Фото: Зоран Антоски

Предизборен митинг во Кичево вечерва оддржа претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски. Тој во самиот вовед од своето обраќање пред многубројните присутни истакна, дека Кичево отсекогаш бил градот на етничка и верска толеранција каде сите граѓани живееле во слога и разбирање. Таков го знаел пред две децении, а истите вредности Кичево ги поседува и денес.

Пендаровски ги истакна ангажманот и промените кои ги донесе оваа Влада и во овој период, донесе тешки одлуки и компромиси, кои досега никој не ги направил во поновата историја. Донесе тешки одлуки кои ги отворија портите кон Европа, а направи и неколку законски проекти внатре, со кои придонесе за уште поголема сплотеност на граѓаните.

-Со двата договори со нашите соседи од противници создадовме пријатели и во овој момент ниту една држава во ЕУ или НАТО не може да ни стави приговор и да рече дека Македонија не ја работи работата како што треба. Откако дома ги средивме работите и ги средивме односите со нашите соседи, ланската година добивме покана за влез во НАТО и за првпат во нашата историја дефинитивно имаме гаранција за нашите граници и ќе седнеме на маса со 29 земји, кои се најмоќни во светот. Сега за Македонија не се решава надвор, туку ние сами одлучуваме, па дури и нас не прашуваат за одлуки во светот. И наскоро очекуваме да добиеме и датум за преговори за членство во Европската унија – подвлече Пендаровски. З.А.