Фото: Маја Јаневска-Илиева

Политичарите и експертската јавност се поделени по прашањето дали е можен подобар договор со Грција или сегашниот е максимумот и не може повеќе

И додека речиси целата меѓународна заедница еуфорично дава поддршка за храброста на лидерите и на властите во Македонија но и во Грција за постигнатиот „историски договор“, во пресрет на референдумот закажан на 30 септември, и ги повикуваат граѓаните да излезат и да гласаат, во јавноста паралелно се пуштаат пораки дека нема да имаме нова шанса за подобар договор со Грција околу спорот за името. Паралелно на ваквиот став, кој главно е застапуван од политичарите од владејачката гарнитура, од другата страна имаме спротивно тврдење дека Македонија сепак можела и може да постигне подобар договор со Грција во иднина. Интересно е дека ваквата теза, која главно се пласира од страна на опозицијата, во исто време не ги објаснува конкретните чекори што би се презеле ниту пак дава приказ како би изгледало тоа на хартија и дали идниот подобар договор би бил прифатлив за Грција, ЕУ, САД и за остатокот од меѓународниот фактор. Ваквиот контекст на случувања, на само десетина дена од закажаното референдумско изјаснување на граѓаните, пред домашните познавачи на проблематиката ја наметнува дилемата дали воопшто овој договор со Грција е „најдобриот“ што Македонија можеше да го постигне и секако какви се шансите за нов подобар договор.

За поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски полош договор од моменталниот Македонија не можела ни да помисли. Според него кој било друг договор во иднина би бил подобар од сегашниот.

– Полош договор од сегашниот за Македонија не може ни да се замисли. Тоа автоматски значи дека секој друг договор би бил подобар. Силен е впечатокот дека ваков катастрофален е потпишан бидејќи власта беше сигурна дека во јуни ќе добие датум за преговори со Унијата. Народот одамна рекол дека брза кучка слепи кучиња раѓа. Сега најважно е овој договор да пропадне, а потоа борбата мора да продолжи. Во секој случај сме ставени во крајно неповолна позиција бидејќи прифативме незамисливи понижувања, но тоа е реалноста со која мораме да се соочиме – објаснува Никовски.

Од друга страна, политикологот Димитар Димов смета дека не можело да има подобар договор и оти е илузија и несериозност доколку некој каже дека би склучил подобар од овој. Според него, Македонија не е во можност да избира дали овој договор е добар или не, туку земјава мора да ја прифати реалноста, а таа е дека оваа спогодба, а не никоја друга ќе нѐ однесе во НАТО и во ЕУ.

– Не смееме да заборавиме дека ако пропадне референдумот ние и понатаму остануваме БЈРМ, затоа што, како прво, не верувам дека веќе ќе има храбри македонски политичари што ќе влезат во оваа битка, а сметам дека и меѓународната заедница целосно ќе се олади околу ова прашање. Ваквиот мој став го темелам на размислувањето дека ова навистина е шанса што треба да се искористи – вели Димов.
Политикологот објаснува дека проблемот не треба да се гледа низ призмата на патриотизмот, а договорот од Нивици за решавање на спорот за името е максимум што можеше да се постигне за наша страна.

– Да бидеме реални ја познаваме грчката дипломатија, а таа е една од најмоќните во светот. Ова е максимумот што можеше да го добиеме. Ако некој друг би склучил подобар договор од овој е илузија. Ако има, треба да каже конкретно како може да направиш подобар, а не да се критикува без основа или план Б како сето тоа би изгледало. Иако ова е тешко прашање, сите влади пробувале да најдат решение, но оваа влада најде некакво решение, кое според мене и не е најдобро. Дали би можеле во иднина да имаме подобар договор? Не. Во минатото можеби сме можеле, но во иднина не, тоа е така бидејќи никој нема да се откаже од позициите што се стекнаа во преговорите. Ниту Македонија од јазикот, уште помалку Грција од ерга омнес – подвлекува Димов.

Инаку, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во интервју за РСЕ прв изјави дека може да се постигне многу подобар договор со Грција од тој што го постигна актуелната влада. Тој објасни дека редоследот на приоритети за влез на земјава во НАТО и во ЕУ, се спроведувањето на реформите, а потоа решавањето на спорот за името.

– Јас сум апсолутно убеден дека може да се постигне подобар договор од овој со Грција. Прво, не може да дозволите грчката страна да ангажира 60 меѓународни експерти, пред сѐ адвокати по меѓународно право и експерти по меѓународно право, а вие да не ангажирате ниту еден и на крајот да ангажирате еден. Не може да одите јавно со тактиките со кои ќе одите во преговорите и да ги знае другата страна, не може да менувате ставови секој месец и најбитно, не може да очекувате да постигнете договор и да очекувате тој договор да ви донесе покривање на политичките проблеми дома, затоа што во такви услови другата страна, а да не ја потценуваме грчката дипломатија е многу силна, ни ги знае сите слаби страни и тука удира – изјави Николоски.

Од друга страна, вчера на прес-конференција објаснувајќи ги нејаснотиите за договорот, за кој причина рече дека е и постоењето многу дезинформации во јавноста, министерот за надворешни Никола Димитров нагласи дека патот кон ЕУ и кон НАТО води единствено преку овој договор и никој друг.

– Доволно созреавме како општество за да се соочиме со реалноста – патот кон ЕУ и кон НАТО води преку договорот со Грција за името, и таква е реалноста. Сите лидери почнувајќи од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг до германската канцеларка Ангела Меркел укажаа дека нема план Б за да седиме на таа маса и сите што веќе седат, сакаат да нѐ видат таму – рече Димитров. Претходно плејада политичари поддржувачи на политиката на власта исто така изјавија дека нема да имаме шанса за подобар договор со Грција.