Фото: Приватна архива

Автор: д-р спец. Андријана Андреевска Степановска, Универзитетска клиника за детски болести – Скопје

Атопичниот дерматит, познат и како атопичен егзем, е најчестиот тип на хронично, воспалително заболување на кожата во детска возраст, се јавува кај 15 до 20% од децата, со 85% од случаите уште во првата година и 95% до 5-тата година од животот. Симптомите се намалуваат и ублажуваат со почетокот на пубертетот и целосно исчезнуваат кај 70% од првично заболените лица. Истите може да се повторат во раната возрасна доба, а во ретки случаи остануваат до крајот на животот.
Дерматитот се јавува во повторувачки епизоди, најчесто е локализиран на образите и во косматиот дел од главата (карактеристично за доенечка возраст) и региите на „превиткување“ како зглобовите на рацете и нозете, и не се пренесува од едно на друго лице.
Се јавува во вид црвени дамки, изразено чешање (свраб, јадеж), како и сува (поретко влажна), позадебелена, груба и испукана кожа со тек на времето, проследена со болка и нелагодност. Родителот често ќе го забележи детето како се трие од погруби површини со цел да си го олесни чешањето. Кожата на овој начин додатно се оштетува, што може да биде влезна врата за инфективни причинители.
Причинините за дерматитот не се целосно познати – се претпоставуваат наследни, алергиски, фактори од животната средина, па дури и психолошки фактори. Познато е дека е позастапен во индустријализираните земји, урбаните средини, и градовите со поголема стапка на загаден воздух.
Иако не постои каузална терапија, целта при лекувањето на атопичниот дерматит е одржување на подолги период на ремисија (мирна фаза на болеста).
Соодветните мерки опфаќаат избегнување на контактот со иритирачките агенси, редовна хидрација на кожата со употреба на емолиенси и антиинфламаторни лекови (топични кортикостероиди и инхибитори на калцинеуринот) – по препорака на лекар.
Основниот третман опфаќа употреба на емолиенси и медицинска козметика за хидрација на кожата која дава одличен резултат во првата фаза од болеста и спречува понатамошна прогресија, со намалување на потребата од користење на топични кортикостероиди. Емолиенсите содржат комбинација на супстанци кои го спречуваат губењето (испарувањето) на вода од кожата, ја врзуваат водата од надворешната околина, ја подобруваат хидрацијата и ја возобновуваат липидната бариера на кожата со значаен ефект во превенирање и намалување на симптомите како: јадеж, црвенило, појава на пукнатини, стврднување и огрубување на кожата. Емолиенсите кои содржат супстанци како омега-3, омега-6 масни киселини, церамид, долголанчани липиди и природни растителни екстракти го смируваат црвенилото и ја засилуваат бариерната функција на кожата.
Со правилно придржување кон терапијата може да се врати природниот заштитен слој на атопичната кожа и истата да се одржи мирна во подолг временски период.