Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе предложи нов кандидат за технички министер во Министерството за внатрешни работи, откако власта го одби предлогот Драган Ковачки да биде прв човек на МВР поради наводен судир со Уставот.

Тој рече дека се прават последните консултации и во текот на денот и јавно ќе го објават новиот предлог. Според Мицкоски, отфрлањето на предлогот Ковачки да биде технички министер го оддава стравот на премиерот Зоран Заев од соочување со народот и стравот од избори.
– Ова е рефлексија на трулиот систем кој отфрла професионалци. Професионалците не се природна средина ниту за Оливер Спасовски ниту за Зоран Заев. За да го отфрлат предлогот тие си зедоа улога и да бидат уставни судии и се повикуваат на членот 97 од Уставот. Но, членот 23 од Уставот е јасен, дека секој има право во државата да врши јавни функции, а во Уставот немаме категорија технички министер и техничка влада – рече Мицкоски.

Сепак, рече тој, се решиле да предложат ново име за технички министер, бидејќи, „секој поминат ден со оваа власт е поголема штета за државата“.

– Јас нема да дозволам да избегаат од избори и да се соочат со одговорноста. Отпорот на Заев кон кандидатот е неправда, но најголма неправда би било тој да избега од избори. Затоа ќе предложам ново име за кандидат, Заев ќе падне и заедно со народот ќе ги поминеме сите препреки – вели Мицкоски.