Претседателот на Европскиот суд на правдата во Луксембург, Коен Ленаертс, не се сомнева дека бурата поради невладеењето на правото може да го потопи проектот за обединета Европа. Веројатно најеклатантен пример за кршење и злоупотреба на меѓународното право, но истовремено со тоа и злоупотреба на ЕУ, е токму Бугарија со нејзината блокада кон Македонија. Ќе се издигне ли Европската Унија над интересите на една своја членка или и понатаму ќе остане заложник на противправните и хегемонистички уцени на Софија

Претседателот на европскиот суд на правдата впери со прст кон членките на еу каде што се крши владеењето на правото

Тешкиот пораз што го претрпи Унијата со газењето на меѓународното право и бугарската блокада кон Македонија деновиве доби нова димензија и нова светлина преку изјавата на претседателот на Европскиот суд на правдата во Луксембург, Коен Ленаертс, кој смета дека непочитувањето на меѓународното право може да ги разруши столбовите на кои се потпира Унијата. Европската Унија на други нивоа и со други земји-членки се соочува со предизвикот на докажување на супремацијата на европското право врз националното право. Тој предизвик е толку интензивен, што претседателот на Европскиот суд на правдата во Луксембург, Коен Ленаертс, не се сомнева дека бурата поради (не)владеењето на правото може да го потопи проектот за обединета Европа.
Тој во интервју за бриселскиот медиум „Политико“ констатира дека случаите на брегзит, бомбашката одлука на германскиот суд и демократското назадување во Полска и во Унгарија го ставија ЕСП во центарот на невидена политичка борба, која одбива да згасне, а дебатата го пресекува срцето на тоа до каде може судот со седиште во Луксембург да опфати со својот правен авторитет во 27-те земји-членки.
– Наша должност е да кажеме: Сите ние сме обврзани со истите основни вредности утврдени во членот два (од Договорот за Европската Унија, кој вклучува владеење на правото и почитување на човековите права). Значи, тоа не е грабање моќ. Тоа е само заштита на основата на која почива договорот, договорот меѓу земјите-членки. Друго прашање е дали земјите од ЕУ, кога се согласија да основаат или да ѝ се приклучат на Унијата, целосно сфатија колку далеку ќе ги однесе тоа – вели Ленаертс.
Претседателот на Европскиот суд на правдата признава дека можеби било тешко за земјите да го предвидат опсегот на нивните ангажмани во ЕУ.

– Веројатно има поента дека некои лидери можеби не биле целосно свесни за опсегот на овие принципи, но тоа е често случај. Кога поединци се согласуваат на договор, често се случува една од договорните страни подоцна да каже: „Почекајте минута – тоа не е токму она што го имав на ум“.
Тој истакнува дека иако некои земји-основачи на ЕУ би можеле да сметаат дека овластувањата на Унијата сега еволуирале повеќе отколку што првично очекувале, тој предупредува дека поновите земји-членки, како Полска и Унгарија, не можат да го изнесат тој аргумент бидејќи последиците од членството беа далеку појасни кога тие влегоа во ЕУ.
– Авторитетот на Судот на правдата и приматот на правото на ЕУ се оспорени во различни земји-членки, не само од политичари туку и од одредени уставни судови. Ова е исклучително сериозна ситуација. Тоа го загрозува опстанокот на европскиот проект во неговата сегашна форма – вели Ленаертс.
Овие обвиненија за грабање моќ доаѓаат од различни делови на континентот, но се сведуваат на истиот аргумент. Но, веројатно, најеклатантен пример за кршење и злоупотреба на меѓународното право, но истовремено со тоа и злоупотреба на ЕУ, е токму Бугарија со нејзината блокада кон Македонија.
Веројатно поради тоа што спорот на Бугарија е со земја-кандидат, нејзините уцени за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, сосема спротивни на европските вредности, па и на европското право, не се влезени во фокусот на Европскиот суд на правдата.
Но промената на бугарскиот наратив во условите за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ, симптоматично укажува дека и во Бугарија се свесни дека нивните барања се сосема надвор од контекстот на европските вредности. Сепак, и новите барања, сублимирани во т.н. предлог „5+1“, на кој се повикува и бугарскиот претседател Радев, и понатаму се спорни во однос на европското право.
– Суштината на проблемот, во контекст на барањата и условите на Бугарија за евроинтеграциите на Македонија, е дали Декларацијата на нивното собрание (на која се повикуваат и велат дека не можат да отстапат) е во рамките на европското право, односно принципот на владеење на правото.

Европското право дозволува секој да се изјасни кој е и да се себеименува, што произлегува од Декларацијата на Обединетите нации, а потоа преземена и во Европската конвенција за човекови права. Според тоа, наметнувањето за преиспитување на македонскиот национален идентитет, потеклото на македонскиот јазик…, од страна на Бугарија, со таа нивна декларација, која сакаат да ја воспостават како европски критериум во преговорите на Македонија за членство во ЕУ, никако не е во согласност европското право. Дури и променетиот наратив во условите за Македонија, сега фокусиран на човековите права на, според нив, наречените македонски Бугари, е многу контрадикторен и правно нејасен. Ако сметале дека се повредени нивните човекови права, зошто тие граѓани не се обратиле до македонското национално правосудство? Па ако не добиле задоволувачка пресуда или било заклучено дека нема правен лек во македонското правосудство, зошто не се обратиле досега на Европскиот суд за човекови права? За разлика од овие хипотетички загрозени права на т.н. македонски Бугари, на што се повикува Бугарија пред ЕУ, Македонците во Бугарија имаат добиено 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права, за кои Бугарија постојано наоѓа начин да не ги спроведе. Всушност, на ЕУ никако не ѝ е јасно што всушност бара Бугарија, дури ни кој елемент од европското право да го примени за евентуално да ги разбере и формулира нејзините услови спрема Македонија – вели Маргарита Цаца-Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права.

Инаку, во однос на прашањето за супремација, според Николовска, јасно е утврдено дека европското право е над националниот правен систем. И во процесот на преговори најважен дел е усогласување на националното право со правото на ЕУ.
– Со оглед дека Бугарија е земја-членка на ЕУ се претпоставува дека го има усогласено своето национално право со правото на Унијата, но со уцените за Македонија очигледно сака да ги наметне своите национално-политички аспирации врз европското право – вели поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права.
Од друга страна, бугарскиот претседател Румен Радев, како извојувана победа над Македонија, па и над ЕУ, за бугарската јавност го претстави тоа што издејствувал прашањето за проширувањето на Унијата, односно почетокот на преговорите на Македонија, воопшто да не се најдат на лидерскиот состанок во рамките на актуелниот ЕУ-самит. Со тоа смета дека е потврдено третото вето на бугарската страна за почеток на процесот на евроинтеграции за Македонија, но и дека тој и неговата земја не потклекнале на притисокот на европските лидери и другите меѓународни фактори за вразумување на Бугарија да го сообрази своето дејствување во согласност со европските вредности и принципот на владеење на правото.