Фото: Маја Јаневска-Илиева

Честитки за 29-годишната независност на земјата, како и поддршка за нејзиното меѓународно етаблирање како полноправна членка на Европската Унија се дел од пораките што вчера ги испратија политичарите, посакувајќи просперитетна и европска иднина на Македонија.

Патот кон независноста е поплочен со заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации. Овој вековен идеал на македонската историја се исполни на 8 Септември, пред 29 години, кога застанавме еден до друг, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, кога се обединивме во создавањето заеднички дом за сите. Денес ја славиме независноста слободни и отворени кон светот. Ја имаме неповторливата можност да седнеме на масата на европските држави. Да го зграбиме моментот и самоуверено да продолжиме по европскиот пат. Ова вчера го порача премиерот Зоран Заев во обраќањето на централната свеченост по повод Денот на независноста, кое годинава се одржа на платото пред зградата на Владата, во согласност со протоколот за одбележување државни празници за време на пандемија на коронавирусот.

– Осми септември 1991 година ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање, среќа и просперитет. Важни и стратегиски патокази на тој пат беа НАТО и ЕУ. Денес Република Северна Македонија е 30-та полноправна држава членка на Северноатлантската алијанса и земја што е на пат за членство во ЕУ-посочил Заев.
Борбата за правда, според Заев, ќе биде врвна заложба.
Според претседателот Стево Пендаровски, патот пред речиси три децении, кога убедливо мнозинство граѓани гласаа да живеат во независна, слободна и демократска Република Македонија, не е лесен, со напредок и падови во борбата за демократски вредности.

– Тој бара политичари што носат одлуки во интерес на граѓаните, транспарентни институции, постојан дијалог меѓу власта и опозицијата, граѓански сектор што ја преиспитува работата на секоја власт и слободни медиуми што работат за јавниот интерес, а не под диктат на политиката или бизнисот. Исто така, демократијата не препознава дискриминација врз основа на национална или етничка припадност, боја на кожа, пол, сексуална ориентација, социјално потекло, верско или политичко уверување, попреченост или која било друга основа – вели Пендаровски во обраќањето по повод 8 Септември.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, посочи дека почетоците на независноста се неминовно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ и активната улога што ја имаше партијата во градењето на државата, Република Македонија.

– Не ги исполнуваме целите за кои тие се бореа затоа што имаме држава со слаби институции, земја потопена со криминал и корупција, намачен и сиромашен народ. Нашата генерација е тука и чекаме нова шанса. Македонија не успева затоа што на народот му треба пресвртница која ќе ги направи заедничките животи подобри и поуспешни. После 29 години зборуваме за истите цели како во времето кога се создаваше државата. Европска Унија, силна економија, сигурност итн. – посочи Мицкоски.
Денот на независноста го честиташе и државниот секретар на САД, Мајк Помпео, како и претставници на меѓународната заедница.