На Балканот протестите се често употребувана алатка, за што најдобро сведочат и најновите примери со случувањата во Бугарија, Црна Гора и во други земји. Во актуелниот политички миг, во Македонија протести најавуваат опозицијата и одредени социјални структури на граѓани, во услови на пандемија на коронавирусот и потенцијален ризик за ширење на заразата

ПРОТЕСТИТЕ ВО НАЈАВА КАКО ПОВОД

Дефиницијата за протести во енциклопедиите не е променета и во теоријата нивната појдовна димензија се објаснува како „јавно изразување приговор, неодобрување или несогласување кон идеја или акција, обично политичка“. Низ историјата Македонија памети низа поголеми протести во даден политички момент, организирани или со учество на опозицијата, граѓанските организации или невладиниот сектор. Кои и да се повод и причина за протестите, во заднина секогаш стојат желбата и намерата некој политички да профитира од нив, односно на некој начин да ја придобие наклонетоста на граѓаните, што евентуално потоа би се валоризирало и на идни избори. На Балканот протестите се често употребувана политичка алатка, за што најдобро сведочат и најновите примери со случувањата во Бугарија, Црна Гора и во други земји.

Во актуелниов политички миг во Македонија, уште на првиот ден од конституирањето на новата влада, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави уривање на власта „на рати, преку протести“.
– Оваа власт ќе падне на граѓански протести, а опозицијата ќе се окрупнува. Следува широк опозициски фронт, кој ќе биде израз на револт за сиромаштијата, за долговите што ни ги оставаат и за неправдите што ни ги причинуваат – најави Мицкоски.
Од партијата на власт, СДСМ, веднаш му реплицираа на главниот политички опонент дека „се лаже ако мисли дека со протести ќе го загрози преговарачкиот процес со ЕУ“, но и дека таквата негова реторика е обид да се игнорираат (или замолчат) барањата, внатре во неговата партија, за негова оставка и вонреден конгрес.

Истовремено повикување на протести или друг облик на масовно собирање е во противречност и со мерките за заштита од ширење на коронавирусот со кои стриктно се препорачува избегнување собири на поголема група луѓе. Тоа е особено важно во есенските месеци и перидот што следува поради доаѓањето и на сезонските настинки и грипот. Во едни такви околности какви било масовни собири се потенцијална опасност од ширење на заразата, предупредуваат здравствените експерти.
Сепак манипулирањето со (народни) протести на политичките чинители во Македонија, обично кога се во опозиција (но не е исклучено и кога се на власт), се чини дека е дел од вообичаената политичка стратегија, но од друга страна, пак, како да се јавува и еден парадокс – ниту една влада во триесетгодишната македонска независност не дала оставка поради протести.

– Главната идеја на протестите што ги организирала опозицијата во Македонија во целиот период на демократски плурализам (од 90-тите години на минатиот век до сега) е да се предизвика општествена состојба, криза, од која решение ќе се бара преку демократски избори. Во демократија, општествено-политичките состојби, проблеми, кризи, се решаваат преку избори, а протестите се легитимна форма за опозицијата да ги изнуди предвремено од власта, водена од сопствената увереност дека таа умее да се справи подобро со таквите општествени предизвици. Преземањето власт со државни удари или како било по насилен пат не е својствено за демократските општества. Секако, и тоа не е непозната форма за освојување на власта, но во таков случај, во современиот глобален политички контекст, таа нема да добие меѓународен легитимитет – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.
Како „најсвеж“ пример од македонската политичка реалност, Пандов наведува дека предвремените парламентарни избори во 2016 година, СДСМ, односно нејзиниот лидер Зоран Заев ги доби токму преку притисок со граѓански протести.

– На крајот од приказната со сите политички заплети, контексти и заднински моменти, протестите од Шарената револуција завршија со предвремени избори – заклучува Пандов, кој ја поддржува најавата на опозицијата за притисок врз власта уште од првите денови на новиот мандат, како за почеток како незадоволство од поскапувањето на струјата веднаш по изборите.
За протестите како форма на политичко дејствување, политикологот Синиша Пекевски размислува дека тие можат да донесат промени на подолг рок, но дека во овој свеж постизборен миг во Македонија таквите промени ќе бидат само привидни и „козметички“.
– Протестите секако дека имаат важно влијание за промени и движење во општеството. Без оглед на исходот, по протести односите во општеството се секако поместени. Како политички начин на дејствување, протестите во демократијата се сосема легитимни, било за изразување социјално незадоволство, или од некои други општествени состојби, а секако и за изразување политичко незадоволство.

Секако постои разлика, пред сѐ во намерите, дали протестите ги организира синдикат, некоја општествена групација, невладина организација или политичка партија. Која и да е причината, кога протестот го организира политичка партија, главната мотивација секако е освојување на власта – вели Синиша Пекевски.
Во однос на најавените протести на опозицијата до крајот на месецов, кога почнува одбројувањето на првите 100 дена од (старо)новата влада, Пекески оценува дека во овој миг моќта на опозицијата е мала, а и во овој период Владата ќе преземе мерки за првично „тампонирање“ на падот на стандардот.
– Економската криза од последиците на пандемијата ќе биде одложена со мерките што ги презема новата влада. Само голем број отпуштања може да предизвика големо незадоволство во општеството, што би можела да го искористи опозицијата како аргумент за протести. Во зависност од успешноста на економските мерки, односно ако не покажат ефект, промени можат да се случат во економските ресори, но не верувам дека ќе доведе до нарушување на владата во брзо време – вели политикологот Пекески.