Карикатура: „Нова Македонија“

Во прилог на ваквите сомнежи оди и претстојниот попис, на кој без потпис на директорот и заменик-дирек­торот на Државниот завод за статистика нема да можат да се објават резултатите, што само зборува дека неодамнешното лицитирање со проценти од страна на албанските политичари во земјава не било воопшто случајно

Богатството на општествени различности во функција на општествена дезинтеграција?

Почнувањето на постапката за внесување на етничката припадност во личните карти, водењето паралелни институционални политики во државата преку министри и директори од една и нивни заменици од друга етничка група, посебните етнички стопански комори, етничките партии, употребата на два официјални јазика се само потврда дека токму со таквиот паралелизам се трасира пат кон дефинитивна федерализација на државата, а според најцрното сценарио, според некои аналитичари и интелектуалци, и до нејзино распаѓање.
Во прилог на ваквите сомнежи оди и претстојниот попис, на кој без потпис на директорот и заменик-директорот на Државниот завод за статистика нема да можат да се објават резултатите, што само зборува дека неодамнешното лицитирање со проценти од страна на албанските политичари во земјава не било воопшто случајно.
Искреираната функција прв вицепремиер не е ништо друго туку премиер во сенка што контролира дали се спроведува етничката агенда испорачана како услов за формирање влада при секои избори.
Не треба да се замижува повеќе пред самата слика во западниот дел на земјата, што покажува дека федерализацијата де факто функционира, кога на секој државен празник изостануваат македонските знамиња, а постојано се виорат знамињата на соседна Албанија.

Приказната од типот дека со влезот во НАТО е загарантиран територијалниот интегритет на земјата, според некои аналитичари, не треба да се сфаќа премногу сериозно, бидејќи НАТО се грижи исклучиво за сопствените стратегиски интереси, кои дури и со поделена Македонија не се загрозени, со оглед на опкружувањето со земји-членки на Северноатлантскиот сојуз. Не треба да се заборави и фактот дека во конфликтот во 2001 година токму од територија контролирана од Алијансата беа уфрлани вооружени терористички групи што дејствуваа во Македонија.
– Практичното постоење на паралелизам/двовластие, како на политички, така и на економски план (меѓутоа и на многу други планови), оди во прилог на тезата дека е можно да се оди кон етничка федерализација на Република Македонија, како чекор кон нејзино згаснување – смета универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски.
Според него, висок процент на Албанците на пописот ќе се искористи токму за оваа цел.
– Некои сметаат дека целта на пописот е да се постигне што поголем процент на албанско население, за да се овозможи и албанскиот јазик да стане службен јазик во државата. Други (со право!) укажуваат дека тоа е непотребно, бидејќи и со сегашниот Устав, тој е, покрај македонскиот јазик, втор службен јазик во Република Македонија. Меѓутоа, изумуваат (ако изумуваат) да кажат дека висок процент на албанското население е потребен и за друга цел/намера – кантонизација/федерализација на државата, идеја што не е само нечие фантазмагорично вообразување, туку реален процес, кој секојдневно се одвива пред очите на македонската јавност – појаснува професорот Цуцуловски.
И политичкиот аналитичар Владимир Божиновски се согласува дека во државата функционира паралелизмот.

Тој додава дека добар пример за паралелизам во општеството се самите институции, во кои, наместо квалитетот и одговорноста да бидат главните критериуми во нивното функционирање, со врзаните потписи тоа се оневозможува и се добива некаква перцепција за федерализација.
– Проблем се институциите што треба да функционираат врз база на мерит-системот, врз база на некаков квалитет и одговорност. Кога во институција воведуваш врзан потпис, како што е случајот сега со пописот, тука е целиот проблем. Ова е всушност став од кој се наѕираат некакви елементи на федерализација – појаснува Божиновски.
Според него, целата контрола внатре врз државата е дадена врз помалиот коалициски партнер, за да добие поддршка за политиките што сака да ги спроведе, при што на некој начин функционира и паралелна влада.
– ДУИ бараше премиер Албанец во влада на СДСМ, а доби премиер Македонец во влада на ДУИ. Ние сега имаме влада на ДУИ, кој е контролорот, главниот партнер во оваа влада, иако требаше да биде помал партнер со оглед на освоените мандати – смета Божиновски.