Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изненадува фактот што бројката на малолетници што биле фатени од полицијата како возат автомобил без да имаат положено за тоа, само во 2021 година, за нецели два месеца, изнесува 782 малолетни лица, велат статистиките на Министерството за внатрешни работи

СЀ ПОЧЕСТИ ИГНОРИРАЊАТА НА ПРВОТО ПРАВИЛО ЗА УПРАВУВАЊЕ НА МОТОРНИТЕ ВОЗИЛА

Малолетниците и оние возрасни граѓани што немаат возачка дозвола издадена од Министерството за внатрешни работи се чини дека немаат никаков проблем да управуваат моторно возило по патиштата и улиците во земјава. Секојдневните извештаи што МВР ги објавува за секојдневните сообраќајни контроли низ улиците на сообраќајната полиција покажуваат дека граѓаните воопшто не се плашат од санкциите што произлегуваат од управувањето моторно возило без возачка дозвола. Позастрашувачки е фактот што тука спаѓаат и малолетниците, кои очигледно не размислуваат за сериозните последици што можат да ги предизвикаат а кои би произлегле од нивното непознавање на сообраќајните правила и прописи. Уште повеќе изненадува фактот што бројката на малолетници што биле фатени од полицијата како возат автомобил без да имаат положено за тоа, само во 2021 година, за нецели два месеца, изнесува 782 малолетни лица.
Минатата година оваа бројка воопшто не е за занемарување, таа изнесува неверојатни 3.848 малолетни учесници во сообраќајот без возачка дозвола.
– На подрачјето на Секторот за внатрешни работи – Скопје во 2020 година се санкционирани 3.848 учесници во сообраќајот, а во текот на 2021 година 782 учесници во сообраќајот – велат статистиките на МВР.
За граѓаните, ваквата појава е недозволива, особено ако се земе предвид фактот дека станува збор за деца што се целосно неискусни во сообраќајот и кои лесно можат да предизвикаат катастрофи низ улиците.

– Мојот сосед има навистина голем проблем со својот син, кој постојано во вечерните часови го краде неговиот автомобил. Ќе се соберат друштво од неколкумина, го земаат возилото и возат низ населбата. Возат брзо, бесно и крајно несовесно. Соседот веќе не знае што да преземе за да не се случуваат вакви работи. Син му има само 16 години. Воопшто не е свесен за последиците што може да произлезат од неговото неискуство – вели Илија Димовски.
Најчестите причини поради кои малолетниците крадат возила се забава и дружба со пријателите, но и моментот да се истакнат во групата.
Според нашите истражувања, тие најчесто возат во населбите околу нивните домови, на празни паркиралишта, каде што прават разни маневри со возилата, но и честопати заминуваат на Водно и другите поизолирани локации низ градовите.
Сепак, малолетниците не се единствените во оваа категорија учесници во сообраќајот. Меѓу нив има и возрасни лица, кои или воопшто немаат возачка дозвола или, пак, знаат да возат но немаат важечка возачка дозвола.
– Зборовите „возеле без возачка дозвола“ во објавите за санкционираните возачи во Скопје означуваат дека моторно возило управувало лице што нема важечка возачка дозвола издадена во Република Северна Македонија, во која е впишана категоријата на која ѝ припаѓа моторното возило – информираат од МВР.

Постарите лица што управуваат возило, а кои досега не полагале за управување моторно возило, велат дека ги познаваат сообраќајните правила, но дека никогаш досега не им се укажала можност да полагаат.
– Секојдневните многубројни обврски не ми дозволуваат да земам часови и да полагам за возачка дозвола. Секако, тука се и финансиите, кои никако не можам да ги обезбедам за да можам да полагам. Потребни се повеќе од 20 илјади денари, кои јас не можам да ги обезбедам, бидејќи со тие пари цел месец живеам со семејството. За среќа, мојата сопруга има возачка дозвола, па најчесто таа вози, но кога мора, возам и јас. Внимавам на сообраќајот и на правилата иако немам дозвола – вели Томе Ѓорѓиевски.

[email protected]