Фото: Игор Бансколиев

МАКЕДОНСКИТЕ СТУДЕНТИ МАСОВНО ГО КОРИСТАТ ЛЕТОТО ЗА РАБОТА ВО СТРАНСТВО

Отворањето на границите и олабавувањето на мерките против пандемијата на ковид-19, голем број млади, од кои многу студенти, веднаш ги искористија да заминат на работа во странство. Според д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, не е мал бројот на студенти што заминуваат на работа во странство, најчесто во Германија.
– Изминативе месеци постојано потпишувам потврди за редовни студенти, бидејќи тој документ им го бараат за да можат да заминат. Студенти оделе на привремена работа надвор и изминатите години, но сега мислам дека затвореноста овде ги демотивира за студии и учење, па се обидуваат да живеат и работат макар и привремено надвор од Македонија – вели професорот Дуев.
Дека има интерес ова лето кај студентите да работат во Германија ни потврдуваат и од организацијата „Коузон“, која посредува при вакви работни ангажмани. Оваа година сумата на заработката се движи од 9,5 евра од час до 15 евра за еден час.
– Ова лето има голем интерес за работа во Германија и во Хрватска. Но поради пандемијата, мошне е отежнат процесот за добивање работна дозвола, односно Агенцијата за вработување во Германија потешко издава дозволи за работа. Тоа се должи на тоа што имаше целосно затворање во Германија, кое траеше до почетокот на јуни, па институциите забавено ги издаваа работните визи (дозволи за престој и работа во Германија).

Има интерес и за Хрватска, но таму заминуваат студенти што веќе биле во Хрватска на работа, односно што имаат искуство – велат во агенцијата.
Интересот за Германија е голем, а главно заминуваат студенти што не можат да заминат во Америка, па се одлучуваат за Германија.
– Ако имаат пари, аплицираат во Америка. Во Германија најчесто работат во паркови – продаваат сладолед, ја одржуваат хигиената во самиот парк, ако има ресторан во паркот, тогаш работат во бифето. И стандардно, работат и во „Мекдоналдс“ и во „Бургер кинг“. Моментално само преку нашата агенција во Германија на работа се заминати педесетина студенти – велат во „Коузон“.
За да може студент да замине на работа во Германија, потребна му е потврда за редовен студент, биографија, но има и посебен документ што го имаат германските власти, кој им го праќаат на студентите, кој треба да се завери во службата за студентски прашања на факултет. Работните договори се потпишуваат на период од три месеци. Она што е важно е студентите да се вратат пред да започне новата академска година.