По деталното проучување на сите достапни средновековни цртежи и минијатури, може да се каже дека веќе точно се знае како изгледале Самуил, неговиот син Гаврило Радомир, неговите ќерки Мирослава и Косара, неговата сопруга Агата, но и неговиот внук од брат Јован Владислав и неговата сопруга Марија. Имено, сите овие лица, членови на семејството на цар Самуил, се идентификувани во минијатурите од таканаречениот Мадридски ракопис од крајот на 11 и почетокот на 12 век, односно непосредно по смртта на цар Самуил, додека уште биле живи неговите директни потомци

Ексклузивно истражување на проф. д-р Милан Бошкоски

Според идентификацијата што ја изврши проф. д-р Милан Бошкоски од Институтот за национална историја во Скопје, цар Самуил на минијатурата од свадбата на неговата ќерка Мирослава е на возраст од околу 50 години, а овој негов лик на минијатурата, заедно со уште два цртежа, се единствените автентични визуелни сведоштва за македонскиот цар! Оттука, според д-р Бошкоски, сѐ што досега е објавено како негов портрет е само слободна уметничка визија за тоа како би можел да изгледа цар Самуил.
„Истражувајќи го времето на цар Самоил имав многу податоци за разни настани што се случувале во негово време, но особено интересни беа записите на Јован Скилица во Мадридскиот ракопис, каде што тој опишува повеќе конкретни историски сцени од тоа време. Една од нив е сцената во која Гаврило Радомир, синот на цар Самуил, го спасува во последен миг својот татко по битката на Беласица, носејќи го во Прилеп. Токму една таква сцена е насликана во една од минијатурите во Мадридскиот ракопис а јас успеав првпат да ги идентификувам личностите. На таа минијатура јасно се разликуваат две групи воини: во првата група се коњаници во напад, а во втората група се коњаници што отстапуваат пред неа, односно се повлекуваат од бојното поле. Во групата што се повлекува е цар Самуил со придружбата. Може добро да се забележи дека во левата рака држи штит, а во десната копје. Во историските извори стои дека од сигурна смрт го спасил синот, па лесно може да се идентификува дека личноста до него е Гаврило Радомир, кој носи панцир, а третиот човек, најверојатно, е Јован Владислав, внук на Самуил, син на неговиот брат Арон. Гонителите ги предводи византискиот цар Василиј Втори. За таа минијатура во литературата се знаеше само дека е мотив од битката на Беласица.“

Цртеж од венчавката на ќерката на Самуил!

Сепак, според д-р Бошкоски, најзначајна е минијатурата на која се прикажува венчавката на Мирослава, најстарата ќерка на Самуил.
„Минијатурата прикажува церемонија на венчавка во катедрална црква, а на церемонијата се присутни дел од најблиските роднини на невестата. Ако се гледа внимателно, може да се види дека на церемонијата на венчавката присуствуваат свештеник, три жени и тројца мажи. Над младенците стои зборот „брак“ што значи дека станува збор за венчавка во црква. Над тројцата мажи, односно над мажот во средината, стои натпис дека е Самуил и тоа е непобитен писмен доказ за тоа кој е Самуил. На минијатурата точно е утврден ликот на цар Самуил, всушност пишува кој е Самуил, но се гледа и свештеникот што врши венчална служба, а до него е и архиепископот, кој е претставен со архијерејска облека со крстови. Токму архиепископот ја става венчалната круна, а младенците стојат пред него со наведнати глави. Невестата е Мирослава, ќерка на Самуил, а младоженецот е Ашот, византиски благородник од Солун. До младенците стојат три жени во свечена, виолетова облека, каква што се носела на дворот само во свечени моменти. Бидејќи историски е потврдено дека настанот се случил во 997 година, кога цар Самуил имал околу 50 години, меѓу жените може да се идентификуваат неговата сопруга Агата, која е облечена во свечена облека, со златен накит и околувратник за свечени пригоди, но може да се забележи и тоа дека под свечената наметка носи црвен фустан, што е знак дека таа е највозрасна жена во групата. До неа е Косара, втората ќерка, а третата жена е Марија, сопругата на Јован Владислав, внукот на цар Самуил.

Во групата мажи можат да се идентификуваат Самуил, кој во 997 сѐ уште не бил прогласен за цар. Над него стои натпис дека токму тој човек е Самуил, што значи дека имаме точен пишан доказ дека токму тој е Самуил. До него на минијатурата е неговиот син Гаврило Радомир, брат на Мирослава, кој има бела капа. На минијатурата може да се види дека има широко лице, долга коса и виолетова наметка. Ако внимателно се анализираат неговите црти на лицето, може да се види дека личи на својата мајка Агата. Овде првпат можеме да го идентификуваме семејството на Самуил, па со голема сигурност може да се каже дека сега знаеме како навистина изгледал Самуил. Фактот дека минијатурите се од времето кога можеле да постојат цртежи од царот, но и луѓе што уште биле живи, кои го имале видено и можеле да го опишат, само ја зголемува автентичноста на вистинскиот визуелен опис на Самуил“, смета проф. д-р Милан Бошкоски.

Венчална церемонија под водство на поглаварот на Самуиловата црква!?

Во историските документи има точни податоци за тоа дека Самуил и Агата стапиле во брак меѓу 972 и 975 година, а првото нивно дете дошло на свет пред востанието против Византија, во 976 година. Станува збор за единствениот син Гаврило Радомир. Освен него, Агата и Самуил имале уште четири ќерки, а од нив познати се само имињата на постарата Мирослава, омажена 997 година за Ашот Таронит и на помладата Косара, подоцна со монашко име Теодора, која во 999 година била омажена за зетскиот кнез Јован Владимир. Двете други ќерки, чии имиња досега не се познати, веројатно биле постари од Косара и Мирослава. Двете постари ќерки, без имиња, се спомнуваат во 1018 година, кога пристигнале заедно со триумфалната поворка на византискиот цар Василиј Втори во Цариград. Значи биле заробени и однесени во престолнината на Византија: „Свршувачката на Мирослава, една од четирите ќерки на Самуил со високиот претставник на византиската власт Ашот, кој поминал неколку години во затвор во Самуиловата држава, оставила силен белег во византиската меморија, па затоа овој настан се нашол дури и во илустрираната историја на Јован Скилица, позната како Мадридски ракопис, односно на минијатурата позната како венчална свеченост, на која Самуил ја венчава својата ќерка за заробениот Ашот, син на Григориј Таронит.

Настанот се случува најверојатно во соборната црква „Свети Ахил“ во Преспа, на островот Ахил. На минијатурата Мирослава е претставена во долга руса коса покриена со бела шамија, во црвен фустан, а на вратот носи ѓердан, чии детали тешко се распознаваат. Ашот е претставен со кратка коса и брада и носи виолетова наметка. Младоженците се со благо наведнатите глави, прекриени со црвено платно, со што е претставен моментот кога првосвештеникот треба да им ги стави венчалните круни. Над нивните глави пишува дека станува збор за венчавање. Првосвештеникот што ги венчава, најверојатно, е поглаварот на Самуиловата црква, архиепископот Филип. Тој носи темноцрвен стихар и фелон, а во десната рака му се забележува светловиолетова амфора, но нема други архијерејски обележја. Во рацете држи две венчални круни. Зад него стои ѓакон со евангелие во раката, облечен во розов стихар. Во двете групи што се претставени на церемонијата се најблиските роднини на Мирослава од женска и од машка страна.“

Крунисувањето на Самуил

По темелното истражување, спроведено во изминативе речиси две децении, проф. д-р Бошковски со сигурност потврдува дека свеченото крунисување на Самуил за цар, во присуство на папски легати, преспанско-охридскиот патријарх Филип, високото свештенство, царското семејство, македонски благородници, меѓународни претставници од унгарскиот кралски двор и зетскиот кнежевски двор, се извршило во Охрид, во новата соборна црква „Света Софија“, пандан на истоимената црква во Константинопол. Свечениот чин е извршен на Велигден 1001 година. Поради фактот што церемонијата бара крунисувањето да го изврши патријарх, можно е пред свеченото крунисување на Самуил, охридскиот архиепископ Филип, во присуство на папските легати, претходно да бил хиротонисан во патријарх, па потоа тој да го извршил свеченото крунисување на Самуил.
„Во прилог на ова одат податоците дека воинствениот византиски цар Василиј Втори одеднаш, таа година, ја напуштил традиционалната проримска политика и ги заострил односот со римските папи поради нивното мешање во сферите на влијание. На таков заклучок, меѓу другото, упатува констатацијата на Острогорски дека во времето на патријархот Сергеј (999-1019) името на папата било избришано од диптихот на Цариградската црква, а веќе во 1024 година биле водени преговори за мирно разграничување на сферите на влијание, со настојување Цариградската црква да добие ’универзалност во својата сфера’. Како и да е, со признавањето на царската титула на Самуил од страна на папата Силвестер Втори во 1001 година, практично се формирале три империи: Византиската Империја, Светото Римско Царство и Македонското Царство на Самуил.

Веднаш потоа почнуваат жестоките напади на Византија за уништување на царството. Смртта на Самуил по битката на Беласица е претставена во минијатура на словенскиот превод на илустрираната хроника на Константин Манасиј, попознат како Манасиев летопис од 14 век. Цар Самуил бил погребан во својата прва престолнина на островот Ахил – Преспа, крај езерото Мала Преспа, во соборната црква „Свети Ахил“. Археолошките истражувања под раководство на професорот на Солунскиот универзитет Н. Мицопулос, кои започнаа во 1966 година, крај јужниот ѕид на црквата „Свети Ахил“, открија саркофаг со двоглав орел. Во саркофагот е откриен скелет на маж на околу 70 години со скршеници на левата рака. Угледниот покојник бил погребан во свечена сребрена облека извезена со двоглав орел. Како што тврди Мицопулос, покојниот на градите носел градник панцир плетен од бакарна жица прекриена со мали метални плочки. Гробот бил покриен со мермерна плоча со крстови и други владетелски симболи. Скелетот на левата рака над лакотот имал скршеница, која е деформирано зарасната. Погребните наоди укажуваат дека покојниот му припаѓал на висок општествен слој, а скршеницата на левата рака наводно е потврда за раната на Самуил добиена во битката на Сперхеј. Сепак, засега единствена потврда на претпоставката дека можеби навистина станува збор за посмртните останки на Самуил е тврдењето на историчарот Михаил Аталијат, кој тврди дека македонскиот цар умрел на островот Преспа“, смета проф. д-р Милан Бошковски.

Пишува: Блаже Миневски