Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Министерството за образование и наука разгледуваат неколку можни сценарија за тоа како ќе се одвива наставата од први септември и единственото за што засега се сигурни е дека сите засегнати страни и јавноста ќе имаат точна информација за почетокот на учебната година кон крајот на август, во согласност со тогашната епидемиолошка слика

Децата се „најголеми невидливи сејачи на заразата“, предупредуваа изминативе месеци докторите епидемиолози, кои истакнаа дека мора многу да се внимава при одлуките поврзани со почетокот на новата учебна година во услови на пандемија на коронавирусот. Додека во Министерството за образование и наука разгледуваат неколку можни сценарија за од први септември, епидемиолозите велат дека многу е извесно дека Комисијата за заразни болести ќе предложи учебната година да започне со физичко присуство, но со редуциран број ученици во исто време во училница.
Пред да се донесе одлука, неопходно е да се земат предвид сите ризици и да се има на ум дека здравјето е тоа што е приоритет. Директорот на Центарот за јавно здравје и епидемиолог д-р Александар Стојанов, за „Нова Македонија“ вели дека на училиште и во градинка ќе се оди од први септември.
– Иако за ова сѐ уште не сме разговарале на состанок со Комисијата за заразни болести, треба да се оди на училиште, и тоа во смени. Тоа е основното, редуциран број ученици, за да се намали ризикот од ширење на заразата. Како што сѐ друго пуштаме, на пример концерти, „Охридско лето“, кафулиња, така ќе бидат пуштени и училиштата и градинките. Ме загрижува ако децата не одат на училиште и во градинки. Дали имаме услови за да се оди во смени, дали имаме простор, не знам, за тоа нека носи одлуки Министерството за образование и наука. Како ќе се оди во смени, дали ќе се прават нови училишта и градинки, тоа нека го мислат оние во чиј домен се тие нешта – вели д-р Стојанов.

Тој информира дека одлука за почетокот на учебната година ќе има кон крајот на август, во согласност со тогашната епидемиолошка слика.
– Тогаш постепено доаѓаат и месеци со кои доаѓаат и грипови, настинки, вируси, а тоа се ризични ситуации, кои можат да ја искомплицираат состојбата. Во секој случај, нам секогаш ќе ни биде приоритет здравјето пред сѐ друго – додава Стојанов.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи родителите се сѐ погласни за тоа како да се одвива наставата од септември. Тие даваат и свои идеи како најдобро децата ем да бидат заштитени ем да бидат физички присутни во училницата.
Во Министерството за образование и наука засега нема прецизен план, иако се размислува за повеќе опции.

Од она што неофицијално се дознава е дека е можно да бидат скратени наставните програми и наместо 180 дена во годината, работни да бидат 100, а зимскиот распуст, кога се во ек вирусите и настинките, да трае три месеци, наместо три недели како што беше досега. За сево ова, сѐ уште нема конечна одлука.
Многу е извесно дека наставата ќе се одвива комбинирано – со физичко присуство и остатокот на интернет, а друга опција е целосно функционирање со физичко присуство на часовите. Третата опција е наставата целосно да биде онлајн. Во однос на одлуката, здравствените и образовните власти треба да се внимателни со оглед на тоа дека здравјето е тоа што треба да биде приоритет.