Франција, Холандија, Германија и Италија не сакаат да заостануваат зад Велика Британија и подготвуваат големо враќање на своите флоти во светските мориња, зашто без контрола на море, нема ни глобално геополитичко влијание. Европската Унија се прогласи себеси за „Глобална ЕУ“, но за навистина да стане таква (со империјалистички апетити?!), мора да ја распореди својата воена флота на поморските комуникациски линии и да ја одржува таму. Планот е ЕУ самостојно да обезбеди бродови способни за експедициско војување и долготрајно распоредување флоти далеку од матичното копно

Какво значење имаат проектот и мотото „Глобална ЕУ“, лансирани од страна на Европската Унија

И Европската Унија – водена од стратегиските потреби на најмоќните европски држави – исто како и Велика Британија по брегзит, сака да израсне во глобална сила: глобална ЕУ. Оттука, додека ударната група од британскиот носач на авиони „Кралица Елизабета“ ги „пегла“ Индиски Океан и Пацификот – со повремени демонстративни упади на териториите на Јужно Кинеско Море (да се покаже дека Велика Британија повторно сака да биде глобална) – исти вакви амбиции најавуваат и континенталните европски сили. Ниту Франција, Холандија, Германија и Италија не сакаат да заостануваат зад Велика Британија и подготвуваат големо враќање на своите флоти во светските мориња, зашто без контрола на море, нема ни глобално геополитичко влијание.

Се крие ли империјализам зад амбициите на содржините на проектот „Глобална Европа“?

Европската Унија, исто како и Обединетото Кралство, по меѓусебната разделба се прогласи себеси за „Глобална ЕУ“, а за навистина да стане таква, мора да ја распореди својата воена флота на поморските комуникациски линии и да ја одржува таму. Зад оваа одлука за „Глобална ЕУ“ во суштина се крие она што некогаш едноставно се нарекуваше – империјализам. Истиот империјален импулс што ја поттикна британската одлука за враќање на своите воени ефективи на позициите „источно од Суец“ и на старите колонијални маршрути, во основа ги придвижува и водечките држави на Европската Унија. Доколку сакаат да бидат присутни на светските мориња, на европските сили не им е доволна само воена морнарица, туку им требаат и големи флотни танкери за снабдување со гориво на отворено море, како и бродови за снабдување на флотите со храна, вода, резервни делови и оружје. Секако, поморски бази добро би дошле и во „банана-државите“ во светот, пред сè на Индопацификот, врз кои, поради конкуренцијата со Кина, сериозно е насочено вниманието на американските и на европските стратези.
Водечките европски сили иницираа програми за изградба на поголем број помошни бродови, кои ќе треба да обезбедат континуиран престој на нивните флотни групации низ светските мориња. Франција, Германија, Холандија и Италија се во различни фази на набавка на големи помошни бродови, кои би требало да ги заменат оние старите, чии почетоци датираат уште од седумдесеттите години на минатиот век. Во сегашниов распоред на европските флотни сили на светските поморски комуникации, нивниот број веќе не е доволен, па затоа, освен замената на старите бродови со нови, се планира и зголемување на нивната бројност, а со тоа и на вкупната тонажа на бродови за логистичка поддршка на флотите.
Во фокусот на опремувањето на европските морнарици со бродови за поддршка на отворено море се големите танкери, чија задача е да ги обезбедат флотите со потребното гориво за долготраен престој на море, далеку од домашните бази. Во европските проектни институти и бродоградилишта, тековно се работат дури четири проекти за големи флотни танкери, а три од нив предвидуваат хеликоптерски платформи и хангари.

Во контекст на проектот „Глобална ЕУ“, во тек е изградба на најмодерна европска флота

Мноштво бродови се наоѓаат во различни фази на проектирање и изградба. Сите нови бродови, освен функцијата за снабдување со гориво, ќе имаат капацитет и за транспорт на стандардни бродски контејнери со резервни делови и опрема, како и способност за снабдување на неопходните количества муниција и смртоносно оружје и, секако, за снабдување со храна. Тие располагаат и со капацитети за производство на вода за пиење и давање медицинска помош. Поради сево ова, за разлика од некогашните класични флотни танкери, повеќенаменските бродови – благодарение на големината и способноста за вградување системи за оружје и прием на транспортни и борбени авиони – може да се употребат и за борбени цели, особено во операциите на поморски десанти.
Во моментов Франција, Германија, Италија и Холандија, чии флоти се предводници во излезот на воените флоти на ЕУ кон светските мориња, на располагање имаат дури 11 од вкупно постојните 14 големи европски флотни танкери и снабдувачки бродови за поддршка на флотите на отворено море. Доколку ЕУ сака да продолжи да гради нов настап и присуство на глобалната сцена преку проекција на својата воена (а со тоа неизбежно и поморска моќ), изградбата на нови и замената на старите бродови за снабдување на флотите едноставно мора да се реализираат.
Германија во овој момент во составот на својата воена морнарица има пет големи помошни бродови, Италија има три, Холандија еден, а Франција два. Нивната важност порасна со излегувањето на Велика Британија од Унијата, затоа што британската Кралска морнарица располага со четири повеќенаменски бродови за поддршка на својата флота и со три флотни танкери, кои пред британскиот излез од ЕУ беа во состав на поморските сили на ЕУ. Лондон процени дека постојните бродови за флотна поддршка не се доволни за востановување на „Глобална Велика Британија“, односно враќање на британските воени ефективи на подрачјата на кои некогаш владееше британското колонијално царство. Секако, фокусот е врз Индопацифичкиот Регион и натпреварот со Кина.

ЕУ не сака да заостанува на ова поле, па, така, Италија планира да ги замени своите два флотни танкери од 9.000 тони од класата „Стромболи“, со најмалку еден повеќенаменски брод за снабдување од класата „Вулкано“. Првиот брод од ваков тип на 12 март 2021 година иницијално беше воведен на флотната листа, додека полна оперативна способност ќе има некаде кон средината на 2022 година. Се работи за голем повеќенаменски брод со должина над 200 метри, оспособен да обезбеди целосна логистичка поддршка на воените флоти во океаните, вклучувајќи снабдување со гориво, свежа вода, храна, резервни делови и муниција. „Вулкано“ има капацитет за транспорт на 15.500 тони товар. Капацитетот за складирање и транспорт на гориво изнесува 7.655 тони НАТО Ф76 дизел-гориво, 3.160 тони НАТО Ф44/ЈП5 авионско гориво, 820 тони вода за пиење и 220 тони муниција. Вакви способности имаат и сите други нови европски бродови за снабдување што се во фаза на изградба или се воведуваат во состав на морнариците. Исклучок од ова се само новите германски бродови за снабдување од типот „707“, кои немаат вградено хеликоптерска платформа и хангари.
Франција своите два преостанати флотни танкери ќе ги замени со четири нови бродови за снабдување од класата „Жак Шевалие“, со тежина од 31.000 тони. Воведувањето во составот на морнарицата на првиот од нив се очекува да биде реализирано на почетокот на 2023 година. Со оглед на тоа дека имаат слични потреби, Франција и Италија соработуваа при развојот на бродовите „Вулкано“ и „Шевалие“, така што дизајните на овие две класи бродови имаат многу заеднички решенија и компоненти. Холандија разви свој сопствен дизајн за голем флотен танкер и откако во 2014 година му го продаде својот танкер „Амстердам“ на Перу, во моментов располага само со еден повеќенаменски брод за поддршка, „Карел Дорман“ (27.000 тони), на кој до 2025 година треба да му се придружи уште еден што е во фаза на изградба, именуван „Ден Хелдер“ (24.000 тони). Холандските бродови се предвидени за сместување и употреба на тешките транспортни хеликоптери „Чинук“. Два вакви хеликоптери можат истовремено оперативно да дејствуваат од „Карел Дорман“ и идниот „Ден Хелдер“. На бродовите има хангари за сместување до шест средни хеликоптери од типот „НХ-90“, АС-532 „Кугар“ и борбени АХ-64Д „Апачи“.

Европската флота ќе биде способна за експедициско војување и долготрајно распоредување далеку од матичното копно

Германија започна со изградба на два брода за снабдување од типот „707“ (20.000 тони), кои треба да ги заменат постарите танкери од класата „Рон“, од типот „704“. Изградбата на нови танкери и бродови за снабдување за Франција и за Италија, кои имаат поголем капацитет од постарите бродови, ја одразува потребата на Париз и на Рим за обезбедување бродови способни за експедициско војување и долготрајно распоредување флоти далеку од матичното копно. Големите танкери за континуирана достава на гориво, претставуваат клучна компонента на стратегиското распоредување ударни групи на носачи на авиони на светските поморски комуникации и чувствителните точки за поморскиот сообраќај, како што се Малајскиот Теснец, Бабал-Мандаб и Суецкиот Канал. Новите бродови што се во изградба или веќе се воведуваат во составот на воените флоти на европските сили, обезбедуваат и севкупна логистичка поддршка за флотите, која вклучува дополнување муниција, дополнително оружје, резервни делови и храна.
Во случајот на Франција, распоредувањето на четирите брода за поддршка на отворено море ќе ја зголеми способноста на француската морнарица за континуирани операции на голема оддалеченост од матичното копно и обезбедува борбена поддршка за носачот на авиони „Шарл де Гол“, исто како и на неговиот иден наследник. Француската морнарица порано имаше на располагање пет помошни бродови од класата „Дуранс“, способни за океанска поддршка, меѓутоа, оваа флота спадна на два брода – малку поради притисоците за намалување на државниот буџет, а малку и поради занемарување на потребата за континуирана поддршка на флотата, која подолго време би била распоредена надвор од матичната база. Воведувањето во употреба на бродовите од класата „Шевалие“ ќе ѝ обезбеди на француската морнарица брод со флексибилен дизајн, кој може да се користи не само како класичен флотен танкер туку и како брод за целосна логистичка поддршка и команден центар со способности за употреба во секакви воени интервенции во светот.

ЕУ сѐ уште прескромна во споредба со логистичките капацитети на воените морнарици на Кина или на САД

Програмите за зајакнување на поморските способности на европските сили, а со тоа и јакнење на можноста за проекција на својата воена моќ во согласност со геополитичките интереси, ќе ги засили логистичките капацитети на европските флоти за вкупно 213.400 тони носивост.
Иако овие нови ефикасни проекти за повеќенаменски бродови ќе ги додадат прекупотребните дополнителни способности за европските поморски сили, капацитетите на ЕУ за поморска логистичка потпора дури и со овие нови инвестиции остануваат скромни во споредба со логистичките капацитети на воените морнарици на Кина или на САД. Сакал или не, доколку планира да ја одржи својата флота на клучните поморски комуникации (особено правецот кон Индиски Океан и Пацификот, многу важен за Унијата), Брисел ќе биде принуден да вложи дополнителни инвестиции – како во борбени така и во помошни бродови за снабдување, кои ќе бидат способни подолго време да ја следат флотата на отворено море кога таа е далеку од базата. ЕУ ќе мора дополнително да ги зголеми капацитетите за поддршка на националните флоти на своите клучни членки, за на тој начин да ги усогласи со своите поморски и безбедносни амбиции.
Европската Унија со своите водечки членки се вклучи во нова трка за поморско вооружување и натпревар за контрола над светските поморски комуникации, преку кои се одвива речиси 90 отсто од светската трговија. Новата поморска трка неодоливо потсетува на трката на светските сили во изградба на воени флоти, која се случуваше кон крајот на 19 век и непосредно пред Првата светска војна. Новата поморска трка и распоредувањето флоти по светските океани се само уште една потврда дека на сцената е истиот геополитички феномен, зад кој се крие империјалниот импулс – истиот оној што ги иницираше големите војни на 20 век. Во крајна линија, ова не е ништо необично, бидејќи е веќе очигледно дека повеќето актуелни геополитички поставки се аналогни на оние пред избувнувањето на големите светски војни.

„Геополитика њуз“