Поддршката на реформите на јавните финансии и на фискалната децентрализација подразбира зајакнување на фискалната автономија и на капацитетите за собирање приходи на локалната самоуправа, размена на најдобрите практики за фискална децентрализација, спроведување активности од Акцискиот план за сузбивање на сивата економија и поддршка на развојот и либерализацијата на финансискиот пазар

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ќе ги поддржи реформите за унапредување на фискалната децентрализација во земјава и за зајакнување на капацитетите на локалните власти, се предвидува со меморандумот за разбирање што го потпишаа Министерството за финансии, претставувано од министерот Фатмир Бесими и претставничката на УНДП во земјава, Нарин Сахакјан. Поддршката на реформите на јавните финансии и на фискалната децентрализација подразбира зајакнување на фискалната автономија и на капацитетите за собирање приходи на локалната самоуправа, размена на најдобрите практики за фискална децентрализација, спроведување активности од Акцискиот план за сузбивање на сивата економија и поддршка на развојот и либерализацијата на финансискиот пазар.
– Спроведувањето реформи за креирање подобар систем на јавните финансии и фискалната децентрализација се меѓу врвните приоритети на Министерството. Поддршката од меѓународните партнери, преку размена на искуства и стручна поддршка при дизајнирање и спроведување на реформите, е од непроценливо значење. Со меморандумот се уредува соработката, која опфаќа амбициозен план на активности, меѓу кои формирање фондови за изедначување и за успешност што ќе го подобрат пристапот до финансии на општините.

Предвидени се активности и за сузбивање на сивата економија, креирање дигитална платформа и активности за зајакнување на капацитетите за спроведување на новиот закон за буџети, особено во делот на фискалниот совет – посочи Бесими.
Претставничка на УНДП, Сахакјан, кажа оти УНДП ќе го поддржи процесот на унапредување на фискалната децентрализација преку советодавна помош и пилот механизми за финансирање јавни услуги на локално ниво.
– Зголемувањето на моќта на заедниците преку фискалното јакнење на локалните власти и целиот поднационален систем на владино финансирање се интегрални делови од политиките и стратегиите што се потребни за достигнување на целите за одржлив развој. Затоа, УНДП ќе го поддржи развојот на законската рамка за фискална децентрализација преку советодавна помош и пилотирање механизми за финансирање јавни услуги на локално ниво – рече Сахакјан.
Планот за соработка на Министерството за финансии со УНДП се состои од 13 активности, од кои најголем дел е посветен на заложбата за унапредување на фискалната децентрализација.