Студениот бран што ја погоди Европа во изминатите денови не донесе само ниски температури и снег, туку и замрзнати многу езера и канали. За многумина, тоа беше добредојдено бегство од секојдневните забрани поради коронавирусот, па ги извадија своите санки и лизгалки за мала зимска забава.

Властите ги советувале граѓаните да останат дома и да не придонесуваат за ширењето на заразата. Тие исто така ги предупредија на опасностите од лизгање на тенок мраз, откако викендов се случиле неколку такви инциденти во Германија.

Весникот „Билд“ објави дека 2.500 луѓе се собрале на замрзнатиот канал Ландвер во Берлин на техно-забава со диџеј, која била прекината од полицијата. Полицијата дури користела хеликоптер за да ги брка граѓаните од две други езера во главниот град.

И каналите низ Холандија кои замрзнаа за првпат од 2018 година, многумина  искористиле за да се полизгаат. А некои играле и хокеј на замрзнатите води.

– Ве молам, не паѓајте, па да мора да одите во болница. И онака имаат доволно работа таму – холандскиот премиер Марк Руте ги предупредил сите свои жители.

Во северна Англија, љубителите на ТВ-шоуто „Танцување на мраз“ ги предупредиле дека „ги ставаат своите животи во опасност“ вежбајќи ги своите потези на замрзнатите езера во оддалечените места во природата.

Две 11-годишни девојчиња биле спасени откако во саботата се заглавиле на замрзнатиот дел од реката Трент, во Нотингемшир.