Спротивставувањето на почетокот на пристапни преговори за Северна Македонија и Албанија е стратегиска грешка и ги поткопува авторитетот и кредибилитетот на ЕУ, пишува во отвореното писмо на десетте поранешни министри за надворешни работи, меѓу кои и поранешните шефови на македонската и на грчката дипломатија Никола Поповски и Никос Коѕијас.

Отвореното писмо, кое го објави грчкиот весник „Та неа“, освен Поповски и Коѕијас, го потпишуваат и поранешниот премиер и министер за надворешни работи на Црна Гора Игор Лукшиќ, поранешниот заменик-канцелар и министер за надворешни работи на Германија Зигмар Габриел, поранешната вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Хрватска Весна Пусиќ, како и поранешните шефови на дипломатиите на Албанија, Дитмир Бушати, на Кипар, Јоанис Касулидис, на Бугарија, Кристијан Вгенин на Австрија, Карин Кнајсл, и на Србија и Црна Гора, Горан Свилановиќ.

Тие пишуваат дека блокадата од ЕУ за Северна Македонија и за Албанија ја става под знак прашалник способноста на Унијата за создавање стратегиски разврски и стабилност во Југоисточна Европа.

– Спротивставувањето на почетокот на пристапни преговори е стратегиска грешка што придонесува во зацврстувањето на статус квото на Западен Балкан и на неактивноста на ЕУ во една сѐ понепостојана геополитичка средина. Должност на Европската Унија е да придонесе за стабилноста и безбедноста на Југоисточна Европа. Затоа, интеграцијата на Западен Балкан треба да ја сфати како елемент на одговорна политика, а не како товар. Освен тоа, спротивставувањето на почетокот на пристапни преговори со гореспоменатите земји ги поткопува авторитетот и кредибилитетот на ЕУ – пишува во писмото.

Поранешните министри ја повикуваат Унијата да ги надмине своите разлики во прашањето за пристапни разговори и на претстојниот самит во Загреб да презентира нови алатки што ќе го зајакнат интегративниот процес на земјите од Западен Балкан.