи го и унитарниот карактер на државата. Таквата стратегија за националните прашања, која сега ја немаме, е од суштинска важност. Досега за тие прашања некако импровизиравме со резолуции, декларации, индивидуални партиски ставови, но очигледно таквите форми не функционираат во поставувањето јасни национални позиции – предлага професорката Татјана Каракамишева-Јовановска.